Македонија
„Го сакам Водно“: Министерот Нуредини и МЖСПП со различни ставови за иднината на Водно

Од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно” го повикуваат министерот за живoтна средина и просторно планирање Насер Нуредини да ги објасни, како што велат, сите изјави дека Министерството има изготвен став, пред највените меѓуинституционални средби за иднината на Водно.
„Вчера се одржа првиот, се надеваме не и последен технички состанок во МЖСПП врзан за процесот за носење нова заштита за Водно – како заштитен предел. Како се одвивал – не знаеме, кој бил повикан, кој дошол – не знаеме, но знаеме дека не присуствувале сите кои сметаме дека се засегнати“, велат од граѓанската иницијатива.
Од таму потсетуваат дека се расправа за нацрт-одлука, а не за имплементирање на веќе донесена oдлука и уште помалку за План на управување.
„Во медиумите продолжува ставот на МЖСПП – институциите ќе треба да најдат начин како да ги вметнат забелешките на невладините. Ќе се бара решение за да може Водно да добие планови за управување со поплави и ерозии. Само недела дена пред тоа, пак, mинистерот даде изјава ако има и други размислувања дека треба да се направи нов zакон за Водно, тогаш ќе размислуваме и за тоа”. Јасно беше кажано дека одлуката не е конечна и дека ќе се ислушаат и други релевантни институции“, информираат од Граѓанската иницијатива.
Додаваат дека забелешки имаат и релевантни институции и експерти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Андоновски: Работиме на воведување „роаминг како дома“ со Европската Унија
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на отворањето на Дигиталниот самит на Западен Балкан (WBDS) 2025, најави интензивна работа на иницијатива за проширување на слободниот роаминг меѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија.
„Се надевам дека овој настан ќе биде платформа за поврзување на сите држави, не само како можност за дискусија, туку и како заеднички напор за реални резултати. Поттикнати од Регионалниот совет за соработка, донесовме заедничка декларација што ќе упати повик до ЕУ и до сите наши соседи за воведување на иницијативата ‘роаминг како дома’ – со што би се намалиле трошоците за интернет, телефонски повици и СМС пораки меѓу Западен Балкан и цела Европа,“ истакна министерот Андоновски.
Тој додаде дека веќе постоечкиот регионален договор за роаминг меѓу земјите од Балканот се покажал како успешен модел, и дека следниот чекор е проширување на истиот во рамки на целата територија на ЕУ. Тоа значи дека граѓаните не треба да плаќаат дополнителни трошоци за повици, пораки и интернет кога патуваат во земјите членки на овие зони. Наместо тоа да биде поволност само за државите од Западниот Балкан меѓусебно, Владата работи на воведување на оваа пракса и со сите држави од ЕУ.
Андоновски потенцираше дека нашата земја веќе ги има завршено најголемиот дел од обврските за исполнување на критериумите поставени од Европската комисија. „Очекуваме до крајот на годината да ги исполниме сите услови за приклучување кон заедничката европска роаминг зона,“ порача министерот.
Во своето обраќање, министерот ги нагласи и клучните теми на самитот – дигитализација, интероперабилност, сајбер безбедност, улогата на вештачката интелигенција, како и дигиталниот паричник.
Македонија
Обвинителниот акт за пожарот во Кочани – одобрен во целост

Советот за оцена на обвинителен акт при Основниот кривичен суд Скопје во целост го одобри обвинението поврзано со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Од Судот наведуваат дека со оглед дека станува збор за обвинителен акт во кој што има 37 обвинети лица кои што имаат 33 бранители, било исклучително тешко да се достави обвинителниот акт до сите нив, особено од причина што на голем дел од нив мерките притвор биле заменети, па во моментот на достава Претседателот на советот за оцена имал потешкотии да може да утврди кој обвинет каква мерка има и каде се наоѓа за да може да се изврши доставата.
„Особено потешкотии имаше и доставата на делот од бранителите на кои и покрај тоа што им се најавуваше терминот на достава, сепак истите не беа пронајдени во нивните канцеларии. Доставата ја вршевме преку судските служби на Основен кривичен суд Скопје, сѐ со цел да не се одолговлечи истото доколку оди по редовна пошта. Дополнителен проблем при доставата се јави поради тоа што во првично поднесениот обвинителен акт, пред истиот да биде доуреден, во диспозитивот не беа целосно наведени личните податоци на обвинетите од страна на Основниот суд Кочани, како и решенијата за адресите каде се издржува мерката куќен притвор, што дополнително мораше да го проверува Кривичниот суд“, соопштија од Судот.
Македонија
Директорот на БЈБ: Безбедноста на ИКТ системите не е само техничко, туку стратешко и општествено прашање

Директор на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев учествуваше со свое излагање на 7. Западнобалкански дигитален самит кој се одржува во Скопје од кој Македонија испраќа силна порака за регионална соработка и заедничка дигитална иднина.
„Сајбер-нападите сè почесто ги таргетираат институциите, нарушуваат услуги и ја поткопуваат довербата во системот, па оттаму неопходно е постојано вложување во едукација, како на полициските службеници, така и на јавната администрација, со цел навремено препознавање и реагирање на сајбер-инциденти. Безбедноста на ИКТ системите не е само техничко, туку стратешко и општествено прашање, па во таа насока за надминувањето на предизвиците неопходна е регионална и меѓународна соработка, како и активно вклучување на приватниот сектор во развојот на иновативни решенија“, истакна директорот Јанев во своето излагање.
Јанев ги нагласи можностите и плановите за користење на вештачка интелигенција во полициското работење, со цел побрза и поефикасна обработка на податоци и навремено донесување одлуки.
„SOCTA 2025 потврдува дека сајбер-криминалот е во пораст и мора да остане висок безбедносен приоритет. Само преку координирана акција и споделена одговорност можеме да изградиме отпорен и безбеден јавен сектор“, потенцираше на крај директорот Јанев.