Економија
Турски „Пурпласт“ ќе отвори фабрика во Бунарџик, вработување за 200 лица
Турската компанија „Пурпласт“, која има 40-годишно искуство во автомобилската индустрија и своите производи ги извезува во 36 земји во светот, во втората половина на 2021 година ќе ја отвори својата нова фабрика во ТИРЗ Скопје.
Во првата фаза се очекуваат инвестиции од 5,1 милиони евра и вработување 40-50 лица. Развојните планови предвидуваат инвестиции до 12 милиони евра и вкупно отворање 215 работни места.
Ова денес беше соопштено на прес-конференцијата во Владата, каде што беше потпишан договорот за државна помош за реализација на оваа инвестиција, а на која присуствуваа вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Јован Деспотовски, и извршниот директор на „Пурпласт“, Мехмед Шишманоглу.
Битиќи во своето обраќање на настанот ја поздрави одлуката на компанијата, која и покрај актуелната ситуација, одлучи да продолжи со реализација на својот проект, со што ја покажа довербата во економските политики на Владата на Република Северна Македонија и за позитивната деловна клима за инвестирање во земјата. Тој додаде дека е донесена правилна одлука, а „Пурпласт“ ковид-кризата ја препозна како можност со нови инвестиции во нови производствени линии да влезе во постковид-периодот.
„Сакам да ја поздравам ажурноста на менаџментот на ‘Пурпласт’, кои досега веќе ја надминаа минималната сума на инвестиции предвидена во деловниот план, која изнесуваше 4 милиони евра, и инвестираа досега 5,1 милиони евра во фабриката во Бунарџик, а за почеток се планира вработување за 40-50 лица. Се надевам дека ќе се остварат сите услови и дека развојните планови ќе продолжат, а тие предвидуваат инвестиции до 12 милиони евра и вкупно 215 работни места“, посочи Битиќи.
Вицепремиерот нагласи дека со отвореноста, посветеноста во креирање уште подобра деловна клима, креирање низа мерки за поддршка на инвестициите во производството и стимулирање на извозните компании, Владата ја заслужи довербата на компаниите, а ќе се продолжи уште посилно и доследно во спроведувањето на намерите за подигнување на конкурентноста на македонската економија.
„Тоа може да го направиме само со привлекување нови странски компании, но и со стимулирање на технолошкиот развој, модернизација и дигитализација на домашните компании, со освојување нови пазари и градење производствен бренд, кој во светот ќе се препознава по квалитетот. Изминативе 3 години докажавме како Влада дека сме стабилен партнер во бизнисот. Сите преземени обврски во однос на договорите за државна помош навремено и целосно се сервисирани. Заедно со компаниите создадовме цврсти конекции базирани на меѓусебна доверба, но и максимална посветеност во реализација на ветените и преземените обврски од двете страни“, истакна вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.
Директорот на ДТИРЗ, Јован Деспотовски, нагласи дека ова е втората објава на инвестиција во ТИР-зоните во 45-те дена од новата 2021 година, а воедно го презентира пактотот за државна помош, кој се содржи во договорот што е потпишан со „Пурпласт“.
„Технолошко-индустриските развојни зони стануваат сè поотворени за странските инвеститори. Во 45 дена веќе ја покажуваме и втората конкретна инвестиција со која склучуваме договор. Турската компанија ‘Пурпласт’ е новиот инвеститор во ТИРЗ Скопје 2. Почнува со почетен инвестициски циклус од 5,1 милиони евра и 50 од вкупно предвидените 200 вработени, наши сограѓани. Платите ќе се движат од 20.000 до 75.000 денари, сегмент што внимателно ќе го следиме. Како Влада и како ТИРЗ продолжуваме со презентирање конкретни резултати. Воведовме нова пракса на профилирање на инвеститорите и правење домаќински есап. Тој покажува дека државата може за помалку од 10 години да очекува поврат на доделените државни средства по разни основи. Наша цел е со посебни механизми, кои ги развивме, да ги поттикнеме инвеститорите што побргу да ја искористат државната помош и побргу да почнат да враќаат во државниот буџет“, рече директорот Деспотовски.
Извршниот директор на Групацијата Пурпласт, Мехмед Шишманоглу, осврнувајќи се на ковид-кризата, рече дека оваа година донесе промена што никој од нас не ја очекуваше додавајќи дополнително ниво на предизвик за реализација на инвестицијата.
„Со целосна интеграција во постпандемиската т.н. нова нормала, компаниите како ‘Пурпласт’, кои продолжуваат да напредуваат, ќе закрепнат побргу и ќе земат поголем удел од пазарот со нова производна линија и слободен капацитет. Со нашата силна мотивација и верба во оваа инвестиција, ќе можеме да ја почнеме работата пред крајот на мај годинава и се надеваме дека ќе се сретнеме лично за време на нашата официјална церемонија на отворање летово“, нагласи Шишманоглу.
