Спорт
Ѓоковиќ го стигна Федерер – 310 недели е на чело на АТП-листата
Новак Ѓоковиќ ја почна 310. недела на челната позиција на АТП-листата. Српскиот тенисер го израмни рекордот на Роџер Федерер, а од наредниот понеделник тој ќе стане апсолутен рекордер.
Новак Ѓоковиќ првпат во кариерата стана светски број 1 на 4 јули 2011 година. Потоа уште четири пати се враќаше на првото место. Шестпати во кариерата годината ја завршувал на првото место, овој рекорд го дели со својот идол Пит Сампрас.
Како светски број 1, Ѓоковиќ има скор од 387 победи и 53 порази вклучувајќи 117 победи и 30 порази против ривалите од топ-10.
На првата позиција Ѓоковиќ има 12.030 поени, на второто место е Рафаел Надал со 9.850.
Во топ-10 се Данил Медведев, Доминик Тим, Роџер Федерер, Стефанос Циципас, Александар Зверев, Андреј Рубљов, Диего Шварцман и Матео Беретини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Арне Слот доби ултиматум, Ливерпул го контактирале Јирген Клоп
По дебаклот на Ливерпул и поразот дома од ПСВ, 1:4, англиските медиуми пишуваат дека на „Енфилд“ бил одржан итен состанок на Управниот одбор на кој била решена судбината на тренерот Арне Слот.
Според информациите на „Телеграф“, холандскиот стручњак сè уште ја има довербата на челниците на клубот, но таа не е безусловна. Слот добил ултиматум – мора да освои максимум девет бода во следните три натпревари. Во спротивно, соработката ќе биде прекината.
Ливерпул следниот натпревар ќе го игра во недела, кога ќе гостува кај Вест Хем, потоа на 3 декември ќе го пречека Сандерленд, а третиот натпревар во серијата ќе го одигра на 6 декември на гости кај Лидс.
„Црвените“ одиграа одлично минатата сезона под водство на Слот, а тимот дополнително се засили во текот на летото. Сепак, резултатите изостанаа – поразот од ПСВ беше нивни деветти во последните 12 натпревари, а одбраната игра далеку под очекувањата.
Според англиските медиуми, челниците на Ливерпул го контактирале Јирген Клоп за да проверат дали постои можност тој да се врати, барем како привремено решение. Тие се подготвени да му понудат краткорочна соработка без долгорочен договор, свесни дека тој е сè уште прв избор на повеќето навивачи.
Проектот на Ливерпул под водство на Арне Слот е неизвесен, а следните седум дена ќе покажат дали Холанѓанецот ќе преживее на клупата на повеќекратните европски шампиони. Доколку не ги добие сите три натпревари, Управата ќе му врачи отказ.
Foto/ EPA
Спорт
Евролигата го казни Монако, не може да регистрира нови играчи
Евролигата објави дека го казнила Монако за кршење на правилата за финансиски фер-плеј.
Како што е наведено, врховното тело на елитното клупско натпреварување на Стариот континент одлучи за оваа мерка поради прекршување на членовите 32(а), 32(в) и 32(е).
Станува збор за прекршувања поврзани со пречекорување на платите, како и ненавремено обезбедување на потребната документација и недостаток на соработка од страна на Комисијата за контрола и спроведување на финансиски фер-плеј.
Францускиот претставник беше казнет со 300.000 евра и му беше забрането да регистрира нови играчи и тренери. Забраната останува на сила додека не се решат спорните прашања.
Монако моментално е дел од четвртото место во Евролигата со осум победи и пет порази.
Спорт
Фетел: Напредокот на Макс е застрашувачки
Себастијан Фетел, четирикратниот светски шампион во Формула 1, зборуваше со пофални зборови за Макс Ферстапен, актуелниот шампион во најбрзиотциркуз.
Како и Холанѓанецот, Германецот еднаш освои четири поврзани титули за Ред Бул.
Фетел нема сомнение дека Макс сигурно ќе го надмине по бројот на пехари.
„Страшно е колку Макс се подобрува секоја година. Сите знаеме колку е добар, но секогаш сака повеќе. Гладен е, со огромна желба да учи“, рече Фетел.
Ферстапен е повторно во конкуренција за титулата оваа година, иако според експертите, имал далеку полош болид од Мекларен поголемиот дел од сезоната.
„Макс сега е пред Норис и Пјастри. Причината е јасна. Тој знае како се освојуваат титули. Од друга страна, сите знаеме каков борец е. Нема да им биде лесно на двата Мекларена да го сопрат“, рече Фетел.
До крајот на шампионатот остануваат уште две трки плус една спринт трка. Следната станица е Катар. Трката е закажана за недела, 30 ноември. Шампионатот традиционално завршува во Абу Даби.
Ландо Норис во генералниот пласман има 24 поени повеќе од тимскиот колега и Холанѓанецот, може да стане шампион во Катар, доколку освои два бода повеќе од Пјастри и Ферстапен.

