Македонија
Битола доби парк наменет за домашните миленици

Во долниот дел од Градскиот парк во Битола од денес граѓаните ќе може да ги носат своите домашни миленици во посебен парк, во кој се сместени реквизити за забава на кучињата и клупи за сопствениците, како и специјални канти наменети за отпад од милениците.
„Многу од нашите сограѓани имаат домашни миленици, но во зависност од нивниот простор на живеење досега немале можност да имаат огранизиран простор, каде што ќе ги носат своите миленици. Придобивката е двојна бидејќи милениците имаат каде да се растрчаат и да имаат свои активности, а од друга страна, со самата ограденост, заштитени се другите граѓани. По согледувањата на граѓаните, барање за ваков простор постои и во горниот дел од градот, во Нова Битола. Идејата е добра и ќе даде можност повеќе бидејќи оддалеченоста од оваа локација е голема“, истакна битолската градоначалничка Наташа Петровска.
Паралелно со акцијата за поставување на паркот, ЈП „Комуналец“ обезбеди дополнително осветление на овој простор со цел граѓаните да може да остануваат и подоцна во вечерните часови.
„Би сакал да укажам на правилата што се запишани на поставените табли на двата влеза, да се чува инвентарот, а отпадот од кучињата граѓаните да си го ставаат во кантите за таа намена за да можеме паркот да го одржуваме во добра кондиција“, истакна директорот на ЈП „Комуналец“, Панде Богоевски.
Бранко Тасевски, вработен во ЈП „Комуналец“ и претседател на битолското Кинолошко друштво, посочи дека Битола е трет град во државата кој има специјален парк наменет за домашните миленици – кучињата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сиљановска Давкова: Не сум се фотографирала со восочни фигури на Доналд и Меланија Трамп

Фотографијата објавена на моите официјални профили на социјалните мрежи, на којашто сум заедно со претседателот на САД, Доналд Трамп, е автентична и направена во Њујорк за време на свечениот традиционален прием организиран од претседателот Трамп и неговата сопруга, Меланија Трамп, реагираше претседателката на државата Гордана Сиљановска – Давкова.
– Написите на одредени медиуми дека станува збор за фотографија со восочна фигура се целосно неточни, злонамерни и со јасна тенденција за дискредитација, вели таа.
Сиљановска – Давкова упати апел до медиумите за професионално, одговорно и чесно информирање на јавноста, со почитување на вистината како највисок демократски принцип.
Македонија
Денес дожд и температура од 13 до 21 степен

Времето во текот на денот се очекува да биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни, проследени со ретки грмежи.
Според синоптичарите, ќе дува слаб со умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 15, а максималната ќе достигне од 13 до 21 степен Целзиусов.
Во Скопје, се очекува претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Според најавите, ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 19 степени Целзиусови.
Локални врнежи од дожд се најавени и за утре, а потоа во следните два дена да биде претежно стабилно.
Од четврток се очекува нов влажен и постуден бран со пообилни врнежи од дожд и со значително опаѓање на температурата.