Македонија
Рауфи: Обвинетите во „Монструм“ се невини, поранешните специјални обвинители се несериозни
Адвокатот Насер Рауфи, кој ги застапува обвинетите во случајот „Монструм“, во завршните зборови рече дека тие се невини, како и дека против нив нема докази. Рауфи рече дека обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски се несериозни со обвинувањата, а на повтореното судење не извеле ништо ново. Адвокатот смета дека обвинителите не го знаат мотивот за петкратното убиство затоа што обвинетите не убивале кај Смилковското Езеро.
„’Монструм’ личи на аферата ‘Драјкус’ бидејќи шест невини лица беа осудени на доживотен казна затвор, и тоа од две судски инстанци. Поранешните специјални обвинители се несериозни и тие се тие што ја матат водата. Случајот ‘Монструм’ е инструиран. За обвинителите, мотивот е непознат, а тоа е секако бидејќи обвинуваат невини луѓе. Дека предметот е конструиран, не е став само на бранителите, туку и на американскиот Стејт департмент во своите извештаи во 2014 и 2015 година. Застапниците на обвинението не изведоа ништо ново, освен она што беше изведено во претходната постапката. Причина за укинување на пресудата беше недостиг на докази за некој да биде осуден. Одбраната успеа да ги разбие двата вербални доказа на Обвинителството, а тоа се двете изјави од фамозниот загрозениот сведок. Се докажа дека тој е буквално втурнат во настанот. Тој загрозен сведок беше пронајден 2-3 дена пред истекот на рокот за поднесување обвинение, тие немаа докази, па мораше да се засили. Немаа ништо, мораа да втурнат сведок. Не можеа ништо да докажат. Без него, сега Обвинителството има 50 отсто помалку докази“, рече Рауфи.
Тој им се обрати на судиите да ја откријат вистината за „Монстум“ потсетувајќи што, според него, се случувало по петкратното убиство.
„Да ве потсетам што се случуваше по овој грозоморен чин. Уште пред да биде известен ЦИК, населението во Радишани одржа протест и ја обвинија албанската популација. Од каде тие имале информации дека Албанци се извршители на овој чин? Тоа е за да се таргетираат лица од албанскиот етникум. Овие протести беа поддржани од разни медиуми за да ги подгреат атмосферата и оваа хајка. Беше организирана полициска акција со 800 полицајци, беа приведени повеќе лица, меѓу кои и баба. 30 притворени беа таргетирани како лица што го извршиле чинот, а биле членови на исламистичка банда. Убеден сум дека ваквиот редослед на настаните флагрантно ја кршеа пресумцијата на невиност и резултира со тоа постапката да биде диригирана од МВР. Осудени беа шест лица, обвинети дека се терористи, извршители на петкратното убиство“, додаде Рауфи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Реформите и напредокот на СДС се во втор план на Филипче, приоритет му се желбите на Заев
„Реформите и напредокот во СДС, не се во прв план на Филипче. На него во прв план му е реализацијата на зацртаните планови кои му ги наредува менторот Заев“, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Криминалното дуо Филипче-Заев, не се откажува од претседателската фотелја во СДС, па макар тоа и ги довело до уништување на партијата. Заев се уште му ги држи конците на Филипче, а тој возвраќа на секој потег на Заев. Тоа што Александар Трајановски е нов потпретседател на СДС, не е затоа што тој е многу добар или квалитетен, туку затоа што е лојален човек на Филипче и на Заев. Заев се уште ја контролира СДС преку Филипче, а сега си ја потврдува неговата позиција на претседател од сенка со ставање на Трајановски за потпретседател. Од овие тројца, но и од остатокот на раководството на СДС, народот не очекува ништо. Потребни се реформи итни во СДС, за силна опозиција со кредибилитет и одговорност. Тоа мора да почне со оставка на Филипче“, истакна Манасиевски.
Македонија
Магијата на учењето: кога оценката станува поттик, а не цел
„Магичниот пресврт – ‘Што научи?’ или ‘Што доби?’“ беше темата на денешната панел-дискусија што се одржа во Куманово, во рамки на националната кампања „Магијата е во знаењето“ на Министерството за образование и наука. Панелистите зборуваа за важноста оценките да не се доживуваат како крајна и единствена цел, туку како алатка што го следи и охрабрува напредокот на учениците.
