Економија
Средба Бесими-Брнз: Претставена реформската агенда на Министерството за финансии

Министерот за финансии Фатмир Бесими оствари средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Кејт Мари Брнз, која беше придружувана од директорот на УСАИД во земјава, Ерик Јановски.
На средбата беше претставена реформската агенда на Министерството за финанисии, која се заснова на економското заздравување, Програмата за управување со реформите во јавните финансии – ПФМ, либерализацијата и развојот на финансиските пазари и борбата против сивата економија. Притоа беше презентирана Стратегијата за паметен раст (Smarter Growth) како и столбовите врз кои темели, односно заздравување од ковид-кризата, забрзан, инклузивен и одржлив економски раст, зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор и инвестиции во човечки капитал.
Од страна на министерот беше посочено и дека е направен единствен и сеопфатен план на капитални инвестиции кои се од стратешко значење на среден рок. Понатаму, од неговата страна беше истакната заложбата за фискална консолидација на среден рок, односно постепено намалување на јазот помеѓу приходната и расходната страна во Буџетот, во насока на одржување на стабилноста во јавните финансии.
На средбата разменија мислења за подобрување економската конкурентност во земјава, преку зголемување на продуктивноста и интеграцијата кон евроатланските и регионални пазари, за поддршка на зголемен придонес на младите во општеството и намалена корупција, како и за договорот за партнерство којшто нашата држава го има со САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
УЈП: Поднесувањето на МПИН-пресметките завршува утре

Вкупно 59.681 даночни обврзници веќе поднеле МПИН пресметки за месец март. Од нив, 30.090 даночни обврзници веќе ги платиле МПИН пресметките за исплата на мартовската плата. До крајниот законски рок – утре, 10 април, четврток до полноќ, се очекува уште 5.000 даночни обврзници да поднесат пресметки за плата за месец март, соопштија од Управата за јавни приходи.
Од таму потсетуваат даночните обврзници да направат проверка на своите профили на системот „е-Даночни услуги“ и да ги преземат кодовите кои веќе се изработени и се поставени на профилите, а апелираме даночните обврзници кои сè уште немаат поднесено барање за издавање на код за идентификација тоа да го направат преку „е-Даночни услуги“.
Управата за јавни приходи изготви видео-корисничко упатство кое ги објаснува сите чекори потребни за навремено подигнување и инсталирање на кодот за идентификација со кој ќе може да се поднесат пресметките за плата за месец март.
Даночните обврзници кои имаат потреба од поддршка при процесот за инсталирање на кодовите може да се обратат на контакт лицата назначени од Управата за јавни приходи.
Економија
„Како до повеќе инвестиции во зелената енергија“ – Божиновска за амбициозните планови на Македонија на самитот „ЕСГ адрија“ во Тиват

На престижниот ESG Adria Summit 2025 во Тиват, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска активно учествуваше во дискусија за одржливиот развој и зелената транзиција.
Настанот, кој се одржува под покровителство на претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ и премиерот Милојко Спајиќ, обедини над 700 водечки експерти, претприемачи и политичари од регионот, посебно се фокусираше на практичните решенија за забрзување на зелената транзиција, со акцент на иновативните финансиски модели и јавно-приватното партнерство.
Во својот настап на панелот „Мобилизирање на капитал за зелени проекти“, министерката Божиновска детално ги презентираше напорите на Македонија во процесот на зелена транзиција.
„Од првиот ден на нашата влада, фокусот е на развој на енергетската инфраструктура што ќе обезбеди долгорочна стабилност, одржливост и економски напредок. Нашата стратегија се заснова на паралелен развој на државната енергетска инфраструктура и поттикнување на приватните инвестиции во обновливи извори на енергија. Со поддршка на ЕБРД, активно работиме на воведување на иновативни финансиски механизми како Contract-for-Difference, кои ќе ги намалат ризиците за инвеститорите. Зелената транзиција мора да биде праведна. Затоа, стратешки остануваме посветени на модернизацијата на РЕК Битола, но истовремено градиме соларни и ветерни централи за да постигнеме 38% удел на обновливите извори до 2030 година. Регионалната соработка е клучна. Изградбата на нови интерконекции со Албанија, Грција и другите соседи ќе го зацврсти регионот и ќе ги отвори вратите за поголеми инвестиции“, истакна Божиновска.
Министерката посебно ги нагласи клучните проекти како модернизацијата на РЕК Битола, изградбата на нови соларни и ветерни централи, како и развојот на когенеративни централи како преодно решение.
Нагласувајќи ја важноста на регионалната соработка, министерката истакна дека Македонија активно работи на изградба на нови интерконекции со соседните земји. „Ова ќе овозможи поголема стабилност на енергетскиот систем и ќе отвори нови можности за трговија со чиста енергија“, објасни таа.
Покрај министерката Божиновска, на панелот учествуваа и високи претставници на ЕБРД, Меѓународната финансиска корпорација и водечки компании во областа на обновливата енергија. Дискусиите ја истакнаа потребата од појасни регулативи, поголема транспарентност и посилна регионална координација за успешна имплементација на зелените проекти.
Овој настан, според министерството, потврди дека Западниот Балкан претставува клучен играч во европската зелена транзиција, но дека за постигнување на амбициозните климатски цели се потребни континуирани инвестиции и политичка посветеност.
Економија
Поевтинуваат горивата

Цените на горивата од ноќеска поевтинуваат за 2 и за 2,5 денари, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад.
Од 10.4.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 66,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 66,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 38,965 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалува за 2,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 1,041 ден/кг и сега ќе изнесува 38,965 ден/кг.