Македонија
Националната комисија за УНЕСКО: Зачувување на Охрид како светско природно и културно наследство
Националната комисија на УНЕСКО на денешната втора седница го разгледа нацрт-извештајот за состојбата и напредокот во заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот Регион за 2020 година, при што усвои мислење упатено до Владата, во кое се вели дека нацрт-извештајот е во насока на истакнување на заложбите на земјата, која значително ги интензивира своите активности за спроведување на одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО од седницата одржана во Баку во 2019 година и за исполнување на препораките на Реактивната мониторинг-мисија на УНЕСКО и советодавните тела ICOMOS и IUCN реализирана во 2017 година.
„Имајќи предвид дека Република Северна Македонија останува цврсто посветена на зачувувањето на статусот на светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, Националната комисија за УНЕСКО на Република Северна Македонија го разгледа и подетаљно се запозна со содржината и со постапката на изготвување на нацрт-извештајот за состојбата со заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот Регион и напредокот во спроведувањето на препораките од одлуката на Комитетот за светско наследство (43 СОМ 7В.36), кој ја отсликува состојбата со доброто и предлага Владата на Република Северна Македонија да го разгледа и да го усвои“, се наведува во соопштението на Министерството за култура.
Според Комисијата, со оглед на фактот што нацрт-извештајот претставува официјален документ на државата „подготвен врз основа на информациите што ги отсликуваат комплексните состојби со доброто, преку владината процедура релевантните органи, институции и локалната самоуправа ќе имаат можност да го дадат своето мислење пред неговото официјално усвојување од страна на Владата на Република Северна Македонија, а со цел Националната комисија за УНЕСКО на Република Северна Македонија да го достави до Центарот за светско наследство на УНЕСКО“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Не е точно дека постои разговор за коалиција со Рамиз Мерко, не преговарам со луѓе на црната листа на САД
Не е точно дека постои разговор за коалиција со Рамиз Мерко, не преговарам со луѓе на црната листа на САД, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денес, одговарајќи на новинарско прашање во врска со шпекулациите објавени на одредени портали за наводна коалиција со Рамиз Мерко.
„Тоа се портали, кои, претпоставувам, се финансирани од еден ист центар, кој сега е разочаран бидејќи Рамиз Мерко не ја поддржува ДУИ во вториот круг. Претпоставувам, сега, за да најдат противтежа, како да направат сензација за да ја потонат оваа вест, вадат во јавноста комплетна невистина. Многупати во минатото ние сме го кажале нашиот став за Рамиз Мерко, така што, ете, оставам на тој начин да прават и креираат сензација, инаку апсолутно е неточно“, вели Мицкоски.
Македонија
Јаневска: Експанзијата на академскиот простор донесе квантитет, но не и квалитет, затворени 14 приватни научни институти и еден приватен факултет
Важно е да разговараме за квалитетот на нашето високо образование, но и да преземаме конкретни активности за негово континуирано подобрување, усогласување со европските стандарди и приближување кон реалните потреби на пазарот на труд и општеството во целина, рече министерката за образование Весна Јаневска во обраќањето на Првиот годишен форум за квалитет во високото образование, што го организира Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
Јаневска посочи дека оваа Владата е свесна за итноста од реформирање на највисокиот степен на образование и затоа презема конкретни мерки и активности насочени кон системски промени.
„Активно работиме на подготовка на нови законски решенија за високото образование и за научноистражувачката дејност. Законите, сами по себе, не може да однесат универзитет повисоко на Шангајската листа, но ако академската заедница првин се вклучи во нивното носење, а потоа и ги почитува, ќе може да изградиме поквалитетно високо образование“, нагласи министерката Јаневска.
Во обраќањето Јаневска укажа на конкретните чекори што ги презема Министерството за образование и наука за унапредување на научната продуктивност и интеграција на македонската академска заедница во глобалниот истражувачки простор. Научните бази Web of science и Scopus од оваа година се бесплатно достапни за професорите, научниците и за студентите на јавните универзитети. Зголемен е буџетот за наука од 380 на 680 милиони денари и годинава, првпат по повеќе години, преку три повици беа доделени 374 милиони денари за научноистражувачки проекти на јавните високообразовни и научни установи, на МАНУ и на бизнис-заедницата. Академскиот кадар е високо почитуван, а платите на универзитетските професори од јануари се зголемени за 14 %.
„Експанзијата на академскиот простор донесе квантитет, но не и квалитет. Спроведовме сериозни контроли на високообразовните и на научните установи, а резултатот е: затворени 14 приватни научни институти и 1 приватен факултет поради констатирани нерегуларности во работењето и непостапување по дадени забелешки на просветната инспекција и МОН. Ова не е кампања, туку ќе биде континуирана активност“, прецизира министерката Јаневска додавајќи дека ќе следува реформа на Агенцијата за квалитет на високото образование, како и формирање на првиот државен научно-технолошки парк во Македонија.
„Работиме, но Владата и Министерството не може сами да изградат образовен систем што ќе биде квалитетен, препознатлив и посакуван. Неопходни се решителност и иновативност што ќе ги покажат универзитетите, а ние ќе им бидеме силен поддржувач и партнер“, рече Јаневска упатувајќи повик до сите универзитети да ги забрзаат реформите, почнувајќи од модернизирање на студиските програми, поврзување со други универзитети, развивање заеднички програми и двојни дипломи, со цел студентите да добијат глобални перспективи.
Македонија
Почина Коста Јаневски, еден од основачите на радиото „Антена 5“
По кратко боледување, на 65-годишна возраст почина Коста Јаневски, филмски работник и еден од сопствениците и основачите на радиото „Антена 5“.
Учествуваше во основањето, техничкиот развој и во креирањето на програмата, а ја извршуваше функцијата технички директор во „Антена 5“ од 1994 година.
Работеше на техничката и на програмска реализација на сите домашни и меѓународни музички и културни настани пренесувани на програмата на „Антена 5“: Британските музички награди, Европските музички награди Ем-ти-ви (MTV ЕМА), Зимската музичка конференција во Мајами, Викенд „Медија фестивалот“, „Егзит“, „Таксират“, Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ и „Д фестивал“ во Дојран.
Пред основањето на „Антена 5“, беше дел од програмата Радио Микс на Радио УНО и проектот „Радиотоп-листа на Македонија“.
Дипломира на Електротехничкиот факултет. Својата кариера како филмски работник ја почнува во осумдесеттите години како монтажер на тон и тон снимател. Во 1985 година работеше како слободен филмски работник во Друштвото на филмските работници на Македонија, а од наредната година работи во продуцентската куќа „Вардар филм“. Во текот на својата кариера учествуваше во реализација на филмски проекти од домашна продукција и од странски копродукции, голем број играни, документарни, краткометражни и долгометражни филмови, како „Македонска сага“, „Среќна Нова ‘49“, „Тетовирање“ и многу други.
Беше член на Друштвото на филмските работници на Македонија и член на Здружението на тонските сниматели на Македонија. Погребот ќе биде во вторник во 11.30 на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје.

