Македонија
Таравари: Денес почитувајте ги наставниците за утре да бидете горди на вашите деца

Коалицијата Алијансата за Албанците и Алтернатива ги повикува сите државни институции коишто имаат одговорност за раководење на условите на наставниците, Министерството за Образование и сѐ што е во состав на министерството, да ги тргнат рацете на партијата и преференциите на власта од училиштата и наставниците.
Според нив, наставниците треба да поседуваат апсолутна автономија во интелектуалниот и педагошкиот третман на учениците. Сметаат дека платите на наставниците треба да бидат повисоки, бидејќи, како што велат, тие имаат посебно место во општеството, место за кое благодарноста трае цел живот.
„ Ништо не е поитно од консолидирањето на еден добар образовен систем. Образованието е во опасност, ова е аларм којшто не може да се реши со никаква вакцина ако државата не интервенира.
Сигурни сме дека на овој наш повик се придружуваат стотици и илјади родители кои независно од јазикот, религијата или нацијата се сите посветени за промена на статусот на наставниците, на коишто треба да им се врати нарушеното достоинство….Денес почитувајте ги наставниците за утре да бидете горди на вашите деца!“ рече Таравари на прес-конференција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Левица: Љутков ги повикал сметководителите надвор од работно време да изготвуваат плата спротивно на Колективниот договор

По денешниот протест на вработените во културните установи, кои за велигденските празници останаа без плата, попладнево им била дадена насока на директорите од културните установи да ги повикаат повторно на работа сметководителите за да пресметаат плата, но по нова методологија која деновиве ја изготвило Министерството за култура заедно со Министерството за финансии, тврдат од партијата Левица.
Од таму додаваат дека новата методологија, како што велат од Синдикатот за култура, не е според Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура. Според Левица, и натаму остануваат спорни 10% од Општиот колективен договор за кои немало јасни насоки како да се пресметуваат.
„Додека вработените во културата протестираа, Министерството изготви сосема нов начин на исплата на платите според кој спорните 10% од Општиот колективен договор треба да се пресметуваат на поинаков начин, но институциите не почнале да ја изготвуваат платата затоа што насоките биле нејасни, а воедно не биле ни потпишани од министерот за култура, Зоран Љутков“, велат од партијата.
Левица најостро ги осудува игрите со културните работници кои траат со години и му порачува на министерот за култура дека не треба да им се извинува на вработените во културата туку да постапи според законските одредби за усогласување на платата според Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура.
Македонија
Времето утре претпладне сончево, попладне пороен дожд и грмежи

Времето утре претпладне ќе биде сончево со умерена облачност. Попладне променливо облачно, на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, засилен ветер и изолирана појава на град, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне во делови од котлината ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса во текот на оваа седмица времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд и појава на грмежи. Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град.
Македонија
Судот ја одби гаранцијата од милион евра на Асмир Јахоски

Судот ја одби гаранцијата од еден милион евра на бизнисменот Асмир Јахоски, осомничен за перење пари, во замена да биде пуштен од притвор.
„Кривичниот совет на одделението за гонење организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на А.Ј., осомничен за перење пари и други приноси од казниво дело, поднесен преку неговиот бранител, за замена на мерката притвор со гаранција, по одржана седница и извршен увид во целокупните списи на предметот, донесе решение со кое предлогот на осомничениот се одбива како неоснован“, соопшти Кривичниот суд.
Имено, судот, ценејќи ги сите околности поврзани со истрагата, и покрај даденото позитивно мислење на јавниот обвинител, смета дека во овој момент сe уште постојат околностите за постоење на определената мерка притвор односно околности кои укажуваат дека може да ја попречи истрагата со влијание на сведоците како и дека може да сокрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело, од причина што истражната постапка сеуште е во тек и сеуште се преземаат други истражни дејствија за прибирање докази.
Против ова решение странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје во рок од 3 дена од приемот на истото.