Македонија
Лекарска комора: Ковид може да предизвика сериозни стомачни крварења, да не се занемарат симптомите
Пациенти кои имаат инфекција со SARS-CoV-2 вирусот може да развијат сериозни компликации на гастроинтестиналниот систем кои во некои случаи се манифестираат и со обилни крварења или со акутно воспаление на панкреасот. Затоа е потребно лекарите да бидат внимателни и да не ги потценуваат или занемаруваат раните и благи гастроинтестинални симптоми.
Ова се главните препораки од деветтата онлајн дебата која ја организираше Лекарката комора со цел овозможување на подобра комуникација и размена на искуства меѓу здравствените професионалци за лекувањето на пациентите инфицирани со вирусот кој веќе една година го држи светот во пандемија.
Научен соработник д-р Дафина Николова од Универзитетската Клиника за гастроентерохепатологија објасни дека најчест гастроинтестинален симптом кој го добиваат пациентите е дијареја која се јавува кај 30% од инфицираните, а потоа следува губење на апетитот кај 26.8% од пациентите. Пациентите чувствуваат и гадење и/или повраќање (3.9-10.1%), како и абдоминална болка/дискомфорт (1.1-2.2%).
Таа потенцираше дека кај болните кои имаат само гастроинтестинални симптоми често е одложено дијагностицирањето на Ковид-19, што ги прави овие пациенти извор за расејување на вирусот.
„ Потребно е високо ниво на свесност кај клиничарите, бидејќи овие пациенти се хоспитализираат во не-КОВИД центри што може да претставува опасност за останатите пациенти и персоналот. Лекарите треба да бидат внимателни и да не ги потценуваат или занемаруваат раните и благи гастроинтестинални симптоми и да се сомневаат на можна Ковид-19 инфекција, дури и кај пациенти со претходна постоечка гастроинтестиналнa болест“, истакна Николова.
Пациентите со воспалителни цревни болести, иако имаат повеќе рецептори за поврзување со вирусот, сепак имаат еднакви шанси како и општата популација за инфекција.
“Потребен е индивидуален пристап кај секој пациент, а пациентите кои имаат влошување на цревните симптоми, потребно е најпрво да се тестираат за SARS-CoV-2 вирусот, за да се разграничи дали станува збор за Ковид-19 инфекција манифестирана само со гастроинтестинални симптоми или пак за влошување на воспалителнита цревна болест. Во однос на нивната хронична терапија во случај на инфекција со коронавирусот постојат прецизни препораки кои треба да се применуваат во консултација со лекар“, изјави д-р Николова.
Во однос на вакцинацијата на пациенти со воспалителни цревни заболувања генерална препорака е дека пациентите треба да се вакцинираат кога ќе имаат прилика за тоа. Одложување на примањето на вакцина треба да се направи само ако болеста е во фаза на влошување. Употребата на имуносупресивна терапија не треба да ја одложи вакцинација, туку пациентот треба да се вакцинира кога прима најмала доза на системски кортикостероиди. Може да се прими било кој тип на вакцина во две дози. Вакцинација се препорачува и кај пациентите кои биле инфицирани со Ковид 19 и тоа 4 недели по почеток на симптоми или 4 недели по позитивен PCR кај асимптоматски пациенти.
Претседателот на Лекарската комора, проф. д-р Калина Гривчева-Старделова, потенцираше дека во третманот на пациентите со Ковид-19 се забележани случаи на обилни крварења во гастроинтестиналниот систем и кај пациентите кои немале претходно заболување.
„ Имавме случај на 17 годишна пациентка со обилно крварење од ректумот, која на клиниката беше донесена во многу тешка состојба со потреба веднаш да се даде трансфузија на крв. Пациентката добро реагираше на лекувањето и крварењето беше запрено. Вакви случаи на гастраинтестинални крварења сè почесто сретнуваме, без наод на видлива причина за крвозагуба, па се смета дека крварењето настанува како последица на Ковид-19 вирусот и примената терапија за негово лекување, пред се антикоагулантана терапија“, објасни проф. д-р Гривчева Старделова.
Д-р Владимир Аврамовски од Клиниката за гастроентерохепатологија појасни дека болеста се јавува во три фази и во секоја може да се јават различни гастроинтестинални манифестации.
„ Лекарите мора да ги разликуваат фазите на болеста и точно да одредат пациентот во кој стадиум се наоѓа за да може да донесат правилна одлука за тоа која терапија е најадекватна. При одредувањето на терапијата мора да се има предвид и ризик стратификацијата според различни критериуми, како што се возраста, гојазност или присуството на други заболувања “, изјави д-р Аврамовски.
До скоро немало докази дека корона вирусот може директно да ги инфицира клетките на панкреасот, но поновите студии докажале дека тоа е можно и треба да се внимава.
„ Она што е важно е дека секогаш пред да се постави дијагноза за акутен панкреатит предизвикан од SARS-CoV-2 неопходно е да се исклучат сите други можни причини и доколку има основ за друга генеза на акутниот панкреатит, се смета дека инфекцијата со SARS-CoV-2 не е причинител, туку e коегзистирачка”, објасни д-р Аврамовски.
Во дискусијата лекарите опишаа и случај на млада родилка која во текот на инфекцијата со Ковид-19 добила сериозно воспаление на панкреасот, по што се утврдило дека причината била блокада на жолчните канали, а не директно SARS-CoV-2 вирусот. Пациентката била успешно излекувана со заеднички пристап на специјалистите од клиниките за гастроентерохепатологија и за инфективни болести.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

