Македонија
Мијалков ниту следел, ниту слушал разговори, тврди неговиот адвокат
Сашо Мијалков ниту ги следел комуникациите, ниту ги слушал нелегално прислушуваните разговори во неговата канцеларија во УБК, вели адвокатот Миле Петровски во завршните зборови.
Тој во одбрана на ексдиректорот Мијалков кажа дека Обвинителството не успеало ниту со сведоците да потврди дека Мијалков со уснена или писмена наредба наложил да се прислушуваат броеви без судска наредба.
Адвокатот Петровски посочи: „Судот да го ослободи Сашо Мијалков од обвинението во целост. Тој не ги сторил дејствијата кои му се ставаат на товар“
„Во постапката не е изведен доказ дека Мијалков ги пречекорил своите овластувања и наложил прислушкување на граѓани. Со ниту еден од сведоците не се потврди, дека ниту писмено, ниту уснено, дека наложил на вработени да внесуваат телефонски броеви за кои нема налози од судови. Клучниот сведок, Ѕвонко Костовски не кажа дека Мијалков му наложил да прави нешто во системот. Дека Мијалков слушал од својата канцеларија и компјутер слушал разговори е само претпоставка бидејќи не се знае кога и колку разговори слушал. Со тоа уште еднаш се потврди дека со кажувањето на тој сведок, судот не може да му поклони верба. Мијалков на никому не дал налог за маркирање на броеви. Сведокот Костовски вешто манипулирал со податоците кои ги добивал, што е причина судот да не му даде верба“, рече адвокатот Петровски.
Тој како одбрана на Мијалков, посочи дека не може да се тврди ниту дека незаконски снимените разговори се генерирани од системите за прислушување во УБК.
„Со податоци добиени надвор од УБК се прикажува дека нелегалните разговори се снимени во УБК. Нема доказ дека и за тоа дека доказите се веродостојни бидејќи се преснимен материјал. Верушевски кажа дека податоците кои ги примил од Костовски самиот ги систематизирал и анализирал додека не бил лишен од слобода. Податоците во нив доживеале модификација и компромитирање. Сите податоци кои се користат како докази, не се ниту сигурен, ниту веродостоен доказ. Тој тврди дека не може да се тврди дека се генерирани преку системот за следење на комуникации од УБК. Факт е дека тој сведок предложен од обвинителот, кажа дека според него тие записи доаѓаат од надвор од границите од нашата држава и лица меѓу кои не е Сашо Мијалков. Неспорно е потврдено дека по налог на Мијалков не било овозможено снимање на електронските и други комуникации на граѓаните преку системите за следење комуникации на УБК. Не е потврдено дека наводно извлечените разговори во СЈО се од УБК“, додаде Петровски.
Петровски посочи дека и сведочењето на Зоран Верушевски говори за тоа дека снимената содржина е менувана и модифицирана, а таквите снимки не можат да се доказ. Тој даде осврт на сведочењето од Ѕвонко Костовски за кој кажа дека имал најголем мотив за снимање и следење на комуникациите.
„Нема доказ дека предадениот материјал во СЈО е содржина која не е менувана од никого. Потврдено е дека податоците кои се извлечени било можно да се менуваат од секого и во секое време. Бројот на следени комуникации е неточен. Исто како што е неточно дека тоа го правел Мијалков. Фактот што има телефонски броеви за кои СЈО тврди дека се следени без судски наредби и ги нема во ИПС-системот, односно дека маркирање не е вршено во системите на УБК, туку од системи кои не се во УБК. Фактите покажуваат дека е точно тврдењето на Верушевски дека тој што вршел следење на комуникациите од толку голем обем, не е меѓу обвинетите. Најмногу прислушкувани се тогашни функционери и министри, а тоа потврдува дека е нелогично дека прислушување се вршело преку системите за следење на комуникации, на кои е прислушуван и наводниот организатор на прислушувањето. Не е тешко да се заклучи дека следењето од толку голем обем не е можно преку тие системи“, рече Петровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

