Македонија
ВМРО-ДПМНЕ поднесе предлог-закон за укинување на пописот
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска, на денешната прес-конференција ја обвини власта дека подготвува политички фалсификат и нерелевантен и фингиран попис. Таа нагласи дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска во Собранието поднела предлог-закон за престанување на важењето на Законот за пописот, и тоа по итна постапка.
„Сите факти и аргументи ни говорат дека власта подготвува политички фалсификат и нерелевантен и фингиран попис. Од тие причини како пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ јасно и гласно кажуваме дека нема да бидеме нем набљудувач на овој крајно несериозен политички процес и затоа денес во Собранието на Република Македонија поднесовме предлог-закон за престанување на важењето на Законот за пописот, и тоа по итна постапка.
На ова самоволие мора да му застанеме на патот и да не дозволиме криминален и насилнички попис. Оваа лакрдија што ни се случува во врска со пописот ја најавувавме и предвидовме уште од самиот почеток. Но, самобендисаната власт на чело со Зоран Заев воопшто не сакаше да разговара и дебатира на оваа тема. Од редовна и статистичка операција, неспособноста на Зоран Заев и Владата овој попис го претворија во политичка операција и пазарење, додворување и враќање коалициски долгови“, изјави Василевска.
Таа рече дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ уште од самиот почеток укажувала на многубројните недостатоци и аномалии на Законот за пописот поради што сега поднесуваат триесетина суштински амандмани, кои, како што рече, имаат цел да го подобрат текстот на законот, но власта предводена од Зоран Заев не прифатила ниту еден амандман.
„Нашите издржани забелешки и секојдневни укажувања за недостатоците и аномалиите на овој закон беа и сè уште се, и тоа:
· злоупотреба на европското знаменце и европските вредности и скратената можност за стручна и опширна дебата,
· недостиг на консензус од сите политички партии,
· проблематична и недоречена методологија за спроведување на пописот,
· нефункционален и небезбеден систем за електронска евиденција на дијаспората, и
· погрешен тајминг за одржување на пописот, иако многу европски земји поради ковод-кризата го одложија пописот за една година.
Но, и покрај овие издржани аргументи, власта и Зоран Заев никако не отстапуваат од политичкиот договор и намерата по секоја цена да се одржи пописот. Нашата легитимна борба против одржување ваков сомнителен и фингиран попис го препознаа и огромен број граѓани. За само неколку дена, над 100 илјади граѓани, со име и презиме, јасно и гласно, ги кажаа своето мислење и недоверба и рекоа големо НЕ за ваков попис“, додаде таа.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ исто така бараат закажување итна и неодложна седница на Собранието, на која ќе се изгласа овој предлог-закон и ќе се стопира овој политички попис. За таа цел, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ апелира до сите пратеници, без разлика на која политичка партија и коалиција припаѓаат и без разлика на етничка и национална припадност, да го поддржат овој предлог-закон.
Василевска нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не се против попис на населението, бидејќи, како што рече, таква статистичка операција е многу важна и неопходна за Република Македонија, но сакаат да упатат силна порака дека се и ќе бидат против фингиран и наместен попис.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На едно семејство со четири члена му биле потребни близу 1.100 евра за да го помине декември
Вредноста на синдикалната минимална кошница што ја пресметува Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за декември годинава изнесува 65.492 денари и е за 319 денари зголемена во однос на минималната кошница за минатиот месец кога изнесуваше 65.173.
ССМ денеска информираше дека со изнајмен стан од 60 метри квадратни за декември синдикалната минимална кошница изнесува 80 .867 денари.
Според пресметките на ССМ, во декември за храна и пијалаци се потребни 23.640 денари, за Образование 7.159 денари, за Станарина, вода, електрична енергија, и греење 6.130 денари, Облека и обувки 5.875 денари, Транспорт 4.636 денари, Ресторани и хотели 4.131 денар, Комуникации 3.417, Лична хигиена и оддржување на хигиена во домот 2.620 денари.
Заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески на 17-ти месецов најави дека од 1 јануари освен што синдикатите ќе ја пресметуваат минималната потрошувачка кошничка и тие како Влада ќе прават пресметка за просечна потрошувачка кошничка, која ќе биде за најмалку четиричлено семејство. На оваа тема ќе се разговара на Економско –социјалниот совет, кој е закажан на 22 декември (понеделнк).
– Ќе бидат земени параметри од најголемите маркети во Македонија, ќе бидат земени параметри од страна на основните прехранбени производи, за се она што е потребно за еден просечен живот, за едно просечно македонско семејство. Исто така ќе бидат земени и од различни региони и најчесто овошјето и зеленчукот ќе биде земен она коешто е карактеристично за периодот, кога се пресметува во текот на годината, изјави Ристески.
Македонија
Боки 13 ја вознемирувал Русковска, таа го пријави во полиција
Поранешната обвинителка Вилма Русковска поднела пријава до полицијата против Бојан Јовановски – Боки 13 за телефонско вознемирување.
Според пријавата, инцидентот се случил вечерта на 18 декември 2025 година, кога Јовановски, додека бил во живо вклучување на „Јутуб“, повеќепати телефонски ја контактирал Русковска, и покрај нејзиното одбивање на повиците.
Од снимката што циркулира на социјалните мрежи може да се види дека разговорот бил проследен со навредливи и вознемирувачки изјави од страна на Јовановски. Русковска во еден момент го предупредила дека доколку продолжи со повиците, ќе го пријави во полиција, по што повиците сепак продолжиле.
Од Министерството за внатрешни работи за медиумите ја потврдија пријавата и информираа дека работат на расчистување на случајот.
Македонија
Пратеникот Јанчев кој имаше сообраќајка во која загина тинејџер доби обвинение, свртел на место каде не смеел
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против Сашко Јанчев, пратеник од партијата Левица, за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, согласно член 300 став 4, во врска со член 297 став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Обвинението се однесува на тешката сообраќајна несреќа што се случи на 14 септември, по полноќ, во скопското село Марино, во која животот го загуби 16-годишниот Матеј Димовски, а неговата 13-годишна сопатничка беше тешко повредена.
Според Обвинителството, по спроведена истражна постапка, обезбедени се сите релевантни докази и извршени се соодветни вештачења со кои се утврдени причините за несреќата.
Обвинетиот управувал патничко возило „Хјундаи Тусон“, при што не се придржувал до сообраќајните прописи и со своето однесување го загрозил јавниот сообраќај и безбедноста на учесниците.
„Осомничениот непрописно свртел со возилото, без претходно да се увери дека маневарот може да го изврши без да ги загрози другите учесници во сообраќајот“, наведува Обвинителството.
Во тој момент, во возилото удрил мотоцикл марка „Јијинг“, без регистарски ознаки и без вградени светлосни уреди, со кој управувал починатиот 16-годишник. Според официјалните наводи, мотоциклистот немал возачка дозвола, а ниту тој ниту неговата сопатничка не носеле заштитни кациги.
Како последица на тешките повреди здобиени во сообраќајната несреќа, малолетниот возач на мотоциклот починал, додека девојчето кое било сопатник се здобило со тешки телесни повреди.

