Регион
„Ковакс“ го објави планот: од земјите во регионот најмногу вакцини ќе добие Србија
Механизмот „Ковакс“ го објави планот за дистрибуција на вакцини против Ковид-19 што се однесува на земјите во развој, според кој, до средината на годината 145 земји што припаѓаат на оваа група ќе добијат дози за 3,3 проценти од населението, јавува „Анадолија“.
Земјите ќе добијат дози во однос на големината на населението.
Најмногу ќе одат во Индија (97,2 милиони), потоа Пакистан (17,2 милиони), Нигерија (16 милиони), Индонезија (13,7 милиони), Бангладеш (12,8 милиони), Бразил (10,6 милиони), Кенија (4,2 милиони), Судан (3,4 милиони), Јемен (2,3 милиона) и Сирија (1,02 милион).
Меѓу земјите во регионот Србија ќе добие најмногу (345.600), потоа Босна и Херцеговина (180.000), Албанија (141.600), Северна Македонија (103.200), Косово (100.800) и Црна Гора (84.000).
Проценето е дека испораката на првите вакцини ќе почне на крајот на февруари.
„Првата индикативна дистрибуција вклучува 240 милиони дози вакцина на ’Астра зенека-Оксфорд’, произведена од Институтот за серум во Индија“, рече Сет Беркли, извршен директор на „Гави“, здружение за вакцини, кое сака да го зголеми пристапот до имунизација во земјите во развој.
„Вклучува и 96 милиони дози од истата вакцина предвидени со напредниот договор за набавка потпишан директно помеѓу ’Гави’ и ’Астра зенека’, како и 1,2 милион инјекции на вакцината против Ковид-19 на ’Фајзер-Бионтек’“, додаде Беркли.
Ен Линдстранд, координатор на Светската здравствена организација за програми за имунизација, рече дека тоа е фантастична вест.
„Можеме да почнеме со вакцинирање. Доаѓа во текот на следните недели“, рече Линдстранд.
Шефот на СЗО, Тедрос Гебрејсус, претходно предупреди дека иако развојот на вакцините е голем успех, светот не смее да дозволи воведувањето нови вакцини да ги продлабочи постојните нееднаквости ниту, пак, да донесе нови.
„Ковакс“ е формиран со цел да обезбеди фер дистрибуција на вакцините до земјите и луѓето во неволја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

