Македонија
CREDISSIMO донира топол оброк на Клиниката за инфективни болести
Пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19, која трае веќе една година, со сигурност наметна нови предизвици и тешкотии во секојдневното функционирање, но сепак најголемиот товар го носат здравствените работници, а со тоа и здравствениот систем.
Во време на криза која е резултат од пандемијата, како знак на поддршка на здравствениот систем и на здравствените работници, финтек-компанијата Credissimo која применува општествено одговорни практики, во период од две недели ќе донира вкусен топол оброк за сите вработени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, под мотото „Топол оброк навреме“. Ваква иницијатива компанијата спроведе и во другите држави каде што е присутна: Бугарија, Полска и Колумбија.

На овој начин, компанијата сака да оддаде почит за трудот и работата на лицата кои и покрај директната изложеност на вирусот и големиот ризик за сопственото здравје и здравјето на своите блиски, безрезервно се борат за здравјето на своите граѓани. Со оваа иницијатива, Credissimo ќе даде свој удел во намалување на последиците од вирусот Kовид-19.
Денес на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, тимот од Credissimo лично се погрижи за ручекот на вработените, искажа благодарност за трудот што медицинскиот персонал несебично и секојдневно го вложува и им посака да продолжат со одличната работа.
Верувам дека со оваа наша постапка ќе му помогнеме на персоналот на Клиниката кој е на првата борбена линија со вирусот Ковид-19 и ќе ги мотивираме да продолжат неуморно и професионално да ја работат својата работа како и досега. Се надевам дека ќе ја почувствуваат нашата безрезервна поддршка, бидејќи во моментов, тоа е и најпотребно, изјави Георги Руков, директорот на ФД Кредисимо.
Credissimo е веќе 5 години присутен во Македонија и со оваа донација го означуваме почетокот на голем број на активности од општествена одоговорност, изјави Георги Руков, директорот на ФД Кредисимо.
Со цел одржување на оперативната одговорност и подготвеност на здравствениот систем во земјава, од 22 февруари, па сè до 7 март, вработените ќе бидат обезбедени навреме со топол оброк за својата пауза.
Голема благодарност до компанијата Credissimo кои покажаа голема хуманост како општествено одговорна компанија и дадоа свој придонес на нашата клиника. Со ваков потег со кој компанијата донираше топол оброк во период од 2 недели се укажува на едно признание кон работата на нашиот персонал кои цела година наназад напорно работи и се вложува, изјави директорката од Клиниката за инфективни болести -Др сци. Мирјана Пехчевска Поп Илиев.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДПМНЕ да не бега од сопственото ветување за една изборна единица, бара Левица
„Левица е за укинување на т.н. Пржинска влада и непотребните дополнителни заменици-министри со право на вето, сметајќи дека истата нема смисла и се претвори во алатка за меѓупартиско пазарење. Техничката влада функционира како фасада и привид на фер, демократски избори и плурализам, зад кој продолжува суштинската политичка нееднаквост, селективноста и цензура. Затоа, укинувањето на техничката влада за нас е прифатливо само доколку оди рака под рака со вистински, а не декларативни демократски реформи“, велат од партијата Левица.
„За почеток, воведување на една изборна единица, како единствен начин за секој глас да вреди подеднакво. Вториот услов е укинување на политичката цензура и обезбедување еднаков пристап до медиумско претставување за политичките субјекти. Потсетуваме дека на последните избори, токму Левица, како парламентарна партија, беше единствената на која, поради „правна празнина“, ѝ беше оневозможено било какво политичко рекламирање. По завршувањето на изборите, Левица во Собранието предложи законски измени за надминување на оваа дискриминација, но истите не беа прифатени од владејачкото мнозинство.
Прецизираме дека не сметаме дека институциите се созреани, ниту пак дека постојната пракса на „технички влади“ донесе фер, демократски и избори без институционални злоупотреби. Напротив, техничката влада се покажа како механизам за дополнителни злоупотреби и параван зад кој се задоволуваат апетитите на владејачките и коалициските структури на естаблишмент партиите.
Во периоди кога техничката влада формално треба да служи исклучиво за организација и спроведување на изборите, јавноста беше сведок како се носат системски закони по скратена постапка, се шверцаат законски измени и се штитат интереси на моќни бизнис и урбанистички лобија како што беше случајот и со последната Пржинска влада.
Демократијата не се мери со бројот на договори меѓу партиските елити, туку со тоа дали гласот на секој граѓанин вреди еднакво и дали секоја политичка опција има право да биде слушната.
Левица нема да учествува во шминкање на системот без да се испорачаат нужни реформи. За крај, потсетуваме дека ʼедна изборна единицаʼ е и ветување на ДПМНЕ за овој мандат. Оттука, ги повикуваме да не бегаат од сопственото ветување и предизборни заложби“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
Македонија
(Фото) Кисела Вода: Компјутери, принтери и телевизори за училиштата „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“
Набавени се компјутери, принтери и телевизори за основните училишта „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода, како дел од континуираните активности за унапредување и модернизација на наставниот процес, извести Општината.

