Свет
„Амнести“ почна кампања за ослободување новинарка уапсена во Египет
„Амнести интернешнл“ во средата ги повика своите активисти да почнат кампања за итно ослободување на новинарката Солафа Магди, која беше уапсена во Египет и се соочува со обвиненија за тероризам.
Мегди (34) беше уапсена во ноември 2019 година во придружба на својот сопруг, фоторепортерот Хосам Ел-Сајед, и нивниот пријател Мохамед Салах. Тие се обвинети за приклучување кон терористичка група и злоупотреба на платформите на социјалните мрежи.
Лондонската невладина организација ги повика активистите да испратат апели до египетскиот јавен обвинител Хамада Ел-Сави за итно и безусловно ослободување на Мегди, Ел-Сајед и Салах. Тие ги негираат сите обвиненија.
Пријатели и колеги тврдат дека биле цел на напади затоа што му се пријатели на политичкиот затвореник Исраа Абделфатах, кој исто така бил киднапиран од улица во Каиро и поради нивната новинарска работа.
Солафа и Хосам имаат седумгодишен син, кој повеќе од една година не ги видел своите родители. Тие се обвинети за ширење лажни вести и приклучување кон терористичка организација во истиот случај во кој е уаосен Исраа. Солафа пишува за човековите права, малцинствата, социјалните немири, образованието, сексуалното вознемирување и за миграцијата.
Како хонорарни работници Солафа и Хосам имаат мала финансиска поддршка, но сепак ги ставаат своите животи во опасност за да го информираат светот. Според „Мадр Маср“, пред апсењето двојката постојано била запирана од полицијата и од другите граѓани бидејќи не им се допаѓале медиумите за кои работеле, а главно биле странски медиуми.
Организацијата подготви образец за жалбата, во кој се објаснува дека Сулафа Мегди е притворена единствено поради нејзината новинарска работа и поради застапување за жртвите на кршењето на човековите права.
„Амнести“ ги повика и египетските власти веднаш и безусловно да ги ослободат сите новинари во земјата. Овој потег следува еден ден откако египетското Министерство за внатрешни работи негира дека Мегди била мачена или малтретирана во женскиот затвор „Ал-Канатер“, вест што медиумите ја раширија на социјалните мрежи.
Египет честопати е критикуван за апсење новинари и опозициски политичари во случаи на слобода на изразување и мислење. Режимот постојано тврди дека на затворениците, без исклучок, им се даваат сите законски гаранции и права.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Веднаш пронајдете засолниште“: доаѓа Мелиса, најсилниот ураган во историјата
Ураганот Мелиса бргу се засили во текот на викендот и сега достигна статус од категорија 5 со ветрови од 160 километри на час. Националниот центар за урагани (NHC) предупредува дека Мелиса ќе ја погоди Јамајка во вторник како најсилниот ураган што некогаш го погодил островот.
Озлогласениот рекорд претходно го држеше ураганот Гилберт во 1988 година, кој имаше ветрови до 210 километри на час. Мелиса се формира како група грмотевици покрај западниот брег на Африка, потоа го премина Атлантикот и се разви во тропска бура северно од Венецуела на 21 октомври.
Се очекуваат од 380 до 760 милиметри дожд, а некои области на јужен Хаити и Јамајка би можеле да добијат повеќе од 1.000 милиметри. Ураганот се движи многу бавно, со брзина од само неколку километри на час, што го зголемува ризикот од долгорочно уништување.
„Побарајте засолниште сега“, соопшти NHC во недела наутро. „Штетните ветрови и обилните врнежи од дожд во текот на неделата и понеделникот ќе предизвикаат катастрофални поплави и многубројни лизгања на земјиштето пред да пристигнат најсилните налети на ветер в понеделник навечер и во вторник наутро“.
Мелиса веќе носи обилни дождови и тропски бури на Хаити, каде што се очекуваат поплави и лизгања на земјиштето, со потенцијално смртоносни последици, објавува Си-ен-ен.
Според најновите извештаи, најмалку три лица загинаа на Хаити, а четвртото во Доминиканската Република, каде што уште едно лице е исчезнато. Мелиса моментно се движи над невообичаено топлите океански води, потопли од просекот за ова време од годината, што дополнително го поттикнува и зајакнува ураганот. Топлите океански води поттикнуваат силни грмотевици и нагорни струења поради што Мелиса развила јасно, добро дефинирано око, знак дека станува збор за целосно формиран и многу моќен систем.
Симптомолозите предвидуваат дека Мелиса ќе ја задржи својата деструктивна моќ и ќе се движи многу бавно кон Карибите во следните неколку дена зголемувајќи го ризикот од долгорочни поплави и уништување. Потоа Мелиса би можела да ја погоди југоисточна Куба, каде што се очекуваат слични количини врнежи од вторник навечер до среда. Фактот дека овој ураган е невообичаено бавен е дополнителен проблем.
