Македонија
(Видео) Ѓорчев: Кенија, Руанда, Судан, Гамбија и Сенегал набавија вакцини, фијаско на Заев и Филипче

Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ ги обвини премиерот Зоран Заев и министерот за здравство, Венко Филипче, за фијаско со набавката на вакцини и побара оставка од нив.
„Со набавката на вакцини се случува дебакл и фијаско. За една година, за една цела година колку што имаа можност да нарачаат и да набават вакцини, тие само добија една кутија милостина со просење, и ништо повеќе. Ќе ви прочитам неколку примери од земји кои што вчера добија огромни количини на вакцини. Еве ги примерите: Вчера Кенија доби еден милион вакцини од „АстраЗенека“, Руанда 340.000 вакцини, Судан 800.000, Гамбија 36.000 вакцини, Сенегал 324.000 вакцини. Пред неколку дена Молдавија доби 21.000 вакцини од ЕУ“, рече Ѓорчев.
Тој обвини дека владата на Зоран Заев и Венко Филипче не добила ништо.
„Одговорноста е голема, одговорноста ја плаќаат граѓаните со животи. Секој ден во Македонија се умира, а веќе имаме и ситуација каде што 10-15 животи дневно, 10-15 човечки души, 10-15 семејства веќе речиси и да не се вест за Зоран Заев и неговите министри. Тоа е неподнослива леснотија на умирањето. Од тие причини веднаш и час поскоро треба да си поднесат оставка. Ова што се случува со вакцините во Македонија, со немањето на имунизација е катастрофа, дебакл и фијаско кое што секој ден граѓаните на Македонија го плаќаат со изгубени животи“, рече Ѓорчев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Петмина добија труење од храна откако јаделе во сендвичарница во Штип

Пет лица пријавиле симптоми на труење со храна по јадење сендвичи со пилешки стек во сендвичарница–киоск во Штип, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Објектот е веднаш затворен до добивање на резултатите од лабораториските тестирања.
Случајот бил пријавен од Центарот за јавно здравје Штип, по што инспекторите на АХВ извршиле вонреден инспекциски надзор кај операторот со храна.
Земени се примероци од инкриминираната храна и брисеви од работните површини. Објектот е времено затворен сè додека не се потврди неговата безбедност со лабораториските резултати – велат од АХВ.
Граѓаните кои се пожалиле на симптоми на труење побарале медицинска помош, а здравствените служби го следат нивното здравствено состојба.
Од Агенцијата нагласуваат дека инспекциските служби ќе продолжат со контроли за да се обезбеди заштита на потрошувачите и превенција на слични случаи.
Македонија
Се бара притвор за одгледувачот на домашен канабис

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Во домот на осомничениот 50-годишник во селото Страчинци, полицијата пронашла 3 откорнати растенија и 99 пресечени, превиткани и исушени гранчиња канабис, како и 41,4 грама марихуана.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Македонија
Најмногу дожд во изминатото деноноќие во Тетово, Претор и Куманово

Најмногу дожд во изминатите 24 часа до 08:00 часот се наврнати во Тетово – 19 литри на метар квадратен, потоа во Претор 11 и Куманово 10, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Потоа следи Пожаране со 9 литри на метар квадратен, 8 во Попова Шапка, по 6 во Крушево и Маврови Анови, 5 во Битола, по 4 во Крива Паланка и Лазарополе, по 3 во Скопје-Зајчев Рид, Велес и Охрид, 2 во Прилеп и еден литар на метар квадратен во Тополчани.
Во текот на денот не очекува претежно облачно со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни (над 20 l/m²), проследени со ретки грмежи. Ќе дува слаб со умерен ветер претежно од југоисточен правец, поизразен долж Повардарието.
Најниска температура утрово е измерена на Попова Шапка – шест степени Целзиусови. Во Берово, Крушево и Маврови Анови по 9, 10 во Лазарополе, по 11 во Крива Паланка и Претор, по 12 во Охрид, Прилеп и Струмица, по 13 во Тетово, Битола, Виница и Куманово, по 14 во Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид и Велес, по 15 во Штип, Демир Капија, Кавадарци и Гевгелија.