Македонија
(Видео) Милошоски: Kоруптивни набавки и договори во АД ЕЛЕМ и РЕК Битола
Дали СДСМ намерно не реализираат набавка за купување на механизација за РЕК, за да склучуваат милионски договори во четири очи, праша денеска Антонијо Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, зборувајќи за коруптивни набавки и договори кои што случуваат во АД ЕЛЕМ и во РЕК Битола.
„На 21.12.2020 година АД ЕЛЕМ склучи повеќе договори со приватни фирми „Постапка со преговарање без објавување на оглас” односно Договор во четири очи вреден шест милиони и шестотини илјади евра. Станува збор за склучување на договори во четири очи за услугата ‘ангажирање на помошна механизација за потребите на рударската оператива во ПЕ (производна единица) РЕК Битола’. Ангажирана опрема е булдожер, хидроуличен багер-гасеничар, телескопски чистач на транспортна лента, камион дампер, утоварна лента, скип и грејдер. Со овие договори видовме и во претходниот период дека најчесто подизведувачи се камиони со струмички таблици за коишто постојат индиции дека припаѓаат на семејството на фамилијата на власт.
Во предизборната програмата во 2016 година ‘План за живот’ на страна 220 СДСМ објави дека нивниот главен проект за РЕК Битола ќе биде набавка механизација за потребите на РЕК Битола за како што истакна сегашниот директор на ЕЛЕМ да не се случуваат повеќе понатаму коруптивни договори во РЕК Битола. Но, директорот на ЕЛЕМ, поранешен пратеник на СДСМ откако е дојден на власт од 2017 година до денес го немаат реализирано она што го ветија.Напротив само во декември 2020 година склучиле четири договори во четири очи кои што се вредни шест милиони и шестотини илјади евра. Овие договори СДСМ ги нарекуваше коруптивни договори“, додаде тој.
Според Милошоски, токму ваквите договори се дел од одговорот на прашањето зошто Македонија падна на историски најниското 111 место на рангирањето за борба против корупција и овие договори се веројатно она и што го посочи холандскиот амбасадор во едно скорешно интервју кога изјави дека освен блокадата од Бугарија пробајте како држава да се позанимавате и со борбата против корупцијата.
„Дали СДСМ намерно не ја реализираат набавката на сопствена механизација на РЕК Битола за да можат да склучуваат договори во четири очи и да продолжат со вакви договори кои што ги нарекуваа “коруптивни договори” до 2016 година? Дали СДСМ е партија која што им дава предност на семејните фирми на партијата на власт, а не е спремна да се бори против корупцијата. Моменталната состојба во енергетиката е катастрофална и енергетските компании ТЕЦ Осломеј, ТЕЦ Неготино исто така се дел од неспобноста на оваа Влада каде што Владата во моментов која што е неспособна да ги разработи ТЕЦ Осломеј, ТЕЦ Неготино изготвува студија за нивна продажба. Продажбата на ТЕЦ Осломеј и ТЕЦ Неготино исто така нешто што ќе се одрази и на РЕК Битола ќе остави многу луѓе на улица. Веројатно некој од власта ќе успее да ги купи за евтини пари, но многу луѓе во Неготино, во Кичево и во Битола ризикуваат да останат без работа.Ова наликува на сценариото на намерно уништување на овие комбинати, намерно нивно обезвреднување како во време на транзицијата за да може ТЕЦ Неготино и ТЕЦ Осломеј да бидат продадени за малку пари.Дали СДСМ повторно спрема “бонбона бизниси” со овие енергетски капацитети? За четири години владеење на СДСМ видовме сẻ, но не видовме добро менаџирање со енергетските капацитети во Република Македонија како што беше ветувано во нивната програма ‘план за живот’. Единствено имаме покачување на струјата и како што гледаме преку Транспаренси Интернешнл покачување на корупцијата. За жал дел од оваа корупција е приметена и во тендерите кој што во моментов се одвиваат во РЕК Битола“, вели тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Работниците се двојно попродуктивни од она што го добиваат преку платите, велат од ССМ
Македонските работници создаваат повеќе од двојно поголема економска вредност од она што го добиваат како плата, покажуваат податоците на Меѓународната организација на трудот (ILO), кои денеска ги посочи Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Според индикаторот за бруто домашен производ по одработен час, продуктивноста во Македонија изнесува околу 34 американски долари по час, што е над светскиот просек од 23,27 долари. Пресметано на месечно ниво, со просечни 168 работни часови, еден работник создава 297.024 денари економска вредност.
Наспроти тоа, нето минималната плата во државата изнесува 24.379 денари, што значи дека работник кој зема минимална плата добива само 17 проценти од вредноста што ја создава.
Од ССМ оценуваат дека распределбата на создадената вредност е „непропорционална и неправедна“, при што најголемиот дел завршува во профит, инвестиции, амортизација, даноци и други капитални трошоци, а не кај работниците.
-Очигледно е дека обидите да се сопре растот на минималната плата не произлегуваат од продуктивноста на работниците, туку од тоа колку се богати газдите и функционерите на сметка на работничкиот труд, наведуваат од ССМ.
Според синдикатот, продуктивноста на македонските работници е повисока од онаа во дел од земјите во регионот, како Црна Гора, Србија, Босна и Албанија, а блиску до нивото на Бугарија. Сепак, минималната плата во Македонија останува значително пониска од повеќето соседни земји.
ССМ заклучува дека работниците се експлоатирани, а ваквата состојба, според нив, е поддржана од страна на работодавачите и институциите, нагласувајќи дека во државата постои економски простор за поголем раст на платите.
Македонија
Осомничениот за убиството за жената од Челопек е поврзан и со други кривични дела
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово изврши увид на лице место во селото Челопек, каде беше пронајдено безживотно тело на 78-годишна жена, за која постојат сомненија дека насилно била лишена од живот.
Од Обвинителството информираат дека се издадени повеќе наредби за обезбедување докази и траги од местото на настанот, кои ќе бидат предмет на дополнителни вештачења со цел целосно расчистување на случајот.
Во врска со настанот, едно лице е лишено од слобода под сомнение дека е сторител на кривичното дело убиство. Постојат индиции дека истото лице во претходниот период можеби било инволвирано и во други кривични дела на подрачјето на кумановско, поради што, по наредба на јавен обвинител, се преземаат интензивни дејствија за утврдување на сите околности и евентуалната поврзаност меѓу настаните.
Од Обвинителството посочуваат дека по целосно испитување на фактите и прибирање на сите релевантни докази ќе биде поведена соодветна постапка против осомниченото лице.
Македонија
Мицкоски: Пораките на Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници
Пораките на американскиот државен секретар Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници, светот веќе не функционира по старите правила. Како Влада, продолжуваме посветено да го зајакнуваме нашето место во трансатлантската заедница.
Подготвени сме да одговориме на предизвиците, да ја модернизираме нашата одбрана и да обезбедиме сигурна иднина за нашите граѓани, објави премиерот Христијан Мицкоски, од Минхен.
Мицкоски од вчера престојува во повеќедневна посета на Сојузна Република Германија, каде што учествува на 62. Минхенска безбедносна конференција, на која, како што соопшти владината прес-служба, ќе ја реафирмира определбата на државата за предвидлив и фер процес на интеграција во Европската Унија, без дополнителни билатерални условувања.

