Свет
ОН: Иран користи електрошокови врз ЛГБТ-децата
Тортурата со струја е често применувана врз лезбиските, хомосексуалните, бисексуалните и трансродовите деца во Иран, се вели во извештајот на Обединетите нации за кршењето на човековите права во Исламската Република објавен во средата.
Специјалниот известувач за состојбата со човековите права во Исламската Република Иран, Џаваид Реман, изрази загриженост за начинот на лекување на лезбиските, хомосексуалните, бисексуалните и трансродовите (ЛГБТ) деца.
„Специјалниот известувач е загрижен и за извештаите дека лезбиските, хомосексуалните, бисексуалните и трансродовите деца биле подложени на електрошокови и терапија со хормони и со силни психоактивни лекови. Овие практики претставуваат тортура и сурово, нехумано и понижувачко постапување и ги кршат обврските на државата во согласност со меѓународниот пакт за граѓански и политички права и Конвенцијата за правата на детето“, се вели во извештајот.
Извештајот нагласува дека ЛГБТ-лицата доживуваат дискриминација и се подложени на репаративни терапии во Иран и може да се соочат со смртна казна за хомосексуални активности. Тие исто така се измачувани, тепани и силувани од органите на прогонот и одмаздниците, се додава во извештајот.
The United Nations' Special Rapporteur on #HumanRights in #Iran reports that under the Islamic Republic, "lesbian, gay, bisexual and transgender children were subjected to electric shocks."@khamenei_ir is waging a war on the #LGBTQ community.https://t.co/lGK8ciVtnd pic.twitter.com/r49eiaOCQm
— National Union for Democracy in Iran (@NUFDIran) February 12, 2021
Високи службеници ја опишуваат ЛГТБ-заедницата со изрази на омраза, вклучително и со етикетирање поединци, како помалку од луѓе и болни. Во извештајот се вели дека тие дела во голема мера се недоволно пријавени поради стравот на жртвите од прогон.
Транссексуалноста е легализирана во Иран во 1987 година. Иран е втора земја во светот по бројот на трансродови операции. Но, истакнати активисти на ЛГБТ велат дека овие постапки се дел од вознемирувачка програма поттикната од хомофобијата бидејќи хомосексуалноста е нелегална.
Активистот Шади Амин вели дека иранскиот режим смета оти хомосексуалниста е болест и дека единствениот лек е промена на полот на лицето.
„Владата верува дека ако сте геј, вашата душа е на жена, треба и да го промените вашето тело. Сметаме дека ова им е начин да се борат против постоењето хомосексуални луѓе затоа што им го менуваат телото и го решаваат проблемот“, рече Амин.
Според шеријатскиот закон во Иран, хомосексуалните односи меѓу мажите може да бидат казнети со смрт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
„Не сум магионичар“: Кос за идејата сите земји од Западен Балкан да влезат во ЕУ одеднаш
„Живееме во геополитички чувствително време. Може да има мир во Украина и тоа ќе донесе нова реалност во Европа“, изјави европската комесарка за проширување Марта Кос.
Црна Гора би можела да ги заврши техничките преговори до крајот на годината, објави европската комесарка за проширување Марта Кос.
Таа го кажа ова во интервју за телевизијата Н1.
На прашањето што конкретно може да направи Европската Унија (ЕУ) за да му помогне на регионот, како и на изјавата на новинарката на Н1 дека парите и предупредувањата не се доволни, дека може да се види дека ЕУ ја губи информациската војна во регионот, особено во Србија, а делумно и во Босна, и дека дипломатскиот јазик не помага, Кос рече дека не прифаќа „критики дека не сме успешни во проширувањето“.
„Две од четирите водечки земји се од Западен Балкан. Црна Гора би можела да ги заврши техничките преговори до крајот на годината, а Албанија е следна. Ова е успех. Живееме во геополитички чувствително време. Може да има мир во Украина, а тоа ќе донесе нова реалност во Европа. Ако го забрзаме процесот, ќе ги разгледаме сите кандидати, но мора да има јасна посветеност. Не е доволно само да се хармонизира законодавството, треба да ја почувствувам и видам политичката волја. Процесот на пристапување не е само технички, туку зависи и од земјите-членки“, рече Кос.
На прашањето што мисли за идејата сите земји-кандидатки да влезат во ЕУ одеднаш, Кос рече: „Да можев, би сакала сите земји, особено од Западен Балкан, да влезат заедно“.
„Но, јас не сум магионичар. Ако има промени, внимателно ќе ја разгледаме секоја земја. Проширувањето мора да ја направи ЕУ посилна, а не послаба. Ова е цел што мора да ја постигнеме заедно“, рече Кос.
Свет
Фон дер Лајен го објави планот „Една Европа, еден пазар“
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес објави дека на следниот формален самит на Европската унија (ЕУ) во март, ќе го претстави акциониот план „Една Европа, еден пазар“, со детални рокови и цели за зајакнување и обединување на европската економија, додека во исто време оцени дека Европскиот систем за трговија со емисии (ETS) има јасни предности и механизми за контрола на цената на јаглеродот.
Според Јуроњуз, Фон дер Лајен на прес-конференцијата по самитот на лидерите на ЕУ изјави дека акциониот план содржи пет клучни области – административно поедноставување, единствен пазар, енергија, дигитализација и трговија.
Во март, комисијата ќе претстави детален план за понатамошен развој на единствениот пазар од 450 милиони потрошувачи, вклучително и унија на пазарот на капитал што би овозможила попродуктивно користење на околу 10 трилиони евра заштеди што моментално се наоѓаат на банкарски сметки, објави Ројтерс.
Зборувајќи за ETS, претседателката на ЕК нагласи дека системот има елементи што овозможуваат модулација на цената на јаглеродот во случај на негов прекумерен раст или неповолни економски околности, преку таканаречената „резерва за стабилност на пазарот“.
Додаде дека ЕУ детално ќе ги разгледа овие елементи во рамките на планираниот преглед на ETS, кој е закажан за третиот квартал од оваа година, за системот да остане ефикасен и прилагодлив на актуелните економски и климатски предизвици.
Европските лидери се состанаа денес на неформален самит во белгиската покраина Лимбург, а фокусот на разговорот беше конкурентноста на европската економија, пренесува Танјуг. Еден ден претходно, на индустрискиот самит во Антверпен, претставниците на европската индустрија ги презентираа своите приоритети пред највисоките претставници на ЕУ, барајќи пониски цени на енергијата, намалување на регулаторните оптоварувања и посилна конкурентност во споредба со Кина и Соединетите Американски Држави.
Свет
Писториус: Германија сака да испорача уште пет противракетни системи „Патриот“ на Украина
Германија ќе испорача дополнителни пет противракетни системи „Патриот“ (PAC-3) на Украина доколку другите земји донираат вкупно 30, изјави денес во Брисел германскиот министер Борис Писториус по состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина.
Ракетите „Патриот“ се меѓу главните оружја што Западот ѝ ги даде на Украина за време на нејзината борба против руската инвазија, пренесува Ројтерс.
„Сите знаеме дека станува збор за спасување животи“, рече Писториус во Брисел.
Тој додаде дека е прашање на денови, а не недели или месеци, да се договорат за ова.
Писториус посочи дека објавата сè уште не е одобрена од националните влади, но дека е „многу оптимист“ дека ќе се постигне договор за испраќање на тие 30 плус пет противракетни системи.

