Македонија
Алаѓозовски на средба со ромската заедница: Ги повикуваме сите граѓани да учествуваат во пописот
Националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски, денеска со претставници на ромската заедница вклучени во институциите од локалната и централната власт, како и членови на граѓански организации разговараа за повеќе актуелни теми, меѓу кои и за значењето на спроведувањето на успешен попис 2021, во насока на заложбите на Владата за остварување на Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот 2020-2022 година и Акцискиот план.
Посочувајќи дека претстојниот попис е многу важна операција за добивање статистички податоци за лоцирање на потребите од преземање мерки во поглед на подобрување на животниот стандард на најмаргинализираните категории граѓани упати порака за потребата од широка поддршка од сите заедници на овој методолошки процес.
На состанокот, на кој присуствуваше и Јасмина Ѓоргиева, координатор на Секторот за дисеминација и односи со јавноста во Државниот завод за статистика беа разменети информации за важноста на пописот како статистичка сложена операција, која ќе даде одговор за бројноста на населението, семејствата и живеалиштата, со цел преземање соодветни политики за создавање еднакви животни услови за сите категории граѓани.
Присутните посебно се осврнаа на прашањата за начинот на кој ќе бидат попишувани лицата кои немаат документи за идентификација при што беше нагласено дека овие лица ќе бидат попишани во соработка со Министерството за труд и социјална политика, односно со Центрите за социјална работа, за нив пописот ќе биде од 1-15 март. Беше посочено дека при попишувањето најстрого ќе се почитува здравствен протокол за заштита на сите учесници во пописот, што подразбира носење маски, одржување дистанца и обезбедување на средства за дезинфекција.
Учесниците на состанокот се согласија дека спроведувањето на успешен попис е важен сегмент и едногласно упатија порака дека е многу важно секој граѓанин да учествува и да се попише и само така ќе се добијат податоците за демографската, образовната, социјалната структура, што понатаму значи добивање бројки, кои подоцна ќе помогнат за планирање и економски развој, како и добивање слика за тоа каде се најранливите категории на населението.
Координаторката Ѓоргиева одговараше на прашања поврзани со спроведувањето на пописот, конкретно при попишувањето на можноста за користење на седум јазици предвидени во Уставот на Северна Македонија, односно македонски, албански, турски, ромски, влашки, српски и босански, со детали за техниката на попишувањето.
Присутните изразија задоволство во поглед на констатацијата дека пописот е статистичка обемна операција, организирана според светски стандарди, која гарантира безбедност на сите лични податоци. На состанокот беше констатирано дека пописот, особено е важен за припадниците на ромската заедница, заради потребата, по 18 години, да се обезбедат статистички податоци во насока на целосно имплементирање на заложбата на Владата за „Едно општество, еднакво за сите“.
Средбата беше искористена и заеднички да се испрати порака до сите граѓани за лично учество во претстојниот попис при што беше посочено дека Државниот завод за статистика има капацитет да ја спроведе оваа обемна и многу потребна статистичка операција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради сообраќајка во прекин сообраќајот на патот Битола-Државна граница со Грција
Во 20:00 часот на крак А-3 Битола – Државна Граница со Р.Грција во близина на крстосница за с.Бистрица и с.Оптичари, случена е сообраќајна незгода, поради што сообраќајот на патниот правец Битола – Држ. граница е во прекин и истиот ќе се пренасочи низ.с.Бистрица и с.Породин соопшти АМСМ.
Македонија
Сиљановска-Давкова со Ахмет бин Мохамед Ал Џарван: мирот и толеранцијата се императивни претпоставки за демократија
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ахмет бин Мохамед Ал Џарван, претседател на „Глобалниот совет за толеранција и мир“, во придружба на неговите соработници.
Информирајќи дека семејството на пријателите на „Глобалниот совет“ постојано се проширува, Ал Џарван потенцираше дека стотина парламенти, ширум светот, потпишале меморандуми за соработка со оваа препознатлива и почитувана институција.
Тој, во парламентарната демократија и во меѓукултурниот дијалог препознава мировни механизми за промоција и гаранција на мирот и толеранцијата на сите нивоа и во сите средини.
Претседателката ја поздрави хуманата мисија на Глобалниот совет, истакнувајќи дека е добредојдена и делотворна во амбиент на сериозни безбедносни закани.
За неа, Меморандумот за соработка, којшто деновиве го потпиша Глобалниот совет со македонското собрание е чекор напред во одбраната и поттикнувањето на хуманите цели на човештвото, без оглед на разликите по било кој основ.
Таа особено се радува на потпишаниот договор за стипендии на студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први“, нејзината матична институција, како охрабрувачки за најдобрите студенти, но и оние со лоша материјална положба и неопходна потреба од финансиска помош.
За соговорниците, мирот и толеранцијата се императивни претпоставки за демократија, развој и просперитет во национални, регионални и меѓународни рамки.
Македонија
(Видео) Во Ресенско поплавени над 50 куќи, магацински простори и земјоделско земјиште, состојбата се следи во сите засегнати региони, соопшти ЦУК
Поради обилните врнежи, на подрачјето на Општина Ресен дошло до излевање на Болнска и Источка река во селата Царев Двор и Дрмени, при што се поплавени над 50 куќи, магацински простори, визби и земјоделско земјиште, соопшти Центарот за управување со кризи.
„Поплави се евидентирани и кај с. Долна Бела Црква од излевањето на Голема Река, чиј моментален водостој изнесува 210 см.
Ангажирани се екипи на јавните претпријатија, „Македонија пат“, ЈКП „Пролетер“, како и приватни машини – вкупно 7 пумпи за испумпување вода и повеќе багери за расчистување и интервенции. Во населбата Црквиште се користат сите расположливи пумпи за санација на поплавените објекти.
ЈП “Македонија пат“ информира дека на повеќе делници има наноси од земја, кои се расчистуваат по приоритет“.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, нагласуваат од ЦУК, е во постојана координација со градоначалниците на засегнатите општини.
„Поради обилните врнежи во повеќе региони низ државата се зголемени водостоите на реките, а има и поплавени терени, подруми и земјоделски површини. На терен се ангажирани екипи на јавните претпријатија, механизација и приватни компании за испумпување вода, расчистување и интервенции.
Состојбата, според ЦУК се следи во сите засегнати региони: Ресен, Битола, Демир Хисар, Охрид, Крива Паланка и околината.
„Дежурни екипи остануваат на терен и во текот на ноќта, а Центарот за управување со кризи будно ја следи состојбата и за понатамошни интервенции“.
Фото: принтскрин

