Македонија
Османи на средба со Столтенберг во седиштето на НАТО

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари посета на седиштето на НАТО, каде што имаше средба со генералниот секретар Јенс Столтенберг, известуваат од МНР.
„За мене лично, денешната посета на НАТО е повеќе од симболична. Ова е моја прва официјална средба тука по преземањето на функцијата предводник на дипломатијата на Северна Македонија и не верувам дека е игра на случајност, но денешниот ден се совпаѓа со ратификацијата на Северноатлантскиот договор во Собранието, со што се потврди цврстата, едногласна и суверена одлука да бидеме денес 30-та полноправна земја членка на алијансата, а тоа е навистина убаво чувство – да се биде и официјално дел од најважната политичко-воена алијанса на светот“, истакна Османи.
Според информациите од Министерството, Османи и Столтенберг разговарале за активностите на Република Северна Македонија во насока на заокружување на процесот за целосно интегрирање на земјата во структурите на НАТО, финализација на правната рамка, ратификување на договорите што произлегуваат од нашето членство во организацијата и други активности што произлегуваат од тоа.
На средбата, велат од МНР, биле разменети и мислења за политичко-безбедносната состојба во регионот и пошироко, како и за нашето учество во натамошните планови и активности на алијансата.
Според МНР, се разговарало и за актуелните состојби поврзани со пандемијата на Ковид-19, при што заеднички била констатирана потребата од тесна соработка во рамките на НАТО и со земјите членки во справувањето со оваа глобална криза.
„Особено сме благодарни до сите земји членки и партнери што обезбедија помош за нашата земја. Тоа го цениме како висок степен на солидарност, како клучен принцип врз кој се темели НАТО“, нагласи Османи.
Османи е во дводневна билатерална посета на Луксембург и Белгија со цел презентација на европското досие на Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Коњановски: Реката Драгор добива ново лице

Во следниот мандат, една од најголемите заложби ќе биде реализација на многу значаен проект, уредувањето на коритото на реката Драгор, симбол на нашата љубов кон Битола, кон нејзината историја и иднина. Сега е време овој симбол да добие ново лице, со уредување по највисоки светски стандарди, изјави Тони Коњановски, кандидат за градоначалник на Битола од ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“.
„Со овој проект не само што ја заштитуваме реката и околината, туку создаваме простор кој ќе нè обединува. Реконструираните мостови и новите пешачки патеки ќе овозможат полесно и побезбедно движење, ќе го поврзат градот од сите страни и ќе ја зајакнат неговата функционалност“, рече тој.
Дополнително, додаде Коњановски, поставувањето на современо, енергетски ефикасно осветлување, ќе овозможи Драгор да биде жив и безбеден дел од градот и во текот на ноќта.
Македонија
Со 43 штеки цигари тројца наши државјани сакале да летаат за Лондон, Царината им ги заплени

Тројца македонски државјани се фатени на Меѓународниот аеродром Скопје со 43 штеки цигари, дел со, а дел без акцизни маркици, сокриени во нивните куфери. Цигарите биле откриени при контрола со рентген, непосредно пред патниците да се качат на лет за Лондон.
Ова е само дел од серијата заплени што Царинската управа ги изврши во текот на изминатата недела, при засилени контроли на граничните премини и терминали низ државата.
Запленети се 15.603 литри средство за стакла за возила откриени на граничниот премин Блаце, во камион на влез во државата, без да бидат пријавени во царинските документи.
410 пара патики со ознаки на заштитена трговска марка се задржани на излез од државата, поради сомневање за фалсификат. Стоката потекнува од Турција и била наменета за фирма од Косово.
Во два случаи на граничниот премин Табановце се откриени 23 автоделови меѓу кои употребувани гуми, алуминиумски бандажи, вентилатори и ремени за товарни возила.
39.5 килограми кафе се пронајдени во автобус на влез во државата, спакувани во 36 пакувања по 1 килограм и 14 пакувања по 250 грама.
Во кабина на камион во пределот на горниот кревет се откриени и запленети 69 парчиња облека односно дуксери, панталони, маици, фармерки и тренерки.
Цариниците открија и два користени велосипеди во багажник на автомобил на Табановце, 44 кружни ножеви за циркуларна пила се најдени во автобус под седиштата на патниците, а на граничниот премин Делчево се запленети бугарски регистарски таблици и сообраќајни дозволи за возило кое било раходувано и без платени давачки.
Царинската управа информира дека мобилните тимови и службениците од граничните царински испостави откриле и спречиле повеќе прекршочни дела, и најавуваат продолжување на засилените контроли.
Институцијата апелира до граѓаните и фирмите да ги почитуваат законските прописи при увоз, извоз и транспорт на стока, со цел да се заштити економскиот систем и јавната безбедност.
Македонија
Грижата за пензионерите е приоритет оти дали е добра општината се мери по тоа како се грижи за своите највозрасни, вели Меџити

Kандидатот за градоначалник на Општина Чаир од коалицијата ВЛЕН, Изет Меџити, го посети Здружението на пензионери. Се сретна со нивните претставници кои имаат назаменлив придонес во изградбата на општеството.
„Оваа посета има посебно значење за мене. Не сум тука само да слушам, туку да покажам дека ветувањата се реализираат“, рече Меџити и укажа на важноста на конкретната поддршка за возрасните лица.
Во рамките на посетата, тој информираше дека Здружението на пензионери веќе користи дополнителен простор за дневни активности, како дел од заложбите оваа категорија граѓани да биде поактивно вклучена во општествениот живот.
Меџити потсети дека во текот на оваа година, поддршката од Владата за пензионерите е видлива, со зголемување на пензиите како директна мерка за подобрување на економската сигурност на повозрасните граѓани.
Од 1 октомври е реализирано ново зголемување, а со најавеното зголемување во март, пензионерите ќе добијат вкупно 7.000 денари покачување, што претставува значаен чекор кон подобрување на нивниот животен стандард.
„Грижата за пензионерите е клучен дел од мојата политичка програма. Ќе продолжиме да инвестираме во просториите, услугите и благосостојбата на пензионерите. Зашто една добра општина се мери и по тоа како се грижи за
своите највозрасни“, рече Меџити.