Регион
Црна Гора го враќа полицискиот час, најлоша е во Европа по бројот на заразени
Во Црна Гора се воведува полициски час, односно ќе се забрани напуштање на домовите од 21 до 5 часот наутро.
Покрај тоа, ќе се прекине и меѓуградскиот сообраќај за време на викендите, објави директорот на Институтот за јавно здравје, Игор Галиќ, а пренесува порталот „Блиц“.
Угостителските објекти, според новите мерки на црногорското Министерство за здравство, ќе бидат отворени до 18 часот.
Како што истакнал Галиќ, специјални мерки ќе бидат воведени во општините Будва и Тиват поради посложената епидемиолошка состојба, јави Радио-телевизија Црна Гора.
Во Будва и Тиват се забрануваат јавни собири на отворено и затворено, забранета им е работата на угостителските објекти и компаниите што се занимаваат со продажба на непрехранбени производи, а дозволена им е работата и на службите што обезбедуваат услуги од јавен интерес.
Во овие општини, рече Галиќ, работата во образовните институции – градинки, училишта и факултети – е прекината и се преминува на онлајн-настава.
Црна Гора втора недела по ред бележи најголем број новозаразени на 100.000 жители меѓу 45 европски земји.
„Пополнетоста на болничките капацитети со ковид-пациенти е 67 отсто“, рече министерката за здравство, Јелена Боровиниќ-Бојовиќ, чија оставка ја бара црногорската опозиција поради одложената вакцинација и нејзиното одбивање на донациите од неколку илјади дози вакцини што ги нудат бизнисмени блиски до претседателот Мило Ѓукановиќ.
Министерката, пак, вели дека претходната влада е виновна за доцнењето на вакцинацијата затоа што кон средината на минатата година, кога другите земји се договарале, не направила ништо за навремено да донесе вакцини во Црна Гора.
Таа најави дека првите руски вакцини се очекува да пристигнат набргу, но без да прецизира одреден датум.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Рама објави укинување на забраната за „Тик-ток“ во Албанија
Албанскиот премиер Еди Рама објави дека социјалната мрежа „Тик-ток“ повторно ќе биде достапна во Албанија.
Рама во интервју за „Политико“ истакна дека албанската влада постигнала партнерство со претставници на социјалната мрежа и дека набргу ќе претстави нови мерки за заштита на јавноста во оваа земја.
„Задоволни сме од резултатот. Постигнавме партнерство и се надевам дека во наредните недели или месеци ќе го презентираме планот пред албанските граѓани, како што ветивме“, рече Рама.
Албанската влада го забрани „Тик-ток“ пред една година кога објавите на платформата предизвикаа тепачка меѓу млади, во која 14-годишно момче беше избодено до смрт.
Регион
Србија меѓу првите во регионот што воведува тестирање на алкохол кај летачкиот и кај кабинскиот персонал
Од 1 јануари 2026 година во Србија ќе почне систематско тестирање на летачкиот и на кабинскиот екипаж за присуство на алкохол.
Со тоа Србија станува една од првите земји во регионот што ја воведува оваа постапка во целост, објави Дирекцијата за цивилно воздухопловство на Србија.
Тестирањето ќе се спроведува на летачкиот и на кабинскиот екипаж на домашни и странски авиони што ги користат аеродромите во Србија.
Проверките ќе ги вршат специјално обучени и овластени воздухопловни инспектори на Дирекцијата.
Постои нулта толеранција за присуство на алкохол кај членовите на екипажот на авионите.
За мерење на количината алкохол ќе се користат сертифицирани и калибрирани уреди за мерење алкохол во здивот, кои имаат доказна вредност во судските постапки.
Во случај член на летачкиот или кабинскиот екипаж да го одбие тестот или тестот утврди присуство на алкохол, воздухопловниот инспектор привремено ќе му забрани да ги извршува должностите на член на екипажот и ќе го пријави тоа кај надлежните органи.
По правило тестирањето ќе се врши во кабината на авионот, а податоците за спроведените тестови ќе се внесуваат во централизирана база на податоци управувана од Агенцијата за безбедност на воздухопловството на Европската Унија (EASA).
За почетокот на примената на оваа постапка Дирекцијата навремено ги информира сите воздухопловни субјекти во Србија и EASA, која има улога да обезбеди поддршка во дефинирањето на приоритетите за тестирање и управувањето со релевантните податоци.
Фото: depositphotos
Регион
Во Хрватска во тек е јавна дебата за изградбата на првата нуклеарна централа
Во Хрватска предлог-законот за примена на нуклеарна енергија за цивилни цели, изготвен од работна група, составена од голем број експерти од областа, е пуштен на јавна дебата, што всушност е првиот сериозен правен чекор во долгорочниот и скап процес на изградба на првата нуклеарна централа на хрватска територија.
Во последните месеци, министерот за економија, Анте Шушњар, често се појавуваше во јавноста со идејата дека Хрватска треба да изгради сопствена нуклеарна централа, што во овие нови геополитички околности и трендови на напуштање на фосилните горива, како и во времето на револуцијата на вештачката интелигенција и потребата од огромни количини електрична енергија, би донело стабилност во електроенергетскиот систем на земјата и би влијаело на намалувањето на емисиите на штетни гасови, пренесува „Танјуг“.
Од нацрт-верзијата на предложениот закон е јасно дека Хрватска во иднина во голема мера ќе се потпира на нуклеарна енергија. Планот е една третина од електричната енергија до 2040 година да доаѓа од нуклеарни извори.

