Економија
Сметководителите повторно побараа продолжување на роковите за поднесување завршни сметки
Итно да се преиспита одлуката да не се продолжат роковите за поднесување завршни сметки, побара Комората на сметководителите.
Комората неделава добила известување дека и покрај тоа што сметководителите се загрозени од пандемијата и не може да ги достигнат роковите, Министерството за економија, во чија надлежност се измените на Законот за трговските друштва, оценува дека нема потреба од законски измени за пролонгирање на роковите за поднесувањето на завршните сметки и финансиските извештаи. Затоа, Комората бара итно и неодложно Министерството да ја преиспита донесената одлуката бидејќи прецизните и квалитетни податоци се од круцијално значење за точно планирање на расходите и приходите во државниот буџет, а со тоа и навремено сервисирање на достасаните обврски кон граѓаните и правните лица.
Сметководителите со години укажуваат на проблемите што произлегуваат од кратките рокови за изготвување годишни сметки и финансиски извештаи. Оваа година, соочени со здравствено-економската криза предизвикана од пандемијата, сметководителите посочуваат дека имаат драстично зголемен обем на работа, а во исто време намалени човечки капацитети и временски ресурси бидејќи и меѓу нив има лица заболени и во изолација.
„Неопходна беше промена на Законот за трговските друштва, со што на сметководителите ќе им се овозможи да си ја извршат својата обврска навремено, точно и квалитетно. Иако министерот за економија јавно на национална телевизија најави повлекување на законот и изнаоѓање решение за проблемот, до Комората на сметководителите пристигна одговор од Министерство за економија, каде што се вели дека роковите нема да бидат продолжени. За каков квалитет на статистички податоци зборуваме кога, немајќи доволно време за изработка, фокусот на сметководителите ќе биде исклучиво на запазување на ригидните и кратки рокови, со што се доведуваат во прашање анализата и веродостојноста на податоците, а со тоа ќе се доведат во загрозена позиција и сите претпријатија, кои еднакво одговараат за овие извештаи. Во дописот се вели и дека ова барање за пролонгирање рокови не може да се оствари поради обврска за запазување рок за јавно објавување и доставување до надлежните институции во Европската Унија. За какви рокови зборуваме, кога земјите членки на ЕУ имаат подолги рокови. На пример, во Хрватска овој рок е 31.3, во Германија е 30.6, во Франција и во Шведска до 31.7. Минатата година овие рокови беа и дополнително одложени. Затоа, јавно бараме и апелираме министерот за економија да ја преиспита својата одлука и да го исполни јавно даденото ветување дека ќе се најде решение за проблемот од што ќе имаат бенефит сите засегнати страни“, изјави Драган Митковски, претседател на Комората на сметководителите.
Комората бара рокот за хартиено поднесени годишни сметки да биде до 30 април, а електронски да може да се поднесат до 15 мај наспроти сегашните рокови, кои во услови на пандемија, кога има заболени лица што не може да си ја вршат работата за малите и средните субјекти, но и самите претпријатија не може навремено да ги обезбедат и достават документите поради бариерите од кризата, кои реално се видливи на терен секој ден.
Александра Андреева, член на Управниот одбор на Комората на сметководителите, појасни дека во одговорот Министерството за економија се повикува на консултации со Министерството за финансии, кое исто така смета дека нема потреба од пролонгирање на роковите.
„Имајќи предвид дека Министерство за финансии не е надлежно за Законот за трговските друштва, каде што се бара измена, а следејќи ја економската логика, не може, а да не се запрашаме дали за ова Министерство полнењето на буџетот е приоритет наспроти зачувување на здравјето и дигнитетот на сметководителите, но и на сите претпријатија, за да може да се обезбедат точни финансиски извештаи“, изјави Андреева.
Таа појаснува дека во согласност со донесените уредби со законска сила за финансиска поддршка за исплата на плата за април, мај и јуни, со поднесувањето на годишните сметки и утврдувањето на финансискиот резултат на претпријатијата, почнува обврската за враќање на средствата кон државата. Со одложување на рокот за годишните сметки, и овој рок би се продолжил.
„Со години Министерството за финансии е глуво за сите проблеми со кои се соочуваме. Наместо одговор на барањата за повлекување на поднесените предлог-измени на Законот за вршење на сметководствените работи и, конечно, формирање работна група за креирање нов квалитетен закон, структури во оваа институција и понатаму крајно пожртвувано и посветено се залагаат за уништување на крвотокот, кој е единствената врска меѓу државата и стопанството. Комората на сметководителите бара конечно преземање одговорност од страна на министерот за финансии и ставање крај на перфидните игри во Министерството за решавање на проблемите на сметководителите“, изјави Андреева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.

