Свет
Резултатите од вакцинацијата во Израел покажуваат излез од пандемијата
Израел покажа дека силната и брза програма за вакцинација против коронавирусот може да има брзо и моќно влијание во скротување на вирусот покажувајќи му на светот веродостоен излез од пандемијата, објави „ Њујорк тајмс“.
Случаите на Ковид-19 и хоспитализациите значително опаднале кај луѓето што биле вакцинирани за само неколку недели, покажале новите студии во Израел. И раните податоци сугерираат дека вакцините работат во практика речиси исто како и во клиничките испитувања.
Но, додека светот се натпреварува да го заузда вирусот пред да се шират поопасните мутации, огромниот недостиг на вакцини може да спречи други земји да го реплицираат успехот на Израел или да спречат да се појават нови варијанти.
Па дури и Израел, кој ги надмина сите други нации во вакцинирање на своето население, е далеку од излез од кризата. Земјата во четвртокот третпат го продолжи карантинот на целата територија.
Сепак, истражувачите имаат надеж дека вакцинацијата ќе успее бргу да ги намали случаите на коронавирус меѓу Израелците што добија вакцина.
„Сметам дека ова се прилично убедливи докази што ги потврдуваат ефектите од вакцинацијата на ниво на една држава“, вели Вилијам Ханаџ, епидемиолог од Факултетот за јавно здравје „Чан“ при Универзитетот „Харвард“, кој не бил вклучен во израелската студија.
Новото израелско истражување ги анализира националните здравствени статистички податоци за луѓе над 60 години и постари, кои ја примиле вакцината на „Фајзер/Биотек“.
Анализирајќи ги податоците од шестнеделната вакцинација, период во кој мнозинството од луѓето на таа возраст биле вакцинирани, истражувачите откриле дека бројот на нови случаи на Ковид-19 опаднал 41 процент во споредба со три недели претходно.
Во таа група исто така имало и пад на хоспитализациите од 31 отсто и пад од 24 отсто на оние со потешка клиничка слика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кина предупредува: Повлекувањето на САД од 66 меѓународни организации го поткопува глобалниот поредок
Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за повлекување на Соединетите Американски Држави од дури 66 меѓународни организации, според оценките на кинеските аналитичари, претставува тежок удар врз глобалниот систем на управување, а истовремено отвора и можности и предизвици за Кина. Додека набљудувачите предупредуваат на долгорочни последици за американското лидерство и создавање вакуум на моќ во клучни области како климата и безбедноста, од Пекинг пристигнуваат остри предупредувања.
Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, го опиша континуираното повлекување на Вашингтон од мултилатерализмот како потег што „веќе не е новост“, но предупреди дека тој ги поткопува темелите на глобалниот поредок со Обединетите нации во неговиот центар.
„Само функционален мултилатерален систем може да го спречи ‘ширењето на законот на џунглата’ и враќањето на ‘правото на посилниот’ и логиката дека ‘силата е правда’“, порача Мао.
Трамп во средата потпиша извршна наредба со која се суспендира американската поддршка за 31 агенција на Обединетите нации и уште 35 други организации. Како што се наведува во соопштението на Белата куќа, станува збор за тела „кои дејствуваат спротивно на американските национални интереси, безбедноста, економскиот просперитет или суверенитетот“.
Многу од погодените тела се занимаваат со климата, трудот и миграциите, а администрацијата на Трамп ги обвинува за промовирање „воук“ иницијативи. Најзначајна меѓу нив е Рамковната конвенција на ОН за климатски промени – договор што ги поддржува сите главни меѓународни климатски договори.
Излегувањето од климатската рамка на ОН, кое следи по повлекувањето од историскиот Париски договор на почетокот од минатата година, сигнализира поширок тренд на американско напуштање на мултилатерализмот, смета Ли Шоу, директор на Кинескиот климатски центар при Asia Society Policy Institute.
