Регион
Од Брисел стаса итна порака до Приштина
ЕУ објави дека новата власт во Приштина, која треба да биде формирана по предвремените парламентарни избори, мора да го продолжи дијалогот со Белград.
Истовремено, Брисел објави дека очекуваат новите власти во Приштина конструктивно да се вклучат во продолжување на дијалогот со Белград и да ја искористат можноста да постигнат сеопфатен договор, изјавија министерот за надворешни работи на ЕУ, Жосеп Борел, и европскиот комесар за проширување, Оливер Врахељи.
Во заедничката изјава, по вчерашните избори на Косово, Борел и Вархељи наведуваат дека ЕУ ќе продолжи да обезбедува поддршка за европскиот пат на Косово, но исто така потсетуваат на обврските со кои ќе се соочат идните власти во Приштина.
„Од Косово се бара да направи напредок во реформите преку договорот за стабилизација и асоцијација и европската агенда за реформи, како и регионалната соработка. Европскиот пат на Косово води низ сеопфатно нормализирање на односите со Србија и ЕУ очекува конструктивен ангажман од новите власти во продолжение на дијалогот со посредство на ЕУ“, рекоа Борел и Вархељи.
Во соопштението се додава дека ЕУ ќе продолжи да ги следи постизборните процеси во Косово, каде што се очекува формирање парламент, влада и избор на нов претседател.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Ја удрил „ситроен“, па ја прегази „бмв“: тешко повредена жена во Белград
Жената која преживеа тешка сообраќајна несреќа во Раковица, населба на југот на Белград, од саботата е хоспитализирана. Имено, како што пишува Телеграф.рс, во неа на пешачки премин удрил возач на автомобил „ситроен“. Вториот возач кој управувал автомобил „БМВ“ не закочил навреме и го прегазил телото на жената.
На двајцата возачи им било извршено алкотестирање, при што било утврдено дека не биле под дејство на алкохол. Жената била примена во болница со тешка повреда на слезината и повреди на главата.
За случајот е известено Второто основно јавно обвинителство Белград, кое и наложило на полицијата да ги достави извештаите за незгодата, да изврши вештачење на возилото и да обезбеди снимка од камерата.
Регион
Трагедија на забава, еден загинат откако рачна бомба експлодирала во раката на 25-годишно момче во Хрватска
Забава во подрум во Книн во Хрватска завршила со експлозија на рачна граната. Загина 25-годишен маж, а тешко се повредени двајца млади на возраст од 25 и 23 години, една девојка на 21 година и еден малолетник.
Полицијата во саботата во 23 часот добила дојава дека ескплодирала непозната експлозивна направа. По увидот било утврдено дека се работи за рачна граната М-75.
„Од спроведените увиди е откриено дека повредениот 25-годишник од спалната соба од станот што го користел за време на забавата донел рачна бомба М-75 и ја предал на друг 25-годишник. Поради нестручно ракување дошло до несакано активирање на рачна бомба во раката на починатиот 25-годишник“, се вели во полициското соопштение.
Полициски службеници ја продолжуваат кривичната истрага за утврдување на околностите за набавката и поседувањето на споменатата минска експлозивна направа.
Регион
(Видео) Падна дел од фасадата на зграда на главниот плоштад во Загреб
Парчиња од фасадата од предниот дел на зградата паднале на плоштадот Бан Јелачиќ,објави порталот „Индекс“.
Полицијата ја опколила областа, а потоа работата ја презеле во свои раце пожарникарите и комуналните служби.
„Граѓаните и туристите го искористија денешното убаво време за да се прошетаат низ центарот на метрополата. Сепак, во популарниот загрепски сообраќаен шпиц околу 13 часот, на повик на загрижени минувачи пристигна полицијата, а потоа и загрепските пожарникари“, пишува „Јутарњи лист“.
Загрепските пожарникари ги извадиле остатоците од почетниот дел од фасадата кој не престанал да се распаѓа.
Според „Јутарњи лист“, отстранети се околу два метри материјал кој претставувал сериозна опасност.
За среќа нема повредени, а се уште не е позната висината на материјалната штета.
Во Загреб веќе се случи дел од фасадата да се откине од зградите во самиот центар на градот.
Пред само неколку недели, дел од фасадата се откина од зграда, исто така во близина на главниот плоштад во Загреб.
Минатото лето, дел од фасадата падна во близина на Хрватскиот народен театар, а пожарникарите потоа извадија приближно три квадратни метри од фасадата, која се закануваше да падне врз минувачите.
Исто така, во февруари годинава на аголот од улиците Илица и Томиќева од објектот паднало парче фасада, при што немало повредени.