„Во периодот кога учениците се на зимски распуст, во училиштата се врши опремување со нова информатичка опрема, со цел второто полугодие учениците да го започнат со поквалитетна настава и полесен пристап до дигитални содржини.

Со оваа инвестиција, општина Кисела Вода уште еднаш ја потврдува својата определба за дигитализација на образованието и создавање современи услови за учење, во чекор со новите образовни стандарди и потребите на учениците“, соопштуваат од Општината.

– Нашата цел е децата да учат во современи и опремени училишта, каде што ќе имаат можност да стекнуваат знаења и дигитални вештини неопходни за нивниот понатамошен развој. Компјутерите, принтерите и телевизорите кои ги обезбедивме во училиштата „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“ се уште еден конкретен чекор во таа насока, а учениците по зимскиот распуст ќе бидат пречекани со значително подобри услови за настава, изјави градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.



Македонија
ЦУК со нови информации: Излеани реки, поплавени подрумски простории, земјоделски површини и дворови, пријавени свлечишта на патишта
Во Општина Кочани е забележан значително зголемен водостој на реките и каналите во полскиот дел. Кочанска река има локално излевање кај село Горни Подлог, каде интервенира КЈП „Водовод“ Кочани со механизација. Зрновска река се излеа пред вливот во реката Брегалница.
Оризарска река се излеа кај село Грдовци, каде состојбата е најкритична. Поплавени се неколку подрумски простории на куќи во близина на реката. Водостопанство „Брегалница“ интервенира со тешка механизација, а МВР го има забрането сообраќајот за моторни возила на северниот влез во селото, извести Центарот за управување со кризи.
Злетовска река и река Брегалница имаат зголемен водостој, но засега нема излевање. Водостоите во горните текови се стабилизираат и имаат тенденција на опаѓање, додека во средните и долните текови состојбата останува критична.
На патниот правец Македонска Каменица – рудник САСА, поради одрон, сообраќајот се одвива по една коловозна лента во должина од околу 200 метри.
Во Пробиштип, поради излевање на реката Киселица на патниот правец село Неокази – село Петришино, сообраќајот е отежнат. За настанот е информиран ЦИК при СВР Штип.
На подрачјето на Скопскиот регион нема нарушување на редовната состојба поврзано со врнежите од дожд.
Во Охрид, одржан е состанок на Кризниот штаб на Општина Охрид, со одлука да се стават на располагање сите човечки и материјални ресурси.
Населбата Далјан е поплавена поради излевање на реката Далја. Екипи со тешка механизација ја пренасочуваат водата кон езерото, а со пумпи се врши испумпување од подруми, дворови и деловни простории. Преку бројот 112 се примени поголем број пријави од оваа локација.
Проблеми се евидентирани и на Коселска река кај село Ливоишта, каде надојдената вода го подјадува патот кај мостот кон село Вапила. Надлежните институции се известени.
Во Кичево, водостојот на реките се намалува, но на одредени локации состојбата сè уште е критична. Околу 120 лица од ул. „Прилепска“ и натаму се евакуирани и сместени во спортската сала „Христо Узунов“. Во текот на утрешниот ден ќе се изврши увид на оштетените објекти, информираше ЦУК.
Во Битолско, градското подрачје е нормализирано, освен во населбата Стрчин, каде има наноси од земја и чакал. Во селата Кравари, Жабени и Породин поплавени се земјоделски површини, но нема опасност по станбени објекти.
Регионалните и магистралните патишта се проодни, со повремени наноси кои се расчистуваат. Сите јавни претпријатија и надлежни служби интервенираат со механизација и човечки ресурси.
Во Ресен, како последица на врнежите, поплавени се земјоделски површини, дворови и помошни објекти во повеќе села. Ангажирани се екипи со пумпи и механизација, а водостоите постепено се намалуваат.
Во Крушево и Демир Хисар има локални излевања на реката Црна и на реката Обедничица, со поплавени дворови, земјоделски површини и локални патишта. Дел од патната инфраструктура е оштетена, а општинските штабови се во постојана координација и интервенираат на критичните точки.
Во Куманово, Липково и Старо Нагоричане засега нема излевање на реките. Забележани се подмрзнати коловози на одделни патни правци, каде надлежните служби интервенираат.
На подрачјето на Крива Паланка, Ранковце и Кратово нема нарушување на редовната состојба, сите патни правци се проодни, а снабдувањето со електрична енергија е стабилно.
Полошки регион
Во Тетовско се пријавени свлечишта на локалните патишта кон село Ѓермо и месноста Бањиче, кои моментално се непроодни. Општината интервенира со механизација.
Во Мала Речица е пријавено уривање на потпорен ѕид, при што е предизвикана материјална штета. Случајот го обработуваат надлежните служби.
Во општина Желино, пријавено е излевање на реката Вардар во село Стримница, каде е испратена механизација од ЈКП, се наведува во соопштението на ЦУК.