Државниот секретар во Министерството за образование и наука, Елена Ивановска истакна дека новото време бара нови начини на учење и оценување, кои го поттикнуваат вистинското знаење, креативноста и личниот развој на секое дете.
„Образованието мора да се движи напред со духот на времето. Наместо да се фокусираме само на бројките во дневникот, треба да се фокусираме на тоа што ученикот навистина научил, што разбрал и како го применува тоа знаење. Нашата цел е надградба и зајакнување на системот кој го вреднува трудот, напредокот и љубопитноста, затоа што тие се темелот на квалитетното образование и на иднината на нашето општество“, изјави Ивановска.
Милка Тримчевска, директорка на Бирото за развој на образованието, нагласи дека наставниците се клучниот двигател на секоја позитивна промена во училиштата и додаде дека ваквите дискусии ја поттикнуваат размената на мислења и искуства кои можат да помогнат наставниците подобро да го препознаат потенцијалот на секое дете.
На панел-дискусијата учествуваше и директорот на СОУ „Сами Фрашери“ – Куманово, Нагри Реџепи, кој нагласи дека во училиштата не треба фокусот да биде само на високите оценки, туку на индивидуалниот напредок на секој ученик. Според одделенската наставничка Хилда Димитриевска од ООУ „Крсте Мисирков“, поддршката и охрабрувањето се подеднакво важни како и самата оценка, а наставничката Даниела Стојановска од ООУ „Христијан Карпош“ се осврна на потребата училиштето да создава средина во која учениците слободно размислуваат, поставуваат прашања и развиваат критичко мислење, бидејќи токму тоа води кон вистинско и трајно знаење.
Иван Нацевски, родител на ученик, истакна дека родителите имаат значајна улога во тоа како децата го доживуваат процесот на оценување и нагласи дека кога се гради доверба и поддршка, оценката станува поттик за подобри резултати, а не причина за притисок.
Настанот е дел од серијата панел-дискусии што се организираат во рамки на кампањата „Магијата е во знаењето“, чија цел е да ја истакне улогата на наставниците во современото образование и нивниот придонес во развојот на учениците и заедницата.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Во предметот Физичко образование да вклучиме и планинарење
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на свечената академија по повод 100-годишинината од основањето на Планинарскиот клуб „Љуботен“, одржана под нејзино покровителство во Домот на културата „Иљо Антески – Смок“ во Тетово.
За неа, неспорно е дека планинарењето како спортска и рекреативна активност ги подобрува телесното и менталното здравје и ги јакнее карактерот и личноста на човекот.
„Време е да ги следиме инспиративните примери на државите во кои рекреативното планинарење не само што е интегрирано во програмата по Физичко образование во сите образовни институции и степени, туку и масовно се практикува како елемент на филозофијата на здрав живот. Да им помогнеме на Министерството за спорт и Министерството за образование во промоцијата на рекреативното планинарење и во негово омасовување. Да му посветиме поголемо внимание на предметот Физичко образование во сите степени на образование и да вклучиме во него искачување на планина, оти над речиси секое наше населено место има таква, не случајно. Да изградиме, во соработка со локалната самоуправа соодветна инфраструктура, планински домови, куќички, видиковци, но и поголеми сместувачки капацитети, одморалишта, хостели, хотели. Знам дека имаме скромни капацитети и можности, но може да почнеме со реновирање на планински домови, а потем и со градење нови. Свесна сум дека се работи за големи инвестиции, но со очекувана сигурна добивка и придобивка за сите граѓани. Не ни требаат светски примери од далеку, доволно е да ги видиме и следиме примерите од соседството за односот кон планините и природата, кон планинарењето и спортот“, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова
Честитајќи го овој значаен јубилеј, таа им изрази особена благодарност на многуте генерации членови на „Љуботен“ за докажаната љубов, почит и грижа за прекрасната Шар Планина и за природата, како и за нивниот личен и колективен придонес во промовирањето и популаризирањето на здравиот живот.
Присутните имаа ретка прилика да ја проследат богатата историја на најстариот македонски планинарски клуб „Љуботен“ преку презентацијата на документарен филм и мултимедијалната изложба во галеријата на Домот на културата.
На претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на неколкумина најзаслужни членови на клубот, како и на неколку домашни и странски институции и програми им беа доделени плакети за трајни вредности.

