Свет
СЗО: Ракот на дојка најчеста форма на карцином во светот

Ракот на дојка го надмина ракот на белите дробови како најчеста форма на рак во светот, објави Светската здравствена организација
„Ракот на дојка сега е за првпат најчестиот карцином во светот“, рече Андре Илбави, специјалист за карцином при СЗО на брифингот на ООН пред Светскиот ден за борба против ракот, в четврток.
Ракот на белите дробови беше најчеста форма на рак во последните две децении, но сега е на второто место, зад ракот на дојка и пред ракот на дебелото црево, посочи Илбави.
Се проценува дека минатата година биле дијагностицирани 2,3 милиони нови случаи на рак на дојка, што е 11,7 проценти од сите случаи на рак во светот.
„Меѓу жените, ракот на дојка е најчесто дијагностициран карцином и водечка причина за смрт од рак во светот“, додава тој.
Илбави истакна дека дебелината кај жените го зголемува ризикот од карцином на дојка, но исто така и за вкупниот број случаи на рак.
Со растот на глобалното население и очекуваното зголемување на животниот век, се очекува карциномите да станат почести и до 2040 година да пораснат на околу 30 милиони нови случаи во споредба со 19,3 милиони во 2020 година, додаде Илбави.
СЗО предупреди дека една третина од смртните случаи од рак се резултат на пушење, висок индекс на телесна маса, премалку внесување овошје и зеленчук, недостаток на физичка активност и пиење алкохол.
Пандемијата на коронавирусот го нарушува лекувањето на рак во околу половина од земјите опфатени со студијата, предупреди Илбави, посочувајќи на одложените дијагнози, здравствените работници под екстремен стрес и влијанието на коронавирусот врз истражувањето на ракот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Дојава за бомба во авион на „Ер Србија“ во Црна Гора: уапсен е млад човек од Србија

Сообраќајот на аеродромот Тиват во Црна Гора вчера беше запрен поради дојава дека наводно е поставена бомба во авион на Ер Србија кој слета од Белград околу 18 часот.
Информацијата ја потврди и компанијата Аеродроми Црна Гора, која исто така објави дека е покрената итна постапка за вакви случаи, дека авионот е изолиран, а патниците евакуирани, по што е извршена проверка на леталото.
„Аеродромските служби, во согласност со пропишаните процедури за вакви случаи, чекаат сигнал од надлежните органи за повторно воспоставување на редовен сообраќај“, соопшти компанијата Аеродроми Црна Гора.
„Вијести“ пишуваат дека 23-годишниот српски државјанин, С.М., е уапсен во Херцег Нови под сомнение дека пријавил дека во авион на „Ер Србија“ кој слета во Тиват од Белград бил поставен експлозивен материјал.
Поради вонредната состојба, неколку летови до Тиват беа пренасочени кон блиските аеродроми.
Европа
Италија ќе издаде половина милион визи за странски работници надвор од ЕУ во следните три години

Италија ќе издаде околу 500.000 нови работни визи за државјани на земји кои не се членки на ЕУ помеѓу 2026 и 2028 година, соопшти владата, како дел од стратегијата за проширување на легалните имиграциски патишта и одговор на предизвикот на недостигот на работна сила.
Вкупно 164.850 лица ќе имаат дозвола да влезат во земјата следната година, додека се очекува вкупно 497.550 лица да влезат во земјата до 2028 година.
Ова е втор ваков потег на премиерката Џорџа Мелони откако ја презеде функцијата пред речиси три години како лидер на десничарска коалиција. Владата веќе одлучи да издаде повеќе од 450.000 дозволи за мигранти помеѓу 2023 и 2025 година.
Покрај условите под кои им е дозволен влез на нови работници, Мелони зазеде цврст став во врска со нелегалниот влез, забрзувајќи го враќањето на нелегалните мигранти и ограничувајќи ги активностите на хуманитарните организации кои спасуваат мигранти во Средоземното Море.
„Квотите се одредуваат според потребите изразени од социјалните партнери и фактичките барања за работни дозволи примени во претходните години, со цел програма што одговара на потребите на компаниите и е реална“, се вели во соопштението.
Стареењето на населението и опаѓањето на стапката на наталитет се причините за потребата од привлекување странски работници во третата најголема економија во еврозоната. Во 2024 година, имало 281.000 повеќе смртни случаи отколку раѓања, а населението се намалило за 37.000 на 58,93 милиони, продолжувајќи го трендот што трае со децении.
Свет
Фицо разговараше со Мерц: Предлогот за суспендирање на испораката на руски гас е идеолошки и штетен

Словачкиот премиер Роберт Фицо разговараше по телефон со германскиот канцелар Фридрих Мерц за рускиот гас и антируските санкции и го пофали конструктивниот пристап на Европската комисија (ЕК) кон резервите на Словачка во врска со предложеното суспендирање на увозот на гас од Русија од 2028 година, но истакна дека предлогот за суспендирање на испораката на руски гас е „идеолошки“ и „штетен“.
„Верувам дека предлогот на ЕК за суспендирање на испораката на руски гас е идеолошки и штетен за целата ЕУ, а особено за Словачка, која по децении транзит на руски гас е на крајот од цевката без гас и директен пристап до терминали за течен гас. Овој предлог од ЕК, чие усвојување бара само квалификувано мнозинство, дополнително ќе ја оштети конкурентноста на целата ЕУ и ќе доведе до зголемување на цените на гасот за словачките домаќинства и индустријата“, истакна Фицо.
Фицо додаде дека доколку Словачка нема доволно гаранции за минимизирање и надоместување на штетата предизвикана од предлогот на ЕК за запирање на протокот на руски гас, ќе побара одложување на гласањето за 18-от пакет антируски санкции, за што е потребна согласност од сите земји-членки на ЕУ, пренесува TASR.