Свет
Израелски војници притвориле и измачувале пет палестински малолетници
Пет палестински малолетни лица биле физички нападнати и претрпеле агресија од страна на израелски војници и биле испрашувачи за време на притворот, посочува Палестинската комисија за притворени и поранешни притворени, пренесува „Мидл Ист монитор“.
Комисијата соопшти дека изјавите на малолетниците, сите 17-годишници, вклучуваат детали за сурови тепања и тортура што ги претрпеле по апсењето.
Мустафа Саламех бил приведен во својата семејна куќа во градот Азун, источно од Калкилја на северниот Западен Брег. Тој бил претепан со рачка од пиштол и турнат во армиски џип, каде што војниците го газеле сè додека не изгубил свест. Саламех се разбудил во притворскиот центар „Ал-Џалама“, каде што бил испрашуван со часови врзан за столче пред да биде преместен во затворот за малолетници „Мегидо“.
Мохамад Залум бил уапсен во својот дом од селото Силван. Бил удиран со тупаници во стомакот сè додека не повратил, а подоцна бил преместен во притворниот центар „Аскалан“, каде што бил задржан 23 дена.
Хани Рмејлат од бегалскиот камп „Џенин“ на северот на Западниот Брег бил испрашуван во тешки услови во притворскиот центар „Ал-Џалама“ и тепан со палки од пет затворски чувари, што резултирало со модринки по целото тело поради што итно бил одведен во израелска болница. Тој сепак бил принуден да се врати во затворот „Ал-Џалама“, каде што останал 20 дена пред да биде преместен во „Мегидо“.
Маџд Ваари од ерусалимската населба Беит Ханина претрпел часови распит во озлогласениот центар за притвор „Руски камп“ во западен Ерусалим врзан за мал стол.
Мунир Аркуб од Куфр Ајн, северно од Рамалах, бил приведен на воениот пункт Бејт Ел кога бил нападнат од тројца израелски војници пред да биде однесен во блиската воена база. Таму го оставиле под ведро небо на студени временски услови и не му дозволувале да спие. Следниот ден бил преместен во воениот логор „Офер“ за испрашување, а потоа преместен во „Мегидо“.
Комисијата забележа дека лошото постапување со затворениците е дел од системската и јасна политика што ја практикува администрацијата во центрите за притвор со цел да се ограничат затворениците и притворените лица и да се лишат од најосновните човекови права.
Речиси 4.400 Палестинци во моментот се во израелските затвори вклучувајќи 40 жени, 170 деца и 380 лица под административен притвор без обвиненија и судења.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Брутално претепан познатиот албански водител Елтон Тозај, може да остане слеп
Познатиот албански водител Елтон Тозај бил нападнат и брутално претепан синоќа околу 19:30 часот на автопатот Тирана-Драч, под околности кои сè уште остануваат вознемирувачки и нејасни, објавија медиумите.
Според информациите објавени од неговото семејство, на неговиот профил на социјалните мрежи, новинарот бил брутално нападнат од неколку лица. Во насилството врз Тозај му биле нанесени сериозни физички повреди.
„Семејството објави дека Елтон Тозај моментално е во сериозна здравствена состојба и е на интензивна медицинска нега. Според нив, ситуацијата е деликатна, бидејќи новинарот се бори да не го изгуби видот, што го прави овој настан уште поалармантен“, наведуваат медиумите.
Од полицијата засега нема информација околу настанот.
Свет
Бурата Јоханес ја погоди Шведска, повеќе од 40.000 домаќинства без струја
Бурата Јоханес ја погоди Шведска носејќи силни ветрови и снежни врнежи, додека повеќе од 40.000 домаќинства останаа без електрична енергија.
Според метеоролозите, бурата се шири брзо и се очекува ветровите да се зајакнат во текот на денот.
Бурата започна ноќеска од северот на земјата, со многу силни ветрови, додека жолти и портокалови временски предупредувања беа издадени за поголемиот дел од Шведска, пренесе локалниот портал Expressen.
Свет
По рускиот напад над 2.600 станбени згради, 187 градинки, 138 училишта и 22 социјални згради се без греење во Киев
Околу 600.000 потрошувачи во Киев и околниот регион останаа без електрична енергија.
Енергетските екипи се на терен и вложуваат максимални напори за што поскоро враќање на снабдувањето, објави премиерката на Украина Јулија Свириденко на социјалните мрежи.
„Работиме на решавање на последиците од ноќниот напад врз Киев и регионот. Предупредувањето за воздушна опасност во Киев беше на сила 10 часа. Една жена почина во регионот на Киев. Во главниот град досега се повредени 32 лица“, рече Свириденко.
Службите за итни случаи се на терен, кои, заедно со медицинските екипи, ги расчистуваат урнатините и им пружаат помош на жртвите. Премиерката додаде дека во нападот се оштетени цивилни и енергетски објекти.
Во моментов, над 2.600 станбени згради, 187 градинки, 138 училишта и 22 социјални згради се без централно греење“

