Македонија
(Видео) Митева: И по два дена, улиците и тротоарите се неисчистени
Фотографии од механизацијата на градот и општините можеме да најдеме на нивните социјални мрежи, тие се добро спакувани за собирање лајкови со цел да ја скријат жалната реалност, но и по 2 дена, надлежните никаде ги нема. По сè изгледа, механизацијата се вади само за сликање, обвини Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.
„Сите градоначалници на Скопје се еклатантен пример што значи зборот неспособност.
Ниту еден тротоар не е исчистен, кој како ќе се снајде – така оди. За среќа, луѓето едни на други си помагаат, се придржуваат. А споредните улици се претворени во вистинско лизгалиште. Ова ли се тие општини со европско знаменце? Ова ли е тоа безбедно Скопје за сите?
Чија е должноста за чистење на тротоарите и споредните улици? Чија е одговорноста за преземање мерки за безбедно одвивање на сообраќајот на териториите на општините?
Или должноста е моја и на другите граѓани?
Почитувани градоначалници, срамно е да се кажува дека сè е под контрола, а сите да гледаме друга реалност. И уште едно потсетување, во Законот за локалната самоуправа под надлежност се подразбира збир на работи од јавен интерес од локално значење за чие извршување општината е одговорна!“, рече Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Градоначалничката на Кисела Вода Стаменкоска-Трајкоска со акција за пошумување
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, денес учествуваше во акција за пошумување, организирана од Општина Кисела Вода, во непосредна близина на Паркот на шахот, во населбата 11 Октомври – Бараки. Во рамките на активноста беа засадени дваесет нови дрвја, како почеток на серија акции за дополнително зазеленување и унапредување на животната средина во општината.
Дрвјата се донација од Централна кооперативна банка АД Скопје, која со овој чин уште еднаш ја покажа својата општествена одговорност и поддршка за еколошките иницијативи на локалната самоуправа. Дел од вработените во банката денес беше заедно со градоначалничката на терен, придонесувајќи кон реализацијата на оваа значајна акција, велат од општината.
-Со денешната активност ја потврдуваме нашата заложба за континуитет во создавањето поубава, позелена и почиста Кисела Вода. Пошумувањето и уредувањето на зелените површини ќе бидат еден од моите приоритети во управувањето со општината, бидејќи зеленилото значи подобар квалитет на воздухот, поубава околина и поздрав живот за нашите сограѓани. Благодарна сум на Централна кооперативна банка АД Скопје што го препозна значењето на оваа иницијатива и даде свој придонес кон позелената иднина на нашата општина. Ваквите партнерства се од големо значење. Кога институциите, компаниите и граѓаните делат исти вредности, резултатите се видливи и трајни- изјави Стаменкоска-Трајкоска, додавајќи дека посветеноста на хигиената, уредноста и зачувувањето на јавните површини ќе оди рака под рака со нови проекти за пошумување, создавање мини паркови и ревитализација на постојните зелени зони.
Македонија
Кожуф добива нова зимска атракција – патека долга 1200 метри
Во Ски-центарот „Михајлово“ се гради нова скијачка патека долга 1200 метри, на надморска височина од 1400 метри, заедно со нов ски-лифт и уште две дополнителни ски-стази.
Според градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, овој проект претставува силен развоен чекор за зимскиот туризам и планинските спортови во регионот, а Кавадарци ќе стане задолжителна зимска дестинација.
Отворањето на новата патека е планирано за 1 јануари 2026 година, со што Кожуф добива „нова зимска енергија“, напиша Јанчев на својот профил на „Фејсбук“.
Македонија
УЈП на највисокиот европски самит на даночни администрации – ТАДЕУС
Во рамки на заложбите за унапредување на учеството на Управата за јавни приходи на меѓународно ниво, директорката на УЈП м-р Елена Петрова, заедно со помошник директорката Тања Анчевска, учествуваа на ЕУ Самитот на даночни администрации ТАДЕУС, организиран од Европската комисија и Данската даночна агенција.
На настанот се собраа шефовите на даночните администрации од земјите членки на ЕУ и други земји кандидати за членство во ЕУ. Главна тема на самитот беше градењето робустни даночни администрации во светот што се менува, со акцент на новиот пејсаж на ризици, како сајбер и хибридни напади, природни катастрофи, пандемии и други вонредни настани како војни и сл., кои произлегуваат од експанзијата на технологии, глобалната поврзаност, климатските промени, геополитичките состојби и др. Собирањето на даночните приходи е круцијално за добросостојбата на општеството, а даночните администрации треба да бидат отпорни и прилагодливи на сите состојби за да ја остваруваат без прекин својата функција за собирање на приходите и одржување на буџетската ликвидност.

Во своето обраќање директорката нагласи дека еден од главните предизвици на УЈП е дигиталната трансформација која не може да се одвои од прашањето за заштита на податоците, човечките и материјалните ресурси од уништување, злоупотреби и сл. Покрај глобалните предизвици, УЈП има и специфични ризици поврзани со општествено-политичкиот и економскиот контекст во земјата. Сериозни ризици, нагласи директорката, носи сивата економија која вклучува и прекугранични трансакции и онлајн активности, што бара засилена меѓународна соработка, размена на податоци и административна помош меѓу земјите.
Присуството на УЈП на овој самит има големо значење, не само потврдувајќи ја посветеноста на УЈП за унапредување на регионалната и меѓународната соработка, туку и овозможувајќи активно учество на УЈП во воспоставувањето глобални стандарди и практики на даночната администрација. Така УЈП станува рамноправен фактор во мрежата на даночни администрации кои се соочуваат со заеднички предизвици и бараат иновативни решенија за одржливост и континуитет во време на промени.

