Македонија
Осудените во „Монструм“ пренесени во притвор поради опасност од бегство

На сите осудени во случајот „Монструм“, Кривичниот суд им одреди притвор и тие веднаш ќе бидат спроведени во затвор. Судиите го одобрија барањето за притвор на обвинителката Фатиме Фетаи поради опасност од бегство.
„На обвинетите Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ , Хаки и Фејзи Азири им се определува мерка притвор, по објавување на пресудата, до отпочнување на казна затвор односно правосилноста на пресудата“, рече судијата Огнен Ставрев.
На ова бурно изреагира осудениот Фејзи Азири кој рече: „Не ви е срам како судија да ги лажете родителите на децата дека ќе им ја кажете вистината, а сега донесовте друга одлука?“.
Обвинителката Фатиме Фетаи веднаш по завршување на рочиштето ја напушти судницата, без да ислуша што сакаше да каже Азири.
Пред малку беа објавени пресудите на повтореното судење за петкратното убиство кај Смилковското Езеро.
Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ се осудени за тероризам на доживотен затвор. Првите двајца се во бегство во Косово.
Хаки Азири е осуден на девет години затвор за помагање, а за исто кривично дело е осуден и Фејзи Азири, кој доби 15 години затвор.
Сами Љута доби ослободителна пресуда поради немање докази за негова вмешаност во убиството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.