Македонија
(Видео) Мисајловски до Заев: Пактови со мафија не правиме
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски на прес-конференција изјави дека Владата на Заев е разнишана, а за тоа најдобар показател била неговата провидна игра и предлогот за широка Влада, во која, како што вели, Заев ќе одбирал кој ќе раководи со ВМРО-ДПМНЕ.
„ Зоран Заев, по криминални и украдени избори, по злоупотреба на вонредна состојба, по извршен масовен поткуп, по притисоци, закани, уцени, по менување изборен законик на пет минути пред почеток на изборна кампања, во услови на пандемија, карантин, поделени пакети, по задолжувањето на државата за повеќе од една милијарда евра, јавни дава некаква понуда за заедничка влада.
Овој негов предлог може единствено да се толкува како сламка на спас на кариерата на Зоран Заев и неколку луѓе околу него. Предлогот за влада дојде само три дена откако лажно се храбреа со тенкото мнозинство, а веќе следниот ден немаше кворум за работа во Собранието“ изјави Мисајловски.
Тој додаде дека од вештачката радост за наводното стабилно мнозинство во Собранието, за три дена стигнала понуда за широка влада зошто Заев знае дека владата е на стаклени нозе и не може да функционира.
„ И Заев и СДСМ и сета јавност треба да знаат дека пактови со мафија нема, ниту пак ќе поддржиме. Прво ќе ве поразиме, а потоа ќе следува одговорност. ВМРО-ДПМНЕ единствено му должи на македонскиот народ, на граѓаните на Македонија, на активистите, симпатизерите што покажаа единство, цврстина, борба, жар, карактер, пркос, инает и пред се желба за подобра Македонија. И затоа се ќе сториме ним да им се оддолжиме и сите заедно да направиме влада која ќе биде сервис на граѓаните. Влада која ќе биде од народот за народот и никако поинаку“ рече тој.
Мисајловски ѝ порача на власта дека ако мислат дека има најмали шанси за пакт тоа нема да се случи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.