„Ниедна област нема да биде поштедена од разорната моќ на овој ураган“, рече Томпсон од Метеоролошката служба на Јамајка во саботата. „Бурата ќе остане над истата област носејќи обилни врнежи од дожд додека едвај се движи, што е сериозен предизвик, под услов прогнозите да се остварат“, предупреди тој.
Фото: принтскрин
Свет
Младите жени во Минхен се плашат да користат јавен превоз
Минихнскиот младински совет спроведе анкета меѓу жителите на баварската престолнина под 27 години со цел да утврди колку се чувствуваат безбедно младите во јавниот превоз. Резултатите покажаа загрижувачки трендови, особено кога станува збор за млади жени, објавува „Зидојче цајтунг“.
Додека повеќе од 95 проценти од младите изјавиле дека се чувствуваат безбедно во автобуси, метро и возови во текот на денот, ситуацијата драстично се менува ноќе – само 54 проценти од испитаниците се чувствуваат безбедно кога ќе се стемни.
Особено загрижувачки е фактот дека дури 75 проценти од младите жени целосно го избегнуваат јавниот превоз ноќе, а 38 проценти од мажите го искажаа истиот став. Истражувањето исто така откри дека 28 проценти од младите жени пријавиле дека биле жртви на сексуално вознемирување во јавниот превоз.
Истражувачите ги оценија овие податоци како шокантни и ги повикаа градските власти и транспортните компании итно да ги подобрат безбедносните мерки, да го зголемат присуството на обезбедувачи и да го подобрат осветлението на станиците и во возилата.
Фото: принтскрин
Свет
Владата на Литванија: Ја затвораме границата со Белорусија
На состанокот в среда литванската влада ќе разгледа предлог за затворање на литванско-белоруската граница на неодредено време, со исклучоци за дипломатите и граѓаните на ЕУ што патуваат од Белорусија, објави литванската премиерка Инга Ругињене додавајќи дека земјата не ја исклучува можноста за свикување консултации за активирање на Членот 4 од НАТО.
„Владата ќе одржи состанок о среда, а ние веќе подготвивме одлука за затворање на границата со Белорусија на неодредено време, со одредени исклучоци. Ова значи дека дипломатите и дипломатските пакети ќе може да патуваат, како и нашите граѓани и граѓаните на ЕУ од Белорусија, но целиот друг сообраќај ќе биде затворен“, рече Ругињене на прес-конференцијата што ја емитува порталот „Делфи“.
Таа изјави дека Литванија ќе ги координира санкциите со Европската Унија и, доколку е потребно, ќе побара активирање на тимот за хибриден одговор на НАТО.
„Министерството за надворешни работи на Литванија доби јасни задачи, пред сè, да координира со Европската Унија пакет дополнителни санкции против Белорусија. И тоа ќе биде направено за кратко време“, изјави Ругињене и додаде дека активно се консултираат и комуницираат со своите сојузници и соседи Полска и Латвија. Иако дипломатска пошта ќе може да се испраќа преку границата, на дипломатите ќе им биде дозволено да ја преминат границата, а на граѓаните на Литванија и на земјите од Европската Унија ќе им биде дозволено да влезат од белоруска страна, сите други движења ќе бидат затворени, истакна Ругињене.
„Вака испраќаме сигнал до Белорусија и велиме дека тука нема да се толерира никаков хибриден напад и дека ќе ги преземеме сите најстроги мерки за да ги спречиме ваквите напади“, истакна таа и додаде дека армијата ќе ги собори балоните.
Владата, рече таа, ќе се обиде да го измени и Кривичниот законик: ќе се предложи да се заострат казните за шверц, а покрај казните, сега се дискутира дека би можеле да се вклучат и затворски казни, рече таа, пренесува „Танјуг“.
Повеќе од 170 лета беа прекинати кога литванскиот воздушен простор беше затворен четирипати во изминатата недела поради шверцувани балони од Белорусија, изјави Видас Кшанас, директор на Одделот за безбедност, сигурност и отпорност на литванските аеродроми (LTOU).
Тој вели дека тоа влијаело на движењето на повеќе од 27.000 луѓе. „Имавме особено голем број прекини оваа недела – ако соберам колку летови беа прекинати, тоа се повеќе од 170. Тоа е огромен број патници, 27 илјади патници доживеаја непријатности оваа недела“, изјави Кшанас за радио ЛРТ.
Членот 4 им овозможува на земјите да повикаат на преговори со НАТО „секогаш кога, според мислењето на која било од нив, територијалниот интегритет, политичката независност или безбедноста на која било од страните се загрозени“.
Постапката е активирана само деветпати во историјата на НАТО, но релативно неодамна ја иницираа Полска и Естонија по два инцидента со руски повреди на воздушниот простор во септември, објавува „Ројтерс“.
Фото: принтскрин

