Регион
(Видео) Пукање во Сараево: Истрели кон раперот Буба Корели и негов роднина

Попладнево околу 16:30 часот дошло до пукање од огнено оружје на улицата Џемал Биједиќ во сараевската населба Ступ, во кое две лица биле повредени, пренесуваат регионалните медиуми.
Наводно било пукано во Омар, роднина на музичарот Амар Хоџиќ, попознат како Буба Корели, кој исто така бил со него, пишува „Дневни аваз“. Во инцидентот, според непотврдени информации, Омар бил ранет.
„Полициските службеници излегоа на местото на настанот и пронајдоа две повредени лица“, соопштија од Центарот за операции на Министерството на внатрешни работи при кантонот Сараево, од каде додаваат дека повредените биле пренесени на универзитетскиот Клинички центар.
На кратко видео, кое беше објавено од порталот „Кликс.ба“, се прикажани пет лица, но не е познато колку од нив имаат врска со пукањето.
Според првичните информации, едно лице било приведено на местото на настанот под сомнение дека има врска со инцидентот.
Неофицијално, пукал син на поранешен полицаец чиј автомобил бил уништен во експлозија во населбата Нова Отока пред неколку месеци.
Откако веста се прошири во медиумите, познатиот рапер објави дека се нашол во погрешно време, на погрешно место.
„По повод денешниот инцидент, моето име беше споменато во некои медиуми. Се најдов на погрешно место, во погрешно време и во никој случај не сум поврзан со тој настан“, соопшти Буба Корели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Убиен судија на Апелациониот суд, во судница во Тирана

Судијата Астрит Каљаја беше убиен денес во Апелациониот суд во Тирана додека траеше рочиштето.
Напаѓачот, засега непознат, влегол во судницата и го застрелал Каљаја, кој бил однесен во болница каде што му била пружена медицинска помош, објавува „Албанија пост“.
На местото на настанот, според медиумот, има бројни полициски сили, кои веднаш го уапсиле осомничениот сторител, а како што се наведува, идентитетот на напаѓачот и мотивите на нападот засега се непознати.
Судијата Астрит Каљаја служел со години во албанскиот судски систем, а неодамна во Апелациониот суд во Скадар.
Тој го поминал процесот на верификација во 2019 година, каде што бил потврден на функцијата од Независната квалификациска комисија, а потоа и од Специјалниот жалбен панел во 2022 година.
Фото: принтскрин
Регион
Пронајдени се телата на браќата од Хрватска во словенечките Алпи

Словенечките планински спасувачи ја продолжија својата акција утрово под врвот Тошќ, во Јулиските Алпи, каде што вчера лавина затрупа тројца хрватски планинари.
Исчезнатите лица, по кои се трагаше од вчера, за жал се пронајдени мртви, објавува словенечки 24ur. Како што неофицијално дознава словенечкиот медиум, двајца од нив биле браќа.
„Ги пронајдовме двајцата – едниот беше закопан околу еден метар во снегот, а другиот околу метар и пол. Првиот успеавме да го транспортираме во долината со хеликоптер, додека сè уште чекаме транспорт за вториот. Самиот терен е многу тежок бидејќи е карпеста, стрмна клисура со бројни карпести скокови, што ја направи работата опасна и тешка за спасувачите. За жал, ќе кажам дека сите тројца планинари што ги пронајдовме во лавината починаа. Им изразувам искрено сочувство на нивните семејства“, рече тој.
Регион
Се уште трае потрагата по хрватските планинари заробени од лавина на словенечките Алпи

Потрагата по двајцата исчезнати хрватски планинари во Јулиските Алпи продолжи утрово кратко по 7 часот, потврди Словенечката планинска служба за спасување за хрватски Индекс.
Вчера наутро, под врвот Тошќ во Јулиските Алпи беше предизвикана снежна лавина, при што беа затрупани тројца хрватски планинари.
За време на тешкото пребарување и спасување, еден планинар беше пронајден без знаци на живот, додека двајцата мажи сè уште се бараат.
Во потрагата денес е вклучен и хеликоптер.
Екипите веќе тргнаа кон локацијата, но точниот број на вклучени спасувачи сè уште не е познат.
Службата додава дека денешното време дозволува распоредување на хеликоптер, но условите во планините се сè уште нестабилни и постои ризик од нови лавини. Идентитетите на загинатиот планинар и двајцата исчезнати сè уште не се официјално потврдени, но неофицијално хрватските медоуми објавија дека двајцата мажи по кои се трага се браќа.
Шеф на спасувачката служба: Ситуацијата е сложена и опасна
Заменик-шефот на Словенечката планинска спасувачка служба, Клемен Белхар, изјави за ХРТ дека во областа има околу половина метар снег, што не звучи како многу, но создава висок ризик од лавини. Тој додаде дека во планините сè уште има групи алпинисти кои ќе бидат спасени денес и утре.
„Ситуацијата е доста сложена и опасна“, рече Белхар. На прашањето дали има надеж дека преостанатите двајца Хрвати по кои сè уште се трага се сè уште живи, тој одговори: „Секако ќе се однесуваме како да се живи, но колку надеж има, никој не знае“.