Економија
Георгиевска: За три години просечната плата пораснала за речиси 4.500 денари

За три години просечната плата пораснала за речиси 4.500 денари, платите растат и во време на пандемија и економска криза, изјави на прес-конференција пратеничката од СДСМ, Марија Георгиевска.
Таа оцени дека економските политики на Владата даваат реални и видливи резултати.
„И во време на пандемија и економска криза, не застана растот на платите во државата. Последна потврда за тоа е просечната плата за месец декември 2020 која изнесува 28.294 денари, што е за пет отсто повеќе во однос на декември 2019 година. Растот на минималната и просечната плата е врвен приоритет за СДСМ уште од првите денови на мандатот. Веднаш ја зголемивме минималната плата на 12.000 денари а потоа и на 14.500 и ја израмнивме во сите сектори.
Тоа, како и отворањето на нови работни места ја отвори спиралата на раст на платите и затоа три години по ред бележиме постојан раст на просечната плата.
Во последните три години, од крајот на 2017 кога е исплатена просечна плата од 23.850 денари до декември 2020 кога е исплатена просечна плата од 28.294 денари, бележиме раст на платите за 18,63 отсто. Односно, во апсолутна сума просечната плата од декември 2017 до декември 2020 година пораснала за речиси 4.500 денари.
Тоа е раст за повеќе од три пати споредено со периодот 2014-2017 година, последните години од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кога просечната плата пораснала за 6,44 отсто, осносно за 1.443 денари“, изјави Георгиевска.
Како што додаде, овие официјални податоци ја потврдуваат успешноста на политиките на Владата предводена од СДСМ кои имаат за цел да обезбедат брз економски раст и подобар животен стандард.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Исплатени 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица за предадени јаболка

Денеска се исплатија 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица од подмерка 1.9 за јаболка предадени кај регистрирани откупувачи или регистрирани преработувачки капацитети, од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година, извести Министерството за земјоделство.
Од таму најавуваат дека продолжува поддршката кон производителите на јаболка.
Економија
УЈП со повик: Платете го веднаш достасаниот данок по ДЛД-ГДП и избегнете присилна наплата

Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници, кои во законскиот рок не ја платиле даночната обврска по ДЛД-ГДП 2024, да го исполнат својот даночен долг.
Во согласност со евиденцијата на УЈП, 3.155 даночни обврзници ја немаат намирено разликата за доплата на данокот на личен доход утврдена во годишната даночна пријава за данокот на личен доход (ДЛД-ГДП) за 2024 година, што требаше да се исполни во законскиот рок до 30 јуни.
„Во следниот период УЈП ќе премине кон опоменување и присилна наплата на достасаните неплатени долгови по овој основ, што ќе доведе до дополнителни трошоци по основ на камата за задоцнето плаќање од 0,03 % дневно и еднократна посебна такса во постапка на присилна наплата“, информира УЈП.
Дополнителни информации се објавени на страницата на УЈП, во делот плаќање даноци на следниот линк http://www.ujp.gov.mk/mk/plakjanje.
Економија
Меџити: Поддршка со 227 милиони денари за 43 проекти во 33 општини

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска ги потпиша договорите за реализација на 43 капитални проекти во 33 општини во државата.
За овие проекти се обезбедени над 227 милиони денари директна финансиска поддршка од Министерството, со што се овозможува имплементација на конкретни решенија во областа на канализацијата, водоснабдувањето и управувањето со водните ресурси.
„Убеден сум дека ова е најправилниот и најефикасен модел на соработка – директно партнерство меѓу Владата и општините, со цел да им донесеме на граѓаните конкретни придобивки“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
Тој исто така ја потенцира важноста од навремената и квалитетна реализација повикувајќи на одговорност и посветеност од страна на сите општини.
„Немаме време за губење. Секој ден што ќе го добиеме во овој процес е еден ден повеќе во служба на граѓаните“, изјави Меџити нагласувајќи дека преку ова партнерство се поставуваат нови стандарди во справувањето со инфраструктурните и еколошките предизвици.