Македонија
Бугарија дозволи итна екстрадиција на Игор Спасов во Македонија

Бугарските органи позитивно одговорија на барањето за екстрадиција на поранешниот специјалец Игор Спасов, кој е осуден за убиството на Мартин Нешкоски.
„По барањето на Министерството за правда до бугарските органи за екстрадиција на лицето Игор Спасов назад во Северна Македонија, на 26.2.2021 година Градскиот суд во Софија донесе одлука да дозволи негова итна екстрадиција назад во земјата“, соопшти Министерството.
Барањето за екстрадиција беше испратено на 10 февруари.
Бугарската полиција на 1 февруари го приведе Спасов во Софија откако по него беше распишана меѓународна потерница пред повеќе од една година, поточно на 28 октомври 2019 година.
Тој е осуден на казна затвор 14 години за убиството на Мартин Нешкоски, а кое се случи вечерта по прославата на ВМРО-ДПМНЕ по победата на парламентарните избори во 2011 година.
Казната затвор ја издржува од 2011 година, а му беше ставена во прекин во 2018 година поради здравствени проблеми. Потоа тој избега. Спасов требаше да се јави во затворот „Идризово“ на 18 октомври 2019 година. По него имаше распишно потерница на територијата на државата, но кога истражните органи не го пронајдоа и немаа никаква дојава за него, на крајот на октомври 2019 година МВР распиша меѓународна потерница по него.
По неговото бегство, кружеа шпекулации дека тој е во Турција, но и дека во акцијата се вмешани полициски службеници. Јавното обвинителство во Штип во 2019 отвори и истрага за да утврди кој сè е вмешан, но и како Спасов успеал да ја напушти државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почувствуван земјотрес во Македонија

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, попладнево во 16 часот и 14 минути регистрираше земјотрес чиј епицентар потекнува од епицентралното подрачје Тетово-Гостивар, 39 км западно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.7.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Тетово, Гостивар и блиската околина со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Македонија
МНР: Амбасадата во Прага е во координација со семејството на Чифлиганец за пренeсување на телото во Македонија

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека на 2 август 2025 година, до македонската амбасада во Прага била доставена информација за тешка сообраќајна несреќа во која бил повреден македонскиот државјанин Душко Чифлиганец. Тој управувал мотор кога дошло до незгодата, по што со тешки повреди бил пренесен во болница.
На 3 август, семејството го известило дипломатско-конзуларното претставништво дека Чифлиганец им подлегнал на повредите.
Како што соопштија од МНР, Амбасадата во Прага е во континуирана комуникација со семејството со цел завршување на сите неопходни формалности и организација за пренос на телото во Македонија.
Македонија
Изгаснат пожарот кај Липково, гори на две локации

До 12 часот активни се два пожари на отворен простор, еден пожар е под контрола, а еден е изгаснат.
Активните пожари се наоѓаат во село Богомила во општина Чашка, каде гори мешана шума, како и во село Грешница во општина Македонски Брод, во деградирана нискостеблеста шума, соопшти ЦУК.
Пожарот кој е под контрола е во село Стровија во општина Долнени, зад местото викано Гајдарец-Клепало, во нискостеблеста шума.
Пожарот што е изгаснат се наоѓа во село Слупчане во општина Липково, каде горела ниска вегетација.