Економија
Средба на претседателот Пендаровски со стопанските комори

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими претседателите на четирите стопански комори коишто се дел од Платформата за јавно-приватен дијалог.
Претседателите на коморите на претседателот Пендаровски му ги презентираа прогнозите и предизвиците со кои би се соочиле во 2021, со осврт на минатата исклучително тешка година, како на здравствена, така и на економска основа.
Претседателите на коморите информираа за своите анализи и очекувањата на бизнис-секторот, за динамиката по која ќе се одвива увозот и извозот на стоки и услуги.
На средбата се разговараше и за владините интервенции во вид на пакети за помош на бизнис-секторите погодени од Ковид-19.
Истовремено, коморите од Платформата за јавно-приватен дијалог посочија дека треба да се намали бројот на закони кои се носат по брза постапка, а коишто се однесуваат на стопанството. Во оваа насока, претседателот Пендаровски изрази подготвеност за консултација со која било од коморите при потпишување на указите на законите кои регулираат поединости во бизнис-секторот.
На средбата присуствуваа Бранко Азески, претседател на Стопанска комора на Македонија, Неби Хоџа од Стопанската комора на северозападна Македонија, Данела Арсовска, претседателка на Сојузот на стопански комори и Анета Антова-Пешева, претседателка на управниот одбор на МАСИТ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Три концесии за експлоатација на минерални суровини еднострано раскинати

Владата, по предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), донесе три одлуки за едностран раскин на Договори за концесија за експлоатација на минерални суровини и една одлука за одбивање на ново барање за концесија. Одлуките се веќе објавени во Службен весник на Република Македонија.
Од формирањето на Министерството до денес, вкупно се донесени 34 одлуки за едностран раскин на концесии поради непочитување на законските одредби за експлоатација на минерални суровини, неплаќање на концесиски надоместоци согласно утврдениот тарифник, непочитување на мерките за заштита на животната средина, пренесување на концесијата на друг субјект без согласност и експлоатација надвор од одобрениот експлоатационен предел.
Од Министерството информираат дека во моментов се во тек и повеќе постапки за раскин или одбивање на продолжување на концесии по исти или слични причини. Во истиот период констатиран е и раскин на 11 дозволи за експлоатација поради истек на договорот за концесија.
МЕРМС води и регистар на одземени концесии и тој од следниот период поради поголема транспарентност ќе биде јавно објавен на сајтот на министерството.
Министерката Сања Божиновска истакна:
„Нашата цел е транспарентно и одговорно управување со природните ресурси. Со засилената контрола и примената на законските мерки, обезбедуваме фер и одржлива експлоатација, која носи економски придобивки за државата и поддршка за локалните заедници. Овие одлуки се директна последица на посветените активности и системската работа на Министерството за воспоставување на највисоки стандарди за транспарентно и фер управување со природните ресурси, подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите. “
Економија
Мицкоски: Неколкукратно е зголемена бројката на апликанти за мерката млад земјоделец во вредност од 70 милиони денари

Поради изборните ограничувања, мерката млад земјоделец не можеме да ја промовираме, иако огласот е завршен, филтерот е направен, 117 корисници односно апликанти за околу 70 милиони денари, вели Христијан Мицкоски, претседател на Владата на Република Северна Македонија одговарајќи на новинарско прашање.
Премиерот Мицкоски истакна дека за разлика од 2023 година кога имало само 44 апликанти, односно само 18 корисници, истата денеска е зголемена неколкукратно односно на 117 апликанти.
Можеби бројката 117 не значи многу грандиозно, но ако се има предвид дека во 2023 година од 44 апликанти, само 18 имаме корисници, тогаш станува збор за неколкукратно зголемување. Така што веднаш по завршување на локалните избори кога веќе ќе ги немаме оние законски ограничувања, и формално ќе биде ставена во функција оваа мерка за поддршка на младите земјоделци.
Економија
Во јули годишен раст од 13,0 отсто на вкупните депозити и од 13,0 отсто на вкупната кредитна поддршка

Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити бележат раст од 13,0%, којшто во поголем дел се должи на растот на депозитите на секторот „домаќинства“, при помал раст и на депозитите на корпоративниот сектор, извести Народната банка.
На годишна основа, вкупните кредити бележат раст од 13,0%, поради повисоките кредити на двата сектора, со поголем придонес на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на линкот