Топ
Скопјанец осомничен дека запалил автомобил со што предизвикал силна експлозија

Триесет и шестгодишен скопјанец е осомничен дека запалил автомобил во Скопје со што предизвикал штета од 450.000 денари.
Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против 36-годишно лице за кое постои основано сомнение дека сторило две кривични дела – тешки дела против општата сигурност и недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје.
На 4 јануари, на улицата Јабланица во Скопје, осомничениот полеал паркиран автомобил „ауди“ со запалива течност и со запалка ја активирал. Со ова тој предизвикал силна експлозија и целосно опожарување на автомобилот со штета во вредност од 450.000 денари, како и делумно опожарување на автомобил „форд мондео“, кај кој била предизвикана штета од 10.000 денари.
По експлозијата, сопственикот на автомобилот „ауди“ излегол на терасата од неговата куќа и го забележал осомничениот како бега од местото.
При претрес во домот на осомничениот на 5 јануари, полициските службеници пронашле полуавтоматски пиштол марка „Црвена застава М57“ со калибар 7,62Х25 мм, два куршума во рамка, како и дополнителни 54 куршуми.
Бидејќи постои опасност од бегство, можност осомничениот да влијае врз сведоците и да ги повтори кривичните дела, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Детали за случајот со Геријатрија: Директорот знаел дека пациентот е богат, барал 100.000 евра за да го смести во болницата

Директорот на болницата за Геријатрија, Мухсин Арифи, кој е осомничен за поткуп, знаел дека пациентот кој требало да се смести во установата бил богат и барал 100.000 евра поткуп. Кога роднината на пациентот кажал дека тоа се многу пари, директорот предложил до сумата да се дојде преку продажба на стан кој го поседувал пациентот. По неколку средби, сепак, било договорено роднината да даде 20.000 евра за да смести болното лице во болницата.
Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција објави детали за случајот. Од таму соопштија дека е побаран притвор за две лица, односно за директорот Арифи и за уште едно лице што му помагало.
Првоосомничениот, односнот директор на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина во Скопје, во периодот од 19.03.2025 до 08.04.2025 година, во неколку прилики директно побарал значителна имотна корист за себе за да изврши службено дејствие што би морал да го изврши.
Поткупот го побарал од сведок во постапката – давател на доживотна издршка за лице кое боледувало од повеќе состојби и на кое по лекарски препораки и упатување му било потребно болничко згрижување во наведената установа. Кога сведокот се обратил во установата бидејќи состојбата на пациентот се влошувала, била известена дека пациентот е ставен на листа за чекање за прием.
По неколку дена добила повик од второосомничениот, кој и закажал средба со директорот на Установата на 19.03.2025 година во вечерните часови во еден угостителски објект во Скопје.
На средбата, првоосомничениот лично кажал дека знае оти пациентот е материјално добро ситуиран, за што имал податоци и за недвижниот имот кој го поседува, па ветил помош за сместување ако биде награден со 100.000 евра. Жената-сведок реагирала дека тоа се многу пари, на што директорот предложил до бараната сума да се дојде преку продажба на недвижниот имот – стан кој го поседувал пациентот, што не било опција бидејќи станот бил опфатен со договор за доживотна издршка.
На 03.04.2025 година била реализирана средба меѓу сведокот и помагачот, како лице во кое директорот имал целосна доверба, а на 04.04.2025 година повторно сведокот се сретнал со двајцата осомничени. Конечно било договорено сведокот да даде 20.000 евра како гаранција за да го смести пациентот во болницата, а доколку првоосомничениот „со проверки“ утврди дека пациентот има и дополнителен недвижен имот тој имот да се продаде за да се обезбеди вкупно побараниот износ од 100.000 евра.
Согласно овој договор, на 08.04.2025 година жената-сведок се сретнала со второосомничениот, кој влегол во нејзиното возило и во име на директорот директно примил износ од 20.000 евра, по што на лице место бил фатен од страна на полициските службеници.
Македонија
Четворица од повредените лица во пожарот во Кочани денеска се враќаат од странство

Министерството за здравство информира дека денеска се враќаат четворица од повредените лица во пожарот во Кочани, кои се лекуваа во медицински центри во Хрватска (двајца пациенти), Шведска (1 пациент) и Италија (1 пациент).
Во странство се хоспитализирани 60 пациенти. Непроменета останува состојбата на пациентите што се третираат во странство, вклучително и состојбата на критичните пациенти.
Во болниците во земјата во моментот се лекуваат 7 пациенти, од кои четворица на Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“, двајца пациенти во приватната болница „Систина“ и еден пациент на Клиниката за пулмологија.
Од Министерството за здравство известуваат дека континуирано ја следат состојбата со повредените пациенти со цел обезбедување најдобар можен третман, како и понатамошна рехабилитација.
Македонија
„Трошки за работниците наместо вистинско зголемување на платите, Владата ги извиси граѓаните“, велат од СДСМ

„Наместо вистинско и реално зголемување на платите, владата ги извиси работниците. Власта им фрла трошки на работниците со покачување од срамни 1.800 денари наместо зголемување на минималната плата на 500 евра како што бараат и заслужуваат“, соопшти СДСМ.
„Додека граѓаните се борат со сметки и мизерни плати, тие продолжуваат да штитат интереси на богатите, оставајќи ги работниците на работ на егзистенција.
Власта не го почитува ниту општиот Колективен договор и не ги зголемува платите во јавниот сектор за предвидените 12,5%.
Најавата за зголемување од само 5% на платите за вработените во здравството е историски најмало во споредба со досегашниот раст на платите.
Вкупните примања на лекарите специјалисти од 2017 до 2024 година, заедно со дежурства се зголемени меѓу 100-160%, по корекцијата на коефициентите од страна на СДСМ.
Основната плата на лекарите специјалисти СДСМ ја зголеми за 40 проценти, на медицинските сестри ја зголемивме помеѓу 20 и 23 проценти, на општите лекари за 25 проценти.
Се потпиша и Спогодбата со здравствениот синдикат за ново зголемување на платите на здравствените работници кое требаше да биде над 20% и тоа сега веднаш а не ДПМНЕ да прави лоша математика.
Истот така, платите на наставниците требаше да бидат зголемени за 12,15% ама во септември 2024 година. И тоа не се случи.
Реалноста е понижувачка – зголемувањето од едвај 5% ги остави наставниците без заслуженото за нивниот труд. Со ова наставниците и просветните работниците се оштетени. Дополнително, најавените зголемувања од 7% се далеку од тоа што им следува и што треба да го добијат просветните работници.
Ваква измама и понижување на граѓаните, кои чесно работат и со право бараат поголеми плати, никој никогаш не направил.
Оваа влада е влада против граѓаните и работниците, против сите кои бараат подобар живот. Пари има за папаја, манго, аспарагус и приватни летови, но нема за оние кои едвај врзуваат крај со крај“, се наведува во соопштението на СДСМ.