Свет
Неаполската мафија забрани амбулантните возила да користат сирени зашто се лоши за бизнисот
Мафијата во Неапол, Италија, почна да ги напаѓа екипите на брзата помош, чии сирени наводно им ги прекинуваат зделките со наркотични средства и му штетат на бизнисот бидејќи клиентите стравуваат дека доаѓа полицијата, пренесува РТ.
Двајца членови на банда нападнале возач на брза помош во градскиот Шпански кварт во саботата и му се заканиле дека ќе го убијат. Лекарот во возилото бил принуден да повика полициска поддршка за да обезбеди безбедна придружба од соседството.
„Не сфаќаш ли дека не смееш да ја користиш сирената тука? Исклучи ја или ќе те застреламе“, рекол еден од мафијашите, кои возеле мотоцикл.
Звуците и ротациските светла се мешаат во бизнисот бидејќи дилерите мислат дека сирените се на полициските автомобили. По многуте слични извештаи во градот, возачите на брзата помош и придружните медицински лица бараат придружба од полицијата за да ги заштити од вознемирување, насилство и од заплашување.
„Веќе ни е наредено да не користиме сирени во другите населби, вклучувајќи ги Санита и Трајано, каде што локалното возило за брза помош ја вклучува сирената само кога ќе ја напушти областа“, вели Мануел Руџеро, 42-годишен лекар во брзата помош.
Според некои извештаи, во изминатите три години во Неапол имало 300 такви инциденти со агресија кон медицинските лица, кои ги сочинуваат 17-те екипи на брзата помош.
„Истата амбуланта вклучена во инцидентот во саботата беше клоцана, а екипажот нападнат кога не стасаа навреме да спасат пациент со срцев удар“, додава Руџеро објаснувајќи дека се фатени во тесно меѓу мафијата и бесните локални жители.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Брутално претепан познатиот албански водител Елтон Тозај, може да остане слеп
Познатиот албански водител Елтон Тозај бил нападнат и брутално претепан синоќа околу 19:30 часот на автопатот Тирана-Драч, под околности кои сè уште остануваат вознемирувачки и нејасни, објавија медиумите.
Според информациите објавени од неговото семејство, на неговиот профил на социјалните мрежи, новинарот бил брутално нападнат од неколку лица. Во насилството врз Тозај му биле нанесени сериозни физички повреди.
„Семејството објави дека Елтон Тозај моментално е во сериозна здравствена состојба и е на интензивна медицинска нега. Според нив, ситуацијата е деликатна, бидејќи новинарот се бори да не го изгуби видот, што го прави овој настан уште поалармантен“, наведуваат медиумите.
Од полицијата засега нема информација околу настанот.
Свет
Бурата Јоханес ја погоди Шведска, повеќе од 40.000 домаќинства без струја
Бурата Јоханес ја погоди Шведска носејќи силни ветрови и снежни врнежи, додека повеќе од 40.000 домаќинства останаа без електрична енергија.
Според метеоролозите, бурата се шири брзо и се очекува ветровите да се зајакнат во текот на денот.
Бурата започна ноќеска од северот на земјата, со многу силни ветрови, додека жолти и портокалови временски предупредувања беа издадени за поголемиот дел од Шведска, пренесе локалниот портал Expressen.
Свет
По рускиот напад над 2.600 станбени згради, 187 градинки, 138 училишта и 22 социјални згради се без греење во Киев
Околу 600.000 потрошувачи во Киев и околниот регион останаа без електрична енергија.
Енергетските екипи се на терен и вложуваат максимални напори за што поскоро враќање на снабдувањето, објави премиерката на Украина Јулија Свириденко на социјалните мрежи.
„Работиме на решавање на последиците од ноќниот напад врз Киев и регионот. Предупредувањето за воздушна опасност во Киев беше на сила 10 часа. Една жена почина во регионот на Киев. Во главниот град досега се повредени 32 лица“, рече Свириденко.
Службите за итни случаи се на терен, кои, заедно со медицинските екипи, ги расчистуваат урнатините и им пружаат помош на жртвите. Премиерката додаде дека во нападот се оштетени цивилни и енергетски објекти.
Во моментов, над 2.600 станбени згради, 187 градинки, 138 училишта и 22 социјални згради се без централно греење“

