Регион
Самоопределување на Албин Курти освои 46,5 проценти од гласовите
Движењето Самоопределување на Албин Курти убедливо води на предвремените парламентарни избори во Косово со 46,50 проценти од гласовите, објави Централната изборна комисија (ЦИК) во Приштина врз основа на третина од преброените гласови.
Демократската партија на Косово е на второ место со 18,95 % по што следува Демократската лига на Косово со 13,72 % и Алијансата за иднината на Косово со 8,8 7% од гласовите. Претставниците на Српската листа, кои освоија 3,66 % од гласовите врз основа на првите прелиминарни резултати, веќе прогласија победа во енклавите каде што има мнозинство српско население велејќи дека ги освоиле сите 10 места загарантирани со Уставот на Косово.
„Уште еднаш по ред, поддржана е политиката на Александар Вучиќ и Српската листа. Освоивме 10, максимален број мандати“, потврди службеникот на Канцеларијата за Косово на српската влада.
Движењето Самоопределување ги замоли своите приврзаници и граѓаните на Косово да не излегуваат на улиците да ја слават победата поради пандемијата на коронавирусот и студеното време, пренесуваат приштинските медиуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Не ги навредив Бугарите, туку ја критикував нашата влада, објасни хрватскиот претседател по изјавата на која реагираше Софија
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ изјави дека со изјавата дека Хрватска е „на дното на ЕУ по повлекувањето на европските пари, а само Бугарија е полоша“, не ги навредил Бугарите, туку ја исмејува хрватската влада која прави „будали и социјални случаи“ од нејзините граѓани.
Милановиќ претходно рече дека „Хрватска е дното на Европската унија и дека само Бугарија е полоша“, па секој ден се молат на Бога, Бугарија да остане последна и ништо да не и се случи, бидејќи во спротивно би била Хрватска“. По изјавата, според хрватските медиуми, Бугарите ја повикале хрватската амбасадорка во Софија, Јасна Огњеновац и изразиле незадоволство, пренесува порталот „Индекс“.
Бугарското Министерство за надворешни работи на хрватскиот амбасадор му пренело „длабоко разочарување од изјавата на претседателот Милановиќ“, каде што истакнале „дека изјавата е неприфатлива за Бугарија и не е во согласност со одличните билатерални односи меѓу Хрватска и Бугарија“.
Тие истакнаа и дека се надеваат дека „хрватската влада ќе се огради од таа изјава“.
„Не ги навредив Бугарите, туку исмевав некои елементи на хрватската влада кои не’ прават будали и социјален случај“, рече шефот на хрватската држава и додаде дека претходно ја критикувал земјата на тема повлекување европски пари.
„Дали можеме да кажеме дека Хрватска се моли Сингапур последен да подигне пари? Дали тоа звучи подобро? Но, Сингапур не е европска земја. Значи некој мора да биде последен. Тоа е Бугарија, а Хрватска е претпоследна“, рече Милановиќ и потсети дека тоа се статистички податоци и дека тоа досега го кажал десет пати.
„Тоа е потсмев, за жал, на сметка на некои во Хрватска кои не прават социјален случај, кои не можат да земат доволно европски средства, па затоа сме претпоследни. Нормално, гледаш кој е последен. Бугарија е последна, секогаш е последна (…) Хрватска е претпоследна“, рече Милановиќ.
„И тоа е факт за кој зборував десет пати. Алелуја (…) Тоа се факти за кои мора да се разговара во политиката бидејќи се многу релевантни податоци. Зошто Хрватска е претпоследна? Зошто не е петата одоздола, или петта одозгора. Зошто не е? Веројатно некој е одговорен за тоа“, додаде тој.
На крајот, како што додаде, никој не се моли Бугарија да пропадне, туку дека неговата изјава е верзија на американската шега за сојузната држава Арканзас, која „се моли на Бога Мисисипи, кој е најсиромашниот, да биде здрав и добро“, бидејќи во спротивно тоа би бил Арканзас.
„За да го знаете тоа, треба да прочитате нешто во животот, а не да се занимавате со селски скандали“, рече Милановиќ.
Регион
Земјотрес со јачина од 4,7 степени во Хрватска, почувствуван и во БиХ
Земјотрес со јачина од 4,7 степени според Рихтеровата скала утрово во 05:38 часот е регистриран во Хрватска, објави Европскиот медитерански сеизмолошки центар (ЕМСЦ).
Според информациите од Европскиот медитерански сеизмолошки центар, земјотресот бил на 92 километри јужно од главниот град Загреб и на 14 километри од границата со Босна и Херцеговина, кај Тржачка Раштела.
Земјотресот бил на длабочина од 10 километри.
Земјотресот најмногу бил почувствуван во централна Хрватска и во дел од Босна и Херцеговина со интензитет од V-VI степени според Европската макросеизмичка скала.
Засега нема извештаи за повредени лица или за предизвикана материјална штета.
Регион
На таткото на момчето убиец од Србија му е продолжен притворот за уште 60 дена, има сомнение дека може да го повтори делото
Вишиот суд во Белград му го продолжи притворот за уште 60 дена на Владимир Кечмановиќ, таткото на момчето кое на 3 мај уби девет негови врсници и чувар во ОУ „Владислав Рибникар“.
На Владимир Кецмановиќ му е продолжен притворот поради сомнение дека доколку биде пуштен на слобода за краток временски период ќе го повтори кривичното дело, како и поради тоа што постои основано сомнение дека сторил кривично дело за кое е пропишана затворска казна над десет години, а начинот на извршување и сериозноста на последиците од кривичното дело доведоа до вознемиреност кај јавноста што може да го загрози непреченото и правично водење на кривичната постапка, соопштија од тој суд.
Во обвинението за тешко кривично дело против општата безбедност се товари Владимир К., а за сторено кривично дело недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и распрскувачки материи, мајката на момчето Миљана К.