Свет
„Њујорк тајмс“: Трамп бил потешко болен отколку што се прикажуваше во јавноста
Поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, бил потешко болен отколку што тогаш се прикажуваше во јавноста, нивото на кислород во крвта во еден момент нагло му се намалило и развил проблеми со белите дробови, објави „Њујорк тајмс“ повикувајќи се на четири лица кои биле запознаени со неговата здравствена состојба додека се лекуваше од коронавирус, додека друга личност од потесниот круг на Трамп го негира тоа.
Пред да биде однесен во Националниот воено-медицински центар „Валтер Рид“, прогнозата била толку загрижувачка што официјалните лица веруваа дека ќе треба да се стави на апарати за дишење, изјавија два извори за „Њујорк тајмс“.
Луѓето запознаени со здравјето на тогашниот претседател изјавија дека тој развил еозинофилна пневмонија, позната како белодробни инфилтрати со еозинофилен синдром (ПИЕ). Болеста се јавува кога белите дробови се воспалени и се акумулираат бактерии или течност.
Присуството на течност или бактерија, особено кога пациентот има други симптоми, може да биде знак на акутна состојба.
Според извор цитиран од американскиот весник, нивото на кислород на поранешниот претседател Трамп во еден момент паднала на 80, а болеста се смета за сериозна ако падне под 90.
Претходно беше објавено дека Трамп имал треска и отежнато дишење на 2 октомври.
Поранешниот претседател неволно ја напуштил Белата куќа и отишол во болница само кога неговите соработници му рекле дека може или да оди сам или да ризикува да биде изнесен од припадниците на тајната служба ако ситуацијата се влоши, тврди „Њујорк тајмс“.
Медицинскиот тим на Трамп, според „Њујорк тајмс“, настојувал да ја минимизира сериозноста на неговата состојба.
Тој ја напушти болницата по три дена и организираше кратко возење со неговиот блиндиран џип за да им мавта на приврзаниците кои беа собрани пред зградата.
Но, друга блиска личност на поранешниот претседател ги демантира тврдењата на медиумите дека Трамп бил сериозно болен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ по говорот на Трамп: Излагањето на Фон дер Лајен беше позначајно во стратешка смисла
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес изјави дека неговиот прв впечаток по говорот на американскиот претседател Доналд Трамп на Светскиот економски форум е дека се движи во насока на понатамошно спротивставување и конфликт на Западот помеѓу Соединетите Американски Држави и Европа.
Во изјава за новинарите, по говорот на Трамп, кој го следеше од првиот ред во салата на Конгресниот центар во Давос, Вучиќ рече дека редот за да се влезе во таа сала и да се слушне американскиот претседател бил долг 500 метри.
Наведувајќи дека му треба време да го анализира тој говор и да го коментира, Вучиќ рече дека Трамп е интелигентен и шармантен, но дека вчерашниот говор на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, бил многу повеќе стратешки ориентиран.
„И јас зборував вчера – бев изненаден од квалитетот на говорот на Урсула фон дер Лајен. Не зборувам за последиците, не зборувам за тоа кој е посилен, кој не, но бев изненаден од квалитетот и начинот и содржината на говорот на Урсула фон дер Лајен. Што се однесува до содржината, таа вчера создаде нова идеолошка платформа, нова политичка платформа. За мене, ова е сигурно најважниот говор што сум го слушнал“, рече Вучиќ.
Додавајќи дека ги слушнал речиси сите нејзини говори и прочитал 90 проценти од говорите на важни луѓе на сите времиња, Вучиќ нагласи дека вчерашниот говор на Фон дер Лајен бил еден од најдобро составените говори.
„Не би го рекол тоа така за г-дин Трамп. Би рекол дека е многу интелигентен, исклучително шармантен, дека добро разбира дека проблемот со долгот се решава со стапката на раст, ја разбира економијата, но говорот на Фон дер Лајен беше многу постратешки ориентиран од неговиот. Не би зборувал понатаму за говорот на претседателот Трамп“, рече Вучиќ.
Тој потсети дека Фон дер Лајен вчера изјавила дека заблудите се завршени и дека чекале една година да се промени ставот на Америка, дека сега мора да се разбере дека ова е трајна ситуација, и дека мора да се формира независна Европа, односно дека била принудена да го стори тоа, иако цело време се потпирала на Америка.
„Во таа смисла, Трамп ѝ помага на Европа, а не ја перцепира на тој начин. Не сум сигурен дали Европа ќе има сила за тоа или не. И ако некој ме праша, би рекол 50 спрема 50. Можеби дури и повеќе „не“ отколку „да“. Но, идеите што беа изнесени, постулатите што ги поставија оние што учествуваа во пишувањето на тој говор и конечно самата фон дер Лајен, се високи цели, не лесно остварливи, но би рекол нешто што ќе ја претставува историјата на иднината и она што таа ќе го зборува“, рече Вучиќ.
Коментирајќи го говорот на Доналд Трамп, Вучиќ додаде дека знае дека, за жал, голем дел од српските граѓани сосема погрешно и ирационално ќе се радуваат на неговите зборови во врска со Гренланд и некои други теми.
„Не сакам да коментирам за тоа во овој момент. Сакам да останам господар на неискажаните зборови како претседател на земјата“, рече Вучиќ, пренесуваат медиумите во соседството.
Свет
Белгискиот премиер: Трамп е гладна гасеница
Белгискиот премиер Барт де Вевер го критикуваше американскиот претседател Доналд Трамп, споредувајќи го со „гладна гасеница“, во контекст на неговите изјави и закани во врска со Гренланд.
Како што пренесува „Метро“, де Вевер рече дека времето за дипломатско убедување на Вашингтон е истечено и дека таков пристап станал контрапродуктивен.
„Доста е. Европа мора да се соочи со Доналд Трамп, „гладната гасеница“, рече белгискиот премиер.
Тој ги повика европските земји сериозно да ги зајакнат сопствените одбранбени капацитети, за да можат да одговорат на можноста за американска воена интервенција во Гренланд.
Според него, дојде време реториката и апелите да се заменат со конкретни мерки насочени кон заштита на европските интереси.
Изјавите на белгискиот премиер следеа по низа провокативни пораки од Вашингтон.
Трамп претходно го нарече Гренланд „парче мраз“ и јавно побара НАТО да им го отстапи на Соединетите Американски Држави.
Во овој контекст, тој потсети дека во рамките на Алијансата, како што изјави, го нарекуваат „тато“, додавајќи дека САД би биле „благодарни“ доколку Гренланд биде предаден, но дека ќе „го паметат при евентуално отфрлање“.
Во исто време, американскиот претседател рече дека Вашингтон е секогаш подготвен да го брани НАТО, но изрази сомнежи за способноста на Алијансата да ги поддржи САД во иста мера, што во европските престолнини беше протолкувано како дополнително заострување на односите со сојузниците.
Фото: ЕПА
Свет
Земјотрес ја погоди Турција
Турција денес беше погодена од земјотрес со јачина од 4,5 степени според Рихтеровата скала, објави Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC).
Како што е наведено, епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 12 километри и на растојание од 68 километри од градот Баликешир.
Досега нема извештаи за повредени или материјална штета, пренесува Танјуг.

