Македонија
(Видео) Милошоски: ВМРО-ДПМНЕ почнува со собирање граѓански потписи за фер попис

Станува јасно дека власта предводена од Заев наместо статистичка во пописот гледа политичка операција што е коалиционен договор и е надвор од стандардите на Европската Унија, изјави на прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
„Власта го политизира пописот по два основа. Прво, самите претставници на власта почнаа со лицитирање на проценти кој и колкав процент треба да биде за пописот да биде признаен или непризнаен и второ, власта видовме дека по директива на Заев ја одби и граѓанската иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ за собирање потписи за поништување на овој неевропски Закон за попис. Со тоа власта на Заев покажува дека се плаши од граѓански потписи бидејќи Заев и неговите министри се многу свесни дека големото мнозинство на граѓани во Македонија се сомнева дека овој попис ќе биде политички фалсификат наместо да биде веродостојна статистика. Во спротивно ќе прифатеа граѓаните на регуларен начин преку Министерството за правда да ги соберат потписите за спротивставување на ваквиот закон“, рече Милошоски.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ и покрај ваквите институционални пречки ќе ја почне иницијативата на собирање потписи од сите граѓани, една натпартиска иницијатива каде што ќе може да се потпише секој оној граѓанин којшто се залага за фер, европски и веродостоен попис во Македонија.
Милошоски рече дека дополнително ќе ги соопштат пунктовите и местата каде што секој граѓанин ќе може да го даде својот потпис и тие потписи заедно со иницијативата на пратениците, како што нагласи, ќе значат една сериозна, легитимна операција, проект што ќе биде доставен до Собранието со сериозна граѓанска тежина преку којашто ќе се утврди дека власта има сериозна опозиција кај самите граѓани коишто не ѝ веруваат на власта дека е спремна да спроведе статистички и европски попис.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Крадци корнат бисти од гробишта – по Бутел, бронзена биста украдена и во Ѓорче

Нов случај со кражба на бронзена биста од гробишта бил регистриран во полицијата во текот на вчерашниот ден.
Скопјанка пријавила попладнето дека од гробиштата во Ѓорче Петров со употреба на физичка сила била одземена една бронзена биста.
Само два дена претходно, истото се случи и на гробиштата во Бутел. Тогаш од МВР информираа дека со употреба на физичка сила и подесен алат биле одземени три бронзени бисти.
„Макфакс“ претходно објави и дека во текот на минатата седмица беше откорнатата плоча од споменикот на децата бегалци во паркот „Жена борец“ во Скопје. Украден е релјефот од бакар, мотив на мајка со три деца, прицврстен на постаментот, отстранети се и бронзените букви од натписот „Татковината – копнеж на прогонетите“
Од МВР велат дека се работи на расчистување на случаите.
Македонија
Дрво падна кај Млечен, оштетени три автомобили, скинати кабли од бандера

Дрво попладнево падна на улицата Анкарска кај популано именуваниот реон „Млечен ресторан“.
Паднатото дрво има оштетено три автомобили.
Од Центарот за управување со кризи, информираа дека полицијата е на лице место и настанот е пријавен во ЈП ,,Паркови и зеленило” за да го отстранат паднатото дрво од улицата.
Исто така, дрвото, при паѓањето, има скинато кабли од бандера.
Известени се надлежните институции за санација на скинатите и откачени кабли.
Фото: Илустрација
Македонија
Села му одговори на Таравари: Без доверба и чест нема ниту куќа, ниту врата

Едниот од лидерите на поделената Алијанса за Албанците, Зијадин Села, преку социјалните мрежи му одговори на неговиот поранешен сопартиец, Арбен Таравари за можноста за повторна соработка.
„Според албанската традиција и обичајното право, домот не е едноставно место каде што живееш, туку тоа е име и идентитет! Дали вратата или куќата е голема или мала го прави сопственикот на куќата. Честа, довербата, дадениот и одржан збор и мажественоста се атрибутите кои овој сопственик мора да ги има. А кога ги нема, тоа не се нарекува ниту куќа, ниту врата, а камоли голема“, се вели во објавата на Села.
Таравари претходно вчера рече дека кој сака е добредојден да им се придружи. Одговарајќи на новинарско прашање дали е можно повторно спојување со лидерот на другото крило од Алијанса за Албанците, Зијадин Села, тој изјави: „Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е“.

„Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е“ – Арбен Таравари
Алијансата за Албанците на Таравари одлучи на локалните избори да излезе со посебни листи за општински советници.