Македонија
(Видео) Протестен марш за „Јавна соба“: Држава што не постапува е држава што силува!
Адвокатката Марта Гусар на денешниот протестен марш за случајот „Јавна соба“ проговори за тоа како и таа била жртва на групата на Телеграм, а нејзиниот службен број бил споделуван меѓу членовите.
„Ми пристигнуваа пораки на Вибер каде ми бараа ‘дискретни средбички’. Откако беше споделен мојот број, во првите неколку часа не можев да се соземам, дека мене тоа ми се случува, а тоа може секому да се случи. Направив принт-скринови од пораките и телефонските броеви на Вибер и го пријавив за сексуално вознемирување. Јас сум адвокат и си ги знам правата. Во мојот случај, за два часа се најдоа сторителите, се најде кој го споделил бројот и оттаму апелирам до сите институции да постапуваат со еднаков третман кон сите. ‘Јавна соба’ не е забава, туку класично кривично дело“, изјави Гусар.
Таа ги повика жртвите кои се соочиле со сексуално вознемирување веднаш да ги пријавуваат сторителите, да направат принт-скринови од сите разговори и повици.
На денешниот протестен марш организиран од Платформата за родова еднаквост, учесниците изјавија дека „Јавна соба“ е кривично дело и побараа да се казнат лицата кои во Телеграм групата објавувале експлицитни фотографии, видеа и телефонски броеви од девојки, без нивна дозвола. Тие бараат законски измени во кои ќе се вметне интернет-вознемирувањето како кривично дело, а Јавното обвинителство да постапува навремено во однос на сексуалните вознемирувања на интернет.
„Силувачот си ти“, „Држава што не постапува е држава што силува“, „Против култура на насилство“, „Обвинителство е јавна соба“, беа само дел од транспарентите кои в раце ги носеа учесниците на протестниот марш кој започна пред Министерството за внатрешни работи, а заврши пред Јавното обвинителство.
„Нашите пријави за онлајн вознемирување завршуваат со пријавувањето без да добиеме каков било одговор или со префрлување на топката во Јавното и Вишото обвинителство. Жртвите се множеа, а сторителите не се уплашија. Наместо да ги санкционираат, тие ги повикуваа жртвите да пријавуваат, а кога пријавуваа, им велеа дека тие самите се виновни. Не, жртвите не се виновни. Поддршка за нив, не сте виновни и не сте сами!“, изјави Драгана Дрндаревска, која ги поздрави предложените законски измени во кои ќе се вметне демнењето како кривично дело, но рече и дека сегашните законски регулатуви се доволни за да одговараат оние кои вршат сексуално вознемирување на интернет.
На протестот учестуваше и 28-годишната Ана, девојка која прва проговори за траумите што ги доживеала откако нејзини фотографии се најдоа пред очите на повеќе од 8 илјади членови во групата на Телеграм наречена „Јавна соба“.Таа случајот го пријавила во полиција, каде ѝ било кажано дека не можат да постапат, бидејќи „законот важел само за малолетни лица“.
„Овој протест нека биде само почеток на промените што ќе следуваат. Нека се донесе закон, но тој закон да се применува, нека се едуцираат институциите, нека се едуцира секој човек како треба да се однесува за да имаме поубаво и посреќно општество, и за нас и за идните генерации“, изјави таа.
За случајот „Јавна соба“ полицијата минатата недела приведе четири лица и им ги одзеде мобилните телефони. Неизвесно е за кое кривично дело ќе одговараат тие.
Сличен случај, кога на групата на Телеграм наречена „Јавна соба“ беа споделувани илјадници фотографии, видеа и телефонски броеви од девојки, од кои дел малолетни, имаше и минатата година. Случајот сè уште нема разврска и се наоѓа во предистражна постапка во Јавното обвинителството.
„Телеграм“ во меѓувреме ја затвори актуелната група, но во меѓувреме беа отворени неколку други, каде што сега претежно се споделуваат фотографии од девојки од Србија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пратениците на СДСМ утре ќе поднесат предлог за надзорна расправа и Анкетна комисија за Кочани
Пратениците на СДСМ и Коалицијата утре ќе поднесат предлог до Собранието за надзорна расправа и формирање посебна Анкетна комисија за целосно и независно испитување на трагедијата во „Пулс“ објави претседателот на СДСМ, Венко Филипче повикувајќи ги сите пратеници да ги поддржат.
„Пратениците на СДСМ и Коалицијата ги поддржуваат барањата на семејствата на загинатите и повредените во Кочани и утре ќе поднесат предлог до Собранието за надзорна расправа и формирање посебна Анкетна комисија за целосно и независно испитување на трагедијата во „Пулс“, за утврдување на вистината и одговори на сите прашања.
На денешната координација на пратеничката група на СДСМ и раководството на партијата оценивме дека ова се неопходни чекори за проверка на постапувањето на сите институции, утврдување на политичка одговорност, како и подготовка на понатамошни мерки и решенија за вакви трагедии никогаш повеќе да не се случат во Македонија.
Ги повикувам сите пратеници од сите политички партии да ги поддржат овие иницијативи во македонското Собрание.“ стои во објавата.
Македонија
Минчев во Рим: усвоена новата декларација за реформи на јавната администрација во Западен Балкан
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, учествуваше на 17. седница на Управниот одбор на Регионалното училиште за јавна администрација (ReSPA) на министерско ниво, која се одржа во рамките на конференцијата „Партнерство за реформи: Министерски дијалог Западен Балкан – Италија“ во Рим, Италија.
На седницата беа презентирани и усвоени Годишниот извештај за периодот од 19 октомври 2024 до 19 октомври 2025, кој ги акцентира постигнувањата во реформите на јавната администрација, како и Буџетот за 2026–2027 година, кој обезбедува континуитет во активностите и поддршката за земјите од регионот.
Изгласана беше и Министерската декларација за реформа на јавната администрација, која потврдува заложбата за регионална соработка.
Оваа година декларацијата се фокусира на модернизација, дигитализација и унапредување на соработката со земјите членки на ЕУ.
Седницата заврши со предавање на претседателството на Управниот одбор на ReSPA беше свечено од министерот за јавна администрација на Црна Гора, Мараш Дукај, на министерката за јавна администрација и локална самоуправа на Србија, Снежана Пауновиќ.
Во рамките на оваа значајна регионална иницијатива, министерот Минчев со своето учество повторно ја потврди континуираната поддршка на Република Македонија за унапредување на реформите во јавната администрација, зајакнување на регионалната соработка и интеграцијата во европските административни стандарди.
Македонија
Два авиони наместо во Скопје пренасочени во Приштина поради силен ветер
Два вечерни лета кои требаше да слетаат на скопскиот аеродром, се пренасочени кон Приштина поради неповолни услови за слетување.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека во скопскиот регион дува силен јужен ветер, кој создава проблеми за безбедно слетување:
„Поради силен јужен ветер, кој го зафати скопскиот регион, два авиони се пренасочени за слетување кон приштинскиот аеродром, додека други два сè уште кружат и чекаат насоки за слетување“, рече Ангелов.
Според информациите, ветерот дува на поголема височина, што дополнително ги отежнува процедурите за приод и слетување на скопскиот аеродром.

