Македонија
Специјалецот Игор Спасов, осуден за убиството на Мартин Нешковски, уапсен во Софија

Бугарската полиција го приведе специјалецот Игор Спасов, осуден за убиството на Мартин Нешковски, потврдуваат од МВР. Спасов бил приведен попладнево во Софија, откако по него беше распишана меѓународна потерница пред година и три месеци. Осудениот за убиството на Нешковски е спроведен во притвор по што ќе треба да биде екстрадиран во Македонија.
Поранешниот специјалец Спасов е осуден на казна затвор 14 години за убиството на Мартин Нешковски, а кое се случи вечерта по прославата на ВМРО-ДПМНЕ по победата на парламентарните избори во 2011 година.
Казната затвор ја издржува од 2011 година, а му беше ставена во прекин во 2018 година поради здравствени проблеми. Потоа, тој избега. Спасов требаше да се јави во затворот „Идризово“ на 18 октомври 2019 година. Спасов се бараше на територија на државата, но откако истражните органи не го пронајдоа и немаа никаква дојава за него, на крајот на октомври 2019 година МВР распиша меѓународна потерница по него.
По неговото бегство, кружеа шпекулации дека тој е во Турција, но и дека во акцијата се вмешани полициски службеници. Јавното обвинителство во Штип во 2019 отвори и истрага за да утврди кој сè е вмешан, но и како Спасов успеал да ја напушти државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) „Филипче е срам за Македонија, наместо да ја кодоши државата, треба да биде во линија со националните интереси“, вели Петрушевски

„Венко Филипче е срам за Македонија, наместо да биде во линија со националните интереси, тој по примерот на Зоран Заев оди и ги поткопува позициите на државата во Атина. Венко Филипче го користи секој свој јавен настап надвор за да ја кодоши државата и да ги руши нејзините позиции со лаги и измислици“, вели Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Што го тера Венко Филипче да ја пљука државата надвор? Дали Венко Филипче знае дека како опозиционер има обврска да биде во линија со националните интереси, или сепак не може да се надмине себе си, и струмичката политика на Заев, која се темели на предавства и коленичење?
Македонија под водство на ВМРО-ДПМНЕ во преден план ги има долгорочните интереси на нацијата и државата.
ЕУ е една од тие цели, но целта сама по себе не може да биде оправдување за лоши чекори за нејзина реализација.
ЕУ е местото каде природно припаѓаме, и таму мора да влеземе под јасни критериуми, а не со билатерални условувања, кои немаат врска со демократија, европски вредности и начела.
Филипче мора да разбере, дека покрај ЕУ, целта на државата и нацијата е да го зачува достоинството. Затоа кога следен пат ќе му текне да кодоши, нека се сети дека не му прави штета на ВМРО-ДПМНЕ, што всушност посакува, туку на идните генерации кои очекуваат одговорна политика од оваа генерација политичари, од кои и тој е дел“, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Актуелното раководство се бори со катастрофата создадена од СДСМ во РЕК ‘Битола’ и во ‘Осломеј’“, реагираат од АД ЕСМ

„Катастрофата што СДСМ ја создаде во АД ЕСМ е најочигледна преку секојдневната борба на новото раководство да го одржи производството во Рударско-енергетските комбинати РЕК Битола и РЕК Осломеј. Актуелното раководство ја наследи компанијата во целосен колапс и за тоа ќе одговараат виновниците“, реагираат од АД ЕСМ.
„Нема ден да не се соочуваме со предизвици како резултат на недомаќинското и нестручното управување со производствените капацитети во изминатите години. Штетата нанесена на термоцентралите и рудниците за јаглен бара натчовечки напори за стабилизација и за жал, последиците од нивното неразумно владеење и деструкција ќе се чувствуваат уште некое време. Процесите на консолидација се комплексни и едноставно не можат да се реализираат за неколку месеци.
Зачудувачка е дрскоста на опозицијата што се осмелува да коментира за одржувањето на постројките, кога токму тие се одговорни за:
· Оставање на термокапацитетите без неопходни ремонти.
· Систематска негрижа за механизацијата и урнисување на рудниците преку хаотично копање надвор од рударските проекти.
· Празни депонии без јаглен.
· Неплански исцицан хидропотенцијал.
· Систематско полнење со партиски, нестручни кадри во сите сектори, подружници и ДООЕЛ-и, и за деформирани систематизации кои ја доведоа компанијата во финансиска и организациска бездна.
· Закупи на LNG терминал и прекугранични капацитети преку кои не е можно да се донесе ниту 1 грам гас до државата и за кои ќе претрпиме најмалку 50 милиони евра штета во наредните 15 години, за колку што нè врзале со штетни договори.
И за сето останато за кое се доставени или допрва ќе се достават сите наоди до соодветните институции за постапување.
Затоа, апелираме СДСМ да престане со шпекулации и со дрски обвинувања заради собирање евтини политички поени преку грбот на РЕК Битола и Осломеј“, се наведува во соопштението на АД ЕСМ.
Македонија
Лимани: Младите се во центарот на нашите политики, а инклузијата не е опција, туку потреба

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани заедно со заменик министерот, Ѓоко Велковски и претставници на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), ја посетија Националната младинска летна школа за социјална инклузија, која се одржува во Маврово.
Во своето обраќање пред присутните млади, министерот Лимани искажа задоволство од изразениот интерес на младите за учество на летната школа и благодарност до Амбасадата на Германија во земјава вклучително и ГИЗ за соработката.
„Вистинско задоволство е да бидеме пионери во креирањето на платформи за зајакнување на нашата младина. Ова е прво издание на Националната младинска летна школа за социјална инклузија, иницијатива која го носи силниот печат на нашето Министерство за социјална политика, демографија и млади. Прва Национална младинска летна школа за социјална инклузија — иницијатива која го носи духот на солидарноста, еднаквоста и визијата за поинклузивно општество,“ истакна Лимани.
Тој посочи дека школата не е само проект, туку симбол на нов почеток. Симбол на партнерство, на заедничка работа и на вистинска посветеност – и од институциите, и од младите.
„Денес испраќаме силна порака – дека младите се во центарот на нашите политики и дека инклузијата не е опција, туку потреба. Во едно здраво и праведно општество, никој не смее да биде оставен зад себе. Затоа сме тука: да ги слушнеме младите, да ги поддржиме, да ги охрабриме да бидат носители на промените што сакаме да ги видиме“, порача Лимани.
Тој се осврна на суштината на школата која претставува простор за учење, вмрежување, градење лидерски вештини, но и за развој на чувствителност и одговорност кон другите. Преку предавања, работилници и практични активности, спорт, младите имаат можност да ги развијат своите потенцијали и да станат гласници на социјалната правда во своите заедници.
„Како Министерство, остануваме посветени на креирање на инклузивни младински политики, заштита на ранливите групи и зајакнување на гласот на младите. Ова е само почеток – и верувам дека заедно, со поддршка од партнерите, ќе изградиме трајни решенија кои ќе ја направат нашата држава похумана, поправедна и поеднаква за сите“, порача Лимани.