Македонија
Заев и Царовска: Креираме македонски модел на основно образование во согласност со најдобрите светски искуства
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министерката за образование и наука, Мила Царовска, денеска учествуваа на јавната расправа по повод реформите во образованието, која се одржа во Собранието на Северна Македонија.
На расправата во организација на собраниската Комисија за образование, наука и спорт учествуваа и претставници на МАНУ, на ЗЕЛС, градоначалници, наставници и професори на факултетските установи и на други општествени, образовни, политички и други стручни институции, претставници на граѓанските организации, како и претставници на меѓународните организации и на амбасадите на земјите што учествуваат во образовните реформи.
Во своето обраќање премиерот Заев ја нагласи заедничката желба за учество во расправата за најдобар придонес во исцртувањето на контурите на една од најзначајните реформи во нашето општество – образованието.
„Сите ние во овој процес тргнуваме од амбицијата со реформата да го осовремениме нашето образование со нов модел на настава кој е инспириран од веќе постојните образовни системи во развиените земји во светот и Европа. Се разбира, во промислувањето на реформите ги имаме предвид нашите автентични општествено-економски состојби и заедно со најдобрите европски и светски образовни искуства на пат сме да создадеме наш македонски национален модел на основно образование“, истакна премиерот Заев.
Заев нагласи дека целиот овој процес се прави во најдобар интерес на учениците и затоа ќе се спроведува со максимална вклученост на сите образовни институции, граѓанските организации, социјалните партнери, како и експертите за образование и професионалци од праксата со кои се трага по баланс во предлозите со цел да се направат реформи во најдобар интерес на нашите ученици.
„Целта е да обезбедиме образование со кое секое дете ќе го достигне својот полн потенцијал преку изборни и воннаставни предмети“, рече премиерот Заев.
Министерката за образование и наука, Мила Царовска, во обраќањето истакна дека заедничкиот заклучок од целиот овој процес на дебати, кој претходеше на денешната јавна расправа, е дека реформи во образованието се нужни и овој процес не смее да запре.
Министерката во обраќањето истакна дека треба да се отфрлат сите сомнежи дека реформата нема да успее, дека немаме капацитет да ја спроведеме или, пак, дека е избрзана.
Царовска рече дека е свесна оти секоја промена кај нас предизвикува чувство на неизвесност, па дури и на страв, но без промени нема напредок, исто како што без труд и учење нема знаење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со слаби локални врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините врнежи од слаб снег. По одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со појава на магла. Во делови од котлината ќе има услови за слаб дожд. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 5 степени.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.

