Европа
(Видео) Снимката за наводната палата на Путин прегледана над 100 милиони пати

Видеото со наводната „палата на Путин“ направено од уапсениот руски опозиционер Алексеј Навални е прегледано повеќе од 100 милиони пати, покажуваат податоците кои денеска ги објави компанијата „Јутјуб“.
Тимот на Навални објави видео во кое се покажува целиот сјај на палатата на Црното Море, која, според нивните тврдења, му припаѓа на претседателот на Русија, потсетува „Ројтерс“.
Стнува збор за речиси двочасовно видео во кое се презентираат резултати од голема истрага која се однесувала на богатството на Путин, а преку кое ѝ се овозможува на јавноста за првпат да ѕирне во палатата на Црното Море, која според тврдењата му припаѓа на Путин.
Според плановите, самиот замок има 17.691 квадратни метри, и се состои од 11 спални соби, неколку дневни соби и сали, приватен театар, кино, казино, два базена, пекарница и „валкани простории“ со непозната намена. Собите имаат мермерни подови и столбови, а ѕидовите се раскошно украсени, направени по урнек на кралските палати во Санкт Петербург. Тие се опремени со кадифе и богати теписи.
Посебен дел од извештајот е посветен на описите на неверојатно скапиот мебел направен по нарачка, од луксузна италијанска марка. Меѓу споменатиот мебел се наоѓа маса во вредност од 56 илјади долари и тросед во вредност од 27 илјади долари.
Во врска со овие обвинувања, Путин коментираше дека тој не е сопственик на палатата, ниту некој од неговото семејство.
„Не го гледав целиот филм, туку само деловите што ми ги подготвија соработниците. Ништо од сниманото во филмот не ми припаѓало на мене или на некој од моите блиски роднини. Никогаш”, рече Путин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
(Фото) Естонија ја откри патеката на летот на руските авиони вклучени во упадот

Министерството за одбрана на Естонија ја објави патеката на летот на трите руски воени авиони кои го нарушиле естонскиот воздушен простор.
Во соопштението се наведува дека италијански борбени авиони на НАТО ги придружувале руските летала при напуштање на територијата.
„Нарушувањето“ се случило над Финскиот Залив, северно од главниот град Талин, соопшти министерството.
Објаснуваат дека руските авиони од типот МиГ-31 летале „паралелно со државната граница, од исток кон запад“.
Се додава дека тие навлегле помалку од 10 километри во естонскиот воздушен простор.
Европа
Сајбер-напад предизвика проблеми на европските аеродроми

Сајбер-напад насочен кон давател на услуги за системи за пријавување и качување во авион го наруши работењето на неколку европски аеродроми, предизвикувајќи одложувања и откажувања на летови на аеродромите во Брисел и Берлин, соопштија операторите.
Нападот ги оневозможи автоматизираните системи за пријавување и качување во авион, принудувајќи го оперативниот тим на аеродромот да премине на рачни процедури, што значително го забави процесот, се вели во соопштението на аеродромот во Брисел, објави Ројтерс.
Како што е наведено, сајбер-нападот имаше големо влијание врз распоредот на летовите, а патниците беа предупредени да очекуваат одложувања.
Давателот на услуги наведува дека активно работи на решавање на проблемот и враќање на системот во функција.
„Поради технички проблем со давател на систем кој работи низ цела Европа, има подолго време на чекање за пријавување. Работиме на брзо решавање на проблемот“, соопшти аеродромот во Берлин на својата веб-страница.
Аеродром Франкфурт, најголемиот во Германија, не беше засегнат и функционира нормално.
Засега не е познато кој стои зад нападот.
Европа
Остатоци од ракета пронајдени во источна Полска

Наводни делови од ракета, за која се верува дека е употребена за соборување беспилотно летало, можеби се пронајдени во источниот регион Лублин, соопшти полската воена полиција повеќе од една недела откога Полска, со поддршка од авиони на НАТО, собори руски беспилотни летала во својот воздушен простор.
Се очекува разгранокот на воената полиција во Лублин да спроведе форензичко испитување на деловите, соопштија властите на „Икс“.
Минатата недела Полска соопшти дека руски беспилотни летала го нарушиле нејзиниот воздушен простор во текот на ноќта кон средата додека Русија ја напаѓаше Украина.
Русија соопшти дека не ја таргетирала Полска.
фото: принтскрин