Реализацијата на оваа инвестиција почна во 2019 година, а подготовка на земјиштето на 1 јули 2020 година и за период од 7,5 месеци завршени се 75 % од изградбата на објектите. Површината на градежно земјиште под закуп за „Пурпласт“ е 26.000 m2, во првата фаза се искористени 50 % од земјиштето (фазата 2 се очекува за 2025 година). Има вкупно 12.000 m2 затворена површина: административна зграда на 2 ката со вкупно 1.600 m2 и производна сала – теханички простории: вкупно 10.400 м2.
Компанијата „Пурпласт“ е еден од локалните партнери на уште еден странски инвеститор во земјата, „Ван Хол“, а портфолиото на нивните производи е големо и опфаќа производство на делови за ентериер (командна табла, навлаки, разделни ѕидови, тавански тапацир, рачки, волани), екстериер на комерцијални возила (браници, предна и задна маска, странични панели, кровни панели), како и производство на седишта (патнички вагони, градски автобуси и камиони).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: 300 компании се предвидени да бидат поддржани со грантовите во вкупен износ од 25 милиони евра
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе се обезбедат грантови за адаптирање на компаниите кон зелена трансформација и заштита на животната средина, изјави:
„Да работиме, практично Инова агенцијата, околу овозможување и обезбедување грантови за компаниите, посебно во делот на енергетската трансформација. Имав и таму едно многу интересно обраќање. Да, за енергетската трансформација, но треба да сме многу внимателни. Затоа што не сум сигурен, а тоа се сложија и голем број од учесниците на тие панели, дека со таа енергетска трансформација, ние можеме на долг рок да генерираме базна енергија којашто е потребна на индустријата за потребите на самата индустрија. Тоа треба да се одвива чекор по чекор, затоа што секоја избрзана постапка може да направи штета по индустријата и по државата. Но, колку за информација за компаниите, некаде околу 300 компании се предвидени да бидат поддржани со овие грантови во вкупен износ од 25 милиони евра и наскоро ќе има и за тоа објава во јавноста и јавен повик.“
Економија
Комисија за заштита на конкуренцијата: Лани се изречени казни во вредност од над 53 милиони денари
Комисијата за заштита на конкуренцијата информира дека во текот на 2025 година се изречени казни за повреди на одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата и за повреди на одредбите од Законот за забрана на нефер трговски практики, во вкупна вредност од 53.044.555,00 денари.
„Со овие санкции, Комисијата испраќа јасна и недвосмислена порака дека картелските договори, забранетите договори, злоупотребата на доминантна позиција, непријавените концентрации и нефер трговските практики нема да се толерираат. Казните имаат изразена превентивна улога и претставуваат ефикасен механизам за одвраќање од идни повреди на пазарните правила“, велат од Комисијата.
Од таму најавуваат дека ќе продолжат со активен надзор и доследна примена на законските овластувања, со цел обезбедување фер и транспарентни пазарни услови, еднаков третман на економските оператори и ефективна заштита на конкуренцијата и интересите на потрошувачите.
Економија
Македонија2025 објави повик за компании: Аплицирајте за користење на бесплатна експертска поддршка од канадски советници
Македонија2025 објавува повик за апликации од македонски компании за Битов – Програмата за претприемачи.
Битов – Програмата за претприемачи е основана во соработка со Catalyste+ (поранешна CESO – Canadian Executive Service Organization). Catalyste+ е канадска организација со 50 годишнo искуство во меѓународниот економски развој. Организацијата работи на развој на приватниот сектор односно бизниси кои ќе просперираат на национално и меѓународно ниво.
Македонија2025 има заедничка мисија со Catalyste+ да влијае на подобрување и зајакување на конкурентноста на македонските компании и ја спроведува оваа програма во Македонија од 2018 година. Досега, преку оваа програма се поддржани над 30 македонски компании. Советниците на Catalyste+, кои се професионалци со богати професионални кариери, ќе ја донесат својата експертиза директно во Македонија, и ќе работат на конкретни предизвици со кои се соочуваат македонските компании, согласно нивните барања и потреби.
Македонија2025 целосно ја покрива тарифата за советникот, како и доаѓањето до Македонија. Компаниите имаат обврска да обезбедат сместување, оброци и локален транспорт за советникот (доколку е потребно).
Кој може да се пријави?
Програмата е наменета за микро, мали и средни компании* кои ги исполнуваат следните услови:
· Минимум една година од постоење на компанијата;
· Сопственик и управител на компанијата е македонски државјанин и жител;
· Лице од компанијата кое ќе биде постојано достапно на консултантот, најтесно ќе соработува со него за време на посетата и има добро познавање на англиски јазик;
· Високо ниво на посветеност од страна на менаџментот на компанијата;
· Во добра финансиска состојба (има можност за спроведување на промените и препораките од консултантот);
· Ги исполнуваат критериумите за микро, мали и средни компании.
По можност да работат во следните дејности: туризам и угостителство, финансии, агро-бизнис, ИКТ, менаџмент на природни ресурси, обновливи извори на енергија, прехранбена индустрија итн.
*Предност ќе имаат компании кои се извозно ориентирани и нудат иновативни решенија.
Повеќе за програмата, начинот на аплицирање и потребна документација ќе ги најдете ТУКА.
За искуствата, и придобивките на компаниите кои учествувале во програмата погледнете ТУКА.
Краен рок за пријавување: 15.03.2026 год.

