Свет
Бајден – Шји: Интензивирање на конфликтот би довело до катастрофа на двете нации

Американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот претседател Шји Џјинпинг го одржаа првиот телефонски разговор. Во разговорот, Бајден потенцира дека приоритет за неговата земја е отворениот и слободен регион на Индотихоокеанската Област, додека кинескиот лидер истакна дека засилувањето на конфликтот ќе доведе до катастрофа за двата народи.
„Американскиот претседател му ја пренесе на кинескиот лидер својата загриженост за кршењето на човековите права во Пекинг, Хонгконг, Ксинџијанг и кинеската политика кон Тајван“, се вели во соопштението на Белата куќа.
Во соопштението стои дека претседателот на Кина му соопштил на Бајден дека понатамошна конфронтација ќе доведе до катастрофа и дека двете страни треба да воспостават механизми за надминување на сите недоразбирања.
Ова беше прв официјален телефонски разговор меѓу двајцата претседатели откако кинескиот лидер разговараше со поранешниот претседател Доналд Трамп во март минатата година. Оттогаш односите меѓу двете земји достигнаа најниско ниво во последните неколку децении, а Трамп директно ја обвини Кина за ковид-пандемија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Србија им препорачува на граѓаните да не патуваат во Хрватска на почетокот на август

Министерството за надворешни работи на Србија им препорача на граѓаните на Србија да се воздржат од патување во Хрватска во периодот од 1 до 10 август.
Во соопштението Министерството им советува на граѓаните што ќе бидат на територијата на Хрватска во тој период да избегнуваат собири и други јавни собири, кои може да носат ризик од инцидентни ситуации.
Во тој период – на 5 август, Хрватска ја одбележува годишнината од воено-полициската операција „Бура“. Прославата се одржува на денот кога завршила акцијата. Во Србија годишнината од „Бура“ е на 4 август, денот кога почнала, како ден на сеќавање на жртвите и протераните Срби.
Свет
Откриен можниот мотив на убиецот од Њујорк – оставил проштално писмо

Шејн Девон Тамура (27), напаѓачот кој вчера уби четири лица во деловна зграда во Њујорк, пред да си го одземе животот, оставил проштално писмо во кое тврдел дека боледува од хронична трауматска енцефалопатија (ЦTE) и побарал неговиот мозок да биде анализиран по смртта, јавува „Си-ен-ен“.
Во краткото писмо од три страници, пронајдено во неговиот џеб по пукањето, Тамура напишал: „Тери Лонг и американскиот фудбал ми ја донесоа ЦTE, поради што испив литри антифриз. Не можете да се борите против NFL – ќе ве згази.“ Тери Лонг, поранешен играч на Pittsburgh Steelers, беше дијагностициран со ЦTE и изврши самоубиство во 2005 година.
Тамура во пораката додал: „Ве молам, проучете ми го мозокот. Жал ми е. Кажете им дека ми е жал за сè.“
Според извори на „Си-ен-ен“, Тамура во младоста играл американски фудбал, што дополнително го поддржува неговото тврдење дека страдал од ЦTE – болест што најчесто се поврзува со повторувачки удари во глава кај спортисти, дури и без забележани потреси на мозокот.
Според досегашните сознанија, Тамура бил незадоволен од начинот на кој Националната лига за американски фудбал (NFL) со години го игнорира проблемот со ЦTE, кој е потврден кај бројни поранешни играчи по нивната смрт, а многумина имаат проблеми и додека се живи. Полицијата претходно објави дека Тамура имал „историја на ментални нарушувања“.
Тој влегол со пушка во зградата каде се наоѓа седиштето на NFL и почнал да пука во фоајето, а потоа и на 33. кат, пред да си го одземе животот. Еден вработен во NFL е тешко повреден, додека останатите биле навреме евакуирани.
Пријател од училишните денови, Калеб Кларк, го опишал Тамура како „најголемиот шегаџија во одделението, полн со енергија“. „Никогаш не би помислил дека би можел да биде поврзан со насилство. Луѓето му велеа дека е талентиран и посебен, но тој никогаш не кажуваше дека ќе игра во NFL,“ изјавил Кларк.
Во 2015 година, Тамура се преселил во Гранада Хилс и работел во казино во Лас Вегас, каде што поседувал дозвола за носење оружје.
Свет
Кремљ: Путин му се јави на Нетанјаху, разговараа за Сирија и за Иран

Претседателот на Русија, Владимир Путин, разговараше по телефон со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, објави прес-службата на Кремљ. Според руските власти, лидерите на двете земји разговарале за напнатата ситуација на Блискиот Исток.
„Руската страна ја потврди својата цврста позиција во корист на исклучиво мирно решавање на проблемите и конфликтите што постојат во регионот“, вели Кремљ. Путин ја нагласи важноста од поддршка на единството, суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија.
Рускиот претседател исто така ја изрази подготвеноста на Русија да помогне во наоѓањето преговарачки решенија поврзани со нуклеарната програма на Иран.