Ли го нарече американското повлекување „тежок удар врз глобалната климатска акција, кој го разградува тешко постигнатиот консензус и претставува најсериозен предизвик за меѓународните климатски напори од усвојувањето на Парискиот договор“. „За светот, одлуката на претседателот Трамп поставува остро прашање: како може да се реши глобалната криза без учество на највлијателната светска сила?“, праша Ли.
Уште од својот прв претседателски мандат, Трамп ги повлече САД од повеќе тела на ОН, вклучително и од Светската здравствена организација, и драстично го намали финансирањето на бројни агенции, принудувајќи ги да ги намалат своите операции.
Шен Дингли, експерт за меѓународни односи од Шангај, објаснува дека обединувачката логика зад овој пристап е политиката „Америка на прво место“, која договорите и организациите ги третира како потрошни алатки. „Соединетите Држави отсекогаш биле мешавина од идеализам и реализам“, изјави Шен. „Од реалистична перспектива, тие ги користат меѓународните организации кога им се корисни и ги отфрлаат кога не се. Тоа нема врска со идеологија, туку исклучиво со корисност.“
Свет
Мелони: Не би поддржала американски напад врз Гренланд, но тие мора да бидат таму
Италијанската премиерка, Џорџа Мелони, денеска изјави дека не верува оти Соединетите Американски Држави ќе употребат воена сила за анексија на Гренланд, предупредувајќи дека таков потег би имал тешки последици за НАТО.
На традиционалната новогодишна прес-конференција, Мелони додаде дека постои потреба од „сериозно и значајно“ присуство на НАТО во арктичкиот регион, вклучително и на Гренланд.
„И понатаму не верувам во хипотезата дека Соединетите Американски Држави би покренале воена акција за да ја преземат контролата врз Гренланд, опција што очигледно не би ја поддржала“, рече Мелони.
„Тоа не би било ни во интерес на САД“
„Верувам дека тоа не би било во ничиј интерес. Мислам дека тоа не би било ни во интерес на Соединетите Американски Држави, да бидам јасна“, додаде италијанската премиерка.
Операцијата на американската војска во која беше соборен лидерот на Венецуела повторно ја поттикна загриженоста околу американските намери кон Гренланд. Белата куќа во вторникот соопшти дека САД разгледуваат повеќе опции за преземање на Гренланд, меѓу кои и употреба на воена сила.
„На сите им е јасно дека тоа значително би влијаело врз НАТО“
Мелони, која важи за една од најблиските европски сојузнички на американскиот претседател Доналд Трамп, изјави дека „на сите им е јасно“ оти секој американски потег поврзан со Гренланд би имал значително влијание врз НАТО. Таа додаде дека токму тоа е причината зошто не верува дека Вашингтон ќе ги реализира своите закани.
Сепак, истакна дека е важно НАТО да го засили своето присуство во арктичкиот регион, како и да ја разбере загриженоста на САД околу потребата од спречување на „прекумерно мешање на други актери кои би можеле да бидат и непријателски расположени“.
Свет
Писмо од Трамп до Орбан: поддршка пред изборите во Унгарија
Американскиот претседател Доналд Трамп му посакал многу среќа на унгарскиот премиер Виктор Орбан, долгогодишен сојузник, во неговата изборна кампања, во писмо што Орбан го објави на својата „Фејсбук“ страница.
Двајцата лидери се сретнаа во Белата куќа на 7 ноември, каде што Трамп му одобрил на Орбан едногодишно изземање од американските санкции за руската енергија, со што бил спречен пораст на цените што сериозно би го погодил унгарското стопанство, изјави Орбан.
Во своето писмо, Трамп наведува дека храброто водство на Орбан служи како пример за остатокот од светот. Тој додава дека со нетрпение очекува продлабочување на соработката во областа на одбраната, енергетиката и илегалните миграции.
„Отсекогаш цврсто ги браневте принципите што ја прават Унгарија толку извонредно место – верата, семејството и суверенитетот“, напишал Трамп во писмото од 10 декември.

