Економија
Граѓани, компании и институции во осигурување вложиле 163,7 милиони евра

Граѓани, компании и институции лани купиле осигурителни полиси за животно и за неживотно осигурување во вкупна вредност од 10,06 милијарди денари (163,7 милиони евра), покажуваат официјалните агрегатни податоци на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) за состојбите на осигурителниот пазар во 2020 година.
На нашиот осигурителен пазар оперираат 16 компании, од кои 11 друштва продаваат неживотно осигурување, а пет се компании за животно осигурување.
Вкупната полисирана бруто-премија, односно вкупната вредност на продадени полиси лани е за 270,6 милиони денари (4,4 милиони евра), односно 5 отсто пониска од вредноста на продадените полиси во 2019 година кога сите осигурителни друштва инкасирале 10,58 милијарди денари (172,1 милиона евра) од продажба на полиси.
Во вкупната продажба на осигурителни полиси друштвата за неживотно осигурување учествувале со 82,7 отсто. Продажбата на полиси од класите на неживотно осигурување изнесува 8,3 милијарди денари (135,4 милиони евра). Друштвата за животно осигурување лани од продажба на полиси наплатиле 460,2 милиони денари (28,3 милиони евра).
Од АСО наведуваат дека здравствената пандемија лани, генерално, негативно влијаела врз националната економија, а тоа се одразило и врз работата на осигурителните друштва. Нивната вкупна продажба на осигурителни продукти се намали 5 отсто. Но, и покрај тоа, 14 осигурителни друштва минатата година ја завршиле со добивка во вкупна вредност од 627,3 милиони денари (10,2 милиони евра).
АСО неодамна препорача осигурителните компании да се воздржат од исплата на дивиденда. Препораката има цел компаниите да останат во добра финансиска кондиција во овие специфични и неизвесни услови на работење предизвикани од глобалната здравствена пандемија, а добивките да ги пренесат во капиталот и резервите со цел да останат солвентни и ликвидни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Исплатени 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица за предадени јаболка

Денеска се исплатија 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица од подмерка 1.9 за јаболка предадени кај регистрирани откупувачи или регистрирани преработувачки капацитети, од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година, извести Министерството за земјоделство.
Од таму најавуваат дека продолжува поддршката кон производителите на јаболка.
Економија
УЈП со повик: Платете го веднаш достасаниот данок по ДЛД-ГДП и избегнете присилна наплата

Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници, кои во законскиот рок не ја платиле даночната обврска по ДЛД-ГДП 2024, да го исполнат својот даночен долг.
Во согласност со евиденцијата на УЈП, 3.155 даночни обврзници ја немаат намирено разликата за доплата на данокот на личен доход утврдена во годишната даночна пријава за данокот на личен доход (ДЛД-ГДП) за 2024 година, што требаше да се исполни во законскиот рок до 30 јуни.
„Во следниот период УЈП ќе премине кон опоменување и присилна наплата на достасаните неплатени долгови по овој основ, што ќе доведе до дополнителни трошоци по основ на камата за задоцнето плаќање од 0,03 % дневно и еднократна посебна такса во постапка на присилна наплата“, информира УЈП.
Дополнителни информации се објавени на страницата на УЈП, во делот плаќање даноци на следниот линк http://www.ujp.gov.mk/mk/plakjanje.
Економија
Меџити: Поддршка со 227 милиони денари за 43 проекти во 33 општини

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска ги потпиша договорите за реализација на 43 капитални проекти во 33 општини во државата.
За овие проекти се обезбедени над 227 милиони денари директна финансиска поддршка од Министерството, со што се овозможува имплементација на конкретни решенија во областа на канализацијата, водоснабдувањето и управувањето со водните ресурси.
„Убеден сум дека ова е најправилниот и најефикасен модел на соработка – директно партнерство меѓу Владата и општините, со цел да им донесеме на граѓаните конкретни придобивки“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
Тој исто така ја потенцира важноста од навремената и квалитетна реализација повикувајќи на одговорност и посветеност од страна на сите општини.
„Немаме време за губење. Секој ден што ќе го добиеме во овој процес е еден ден повеќе во служба на граѓаните“, изјави Меџити нагласувајќи дека преку ова партнерство се поставуваат нови стандарди во справувањето со инфраструктурните и еколошките предизвици.