Македонија
(Видео) Мицкоски на трибина по повод една година од првиот заразен: Се наоѓаме во апокалиптична ситуација
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска одржа средба со докторите кои се во првите редови во борбата против Ковид-19, а посочи дека трибината била свикана поради неубав јубилеј, односно година дена од првиот дијагностициран случај на Ковид-19 во земјава.
„Тогаш во тоа време нè убедуваа дека опозицијата ширела лажни вести, дека опозицијата била таа којашто не знаела што зборува, дека власта ги имала конците во свои раце и дека практично имале стратегија, имале план, имале визија како да спречат понатамошно ширење на вирусот. Нè убедуваа дека ќе имаме не повеќе од 2.000 луѓе кои што ќе заболат од овој вирус, за жал денеска имаме повеќе од 100.000 евидентирани, можете да замислите колкава е бројката на тие коишто не се евидентирани“, посочи Мицкоски.
Тој додаде и дека повеќе од 3.000 граѓани ги загубиле животите поради, како што кажа, неспособноста на Зоран Заев и владата на СДСМ.
„За жал, и по една година ниту имаат план, ниту имаат визија, ниту, пак, имаат стратегија, туку напротив служиме за потсмев. Луѓето буквално играат мајтап со Македонија, единствената држава во Европа којашто сè уште нема набавено сопствени вакцини. Денеска еден од присутните, претседателот на комисијата, прочита фејсбук-статус од негов колега којшто буквално моли да добие вакцина од министерот, човекот има 65 години. Така што се наоѓаме во една апокалиптична ситуација за здравјето на граѓаните, за здравјето на нацијата и јас навистина единствено нешто што можам во овој момент да побарам е голема општествена поддршка да се совладаат овие неспособни луѓе коишто денеска се наоѓаат во Владата, а потоа да дојдат луѓе коишто знаат како навистина да ги решат напластените проблеми“, посочи лидерот на опозициската партија.
На 26 февруари 2020 година во земјава беше потврден првиот случај на коронавирус, кај жена која одредено време престојувала во Италија. Таа подоцна успешно заздрави од Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Од шахта на булеварот „Александар Македонски“ масивно истекуваше хемиска пена, Ѓорѓиевски: Ќе бидат преземени најстроги санкциски мерки
На социјалните мрежи се појавија фотографии за кои скопјани со право се загрижија, но и за кои ние веќе претходно преземавме мерки. Согласно издадената наредба од Инспекторатот на Град Скопје, беше извршен вонреден инспекциски надзор на булевар „Александар Македонски“ во Општина Гази Баба, извести градоначалникот Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи.
„Овластените инспектори на Град Скопје веднаш излегоа на терен и направија детален увид во состојбата. На лице место беше затекната алармантна ситуација, од средишната шахта на булеварот беше забележано масивно истекување на хемиска пена на јавна површина, потекната од правен субјект што стопанисува во непосредна близина.
Станува збор за сериозно нарушување на законските прописи и директно загрозување на животната средина.
Надлежните институции веднаш постапија. Земени се проби од шахтата, од површината на булеварот, како и од пеноматот во сопственост на правното лице.
Врз основа на утврдената состојба и собраните докази, кон правното лице ќе бидат преземени најстроги санкциски мерки. Никакво отстапување нема да биде дозволено, секој што го нарушува законот, ја загадува околината и го загрозува здравјето на граѓаните, ќе се соочи со целосната сила на институциите“, додаде градоначалникот.
Македонија
Без струја денеска делови од Шуто Оризари, Сарај и Кисела Вода
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.30 до 10.30 часот дел од корисниците од ул. Брсјачка Буна, Демирхисарска и Пелагонија (општина Шуто Оризари)
· во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците во с,Кондово кај пумпата за водовод (општина Сарај)
· во периодот од 10.00 до 13.00 часот дел од корисниците од ул.Михаил и Ефтихиј и ул.Георги Димитров (општина Кисела Вода)
Македонија
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд, особено претпладне во југозападните и јужните делови (над 25 l/m² за 24 часа). Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 11, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд со послаб интензитет. Ќе дува умерен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност ќе продолжи периодот на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Денеска во попладневните часови и во четврток врнежите ќе бидат со послаб интензитет. Во петок и во деновите од викендот повторно се очекуваат пообилни врнежи од дожд (над 30 l/m² за 24 часа), локално во форма на невреме со засилен ветер и услови за појава на грмежи. Од недела утринските и дневните температури значително ќе опаднат.

