Македонија
Променливо облачно време со температура до 15 степени

Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаба магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и на места ќе има услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 3, а максималната од 10 до 15 степени.
Во Скопје, претпладне со слаба магла, а во текот на денот променливо облачно со слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Во вторник и в среда ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, а на планините и на некои повисоки места со повремен снег. Пообилни врнежи се очекуваат во северните делови од земјата. Потоа следува период на стабилно и потопло време.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Алиу: Лекарите по семејна медицина имаат суштинско значење во системот

Министерот за здравство, Азир Алиу денеска одржа работна средба со претседателот на Здружението на лекари по семејна медицина (ЗЛОМ), д-р Драган Ѓоргиевски и со претставници од Здружението, на која се разговараше за повеќе актуелни теми, со фокус на унапредување на електронското здравство и можностите за укинување на хартиениот картон.
„Лекарите по семејна медицина имаат суштинско значење за превенција, рано откривање на болестите и континуирано следење на здравјето на пациентите. На денешната средба разговаравме за различните начини за стимулирање на семејните лекари за отворање нови ординации, како и за континуирана здравствена заштита во помалите населени места. Во таа насока интензивно работиме на промени на 12 закони, меѓу кои и дигитализација и надградба на националниот систем МојТермин, со цел унапредување на здравствениот систем и оптимизација на здравството во Македонија“, истакна министерот Алиу.
Македонија
За да нема одење на партиски митинзи со службени возила, Владата апелира сите институции што не го почитуваа рокот 18 август да поднесат пријави

Непослушните државни институции, кои до 18 август не ги пријавија службените возила, денес од Владата добија уште еден апел да го сторат тоа. Државната комисија за спречување корупција се пожали дека иако институциите располагаат со 6.500 возила, во дадениот рок се пријавени помалку од една третина од возилата, односно само 1.916 службени возила со кои располагаат.
„Јас ја видов оваа вест од Државната комисија за спречување корупција и еве како портпарол на Владата апелирам до сите институции да го поднесат бројот на службените возила. Веќе е донесена и одлука на седница на Владата дека рокот за поставување на регистарските таблички во боја е до 15 септември. И тоа ќе го завршиме сè во насока на тоа да нема повеќе злоупотреби на службени возила за цели што се надвор од службените“, рече портпаролката на Владата, Марија Митева.
Сите институции што користат државни службени возила имаа рок до 18 август да со пријават колку возила располагаат, од која марка, која година на производство се и да го пријават регистарскиот број на секое возило.
Државната комисија за спречување корупција во рок од 15 дена по истекот на рокот за пријавување на службените возила може да поднесе прекршочна пријават против непослушните институции.
Од институциите беше побарано да ги пријават служените возила за да се спречат злоупотреби во пресрет на локалните избори откога вицепремиерите Изет Меџити и Арбен Фетаи беа фотографирани како околу полноќ ги паркираат службените возила пред деловно-трговскиот центар „Мавровка“. Тие јавно не дадоа објаснување на каков состанок биле иако и премиерот Христијан Мицкоски рече дека лично ќе ги праша дали користеле службени возила за приватни или за партиски цели. Возилата на вицепремиерите беа паркирани во близина на партиски штаб на „Вреди“ од кај што доаѓаат и двајцата.
За полесно да може граѓаните да пријават злоупотреби, до 15 септември сите службени возила треба да добијат таблички во боја.
Македонија
(Видео) Митева: Од 8 активни меѓународни арбитражи, оваа Влада успешно заврши 3 во полза на Македонија

Од осум активни меѓународни арбитражи оваа Влада успешно заврши три во полза на Македонија, соопшти портпаролката на Владата, Марија Митева.
„По вчерашната информација дека Македонија го доби случајот познат како Казандол и заштеди 115 милиони евра, пари на граѓаните, цениме дека јавноста има потреба да ги знае работите, кои во согласност со класификацијата на доверливост може да се споделат во јавноста. Оваа победа не е само правен успех, туку јасна порака дека државата може да ги брани своите интереси кога настапува организирано, со посветеност и со сериозна работа“, рече Митева.
За обвинувањата од СДСМ дека оваа арбитражна постапка била добиена и завршена уште во 2023 година кога тие биле дел од Владата, Митева побара, прво, да одговорат зошто во 2023 во првата половина од април во Виена се водени преговори за можна спогодба со Казандол помеѓу претставници од владата и претставници од страна на тужителите и, второ, зошто тогаш оваа влада носи одлука и зазема став да ја одбие предложената спогодба?
„Генералната состојба е следна – со доаѓањето на новата Влада во јуни 2024, таа наследи 8 активни меѓународни арбитражни постапки, што претставува рекорден број активни арбитражни постапки во даден момент, од кои 3 постапки беа инвестициски спора 5 трговски, како и најава со опомени пред тужби за најмалку уште 4 постапки. Во сите активни арбитражни постапки потенцијалната штета за буџетот на државата беше во износи од 865 милиони евра плус трошоци во постапките“, рече Митева.
Таа праша зошто токму во периодот на претходната влада биле отворени толку многу меѓународни спорови, дали всушност се создавал терен за вонсудско решавање на споровите и начин за испумпување пари од буџетот на граѓаните.
Митева рече дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ има успешно завршено вкупно 3 арбитражни постапки во полза на Македонија и е направена заштеда на буџетот во износ од речиси 565 милиони евра и дополнително за овие 14 месеци нема нови отворени постапки.
Постапките што се завршени се арбитражна постапка, позната како „Казандол против Македонија“, со вредност од речиси 115 милиони евра, арбитражна постапка, позната како „САСА против Македонија“, со вредност од 445 милиони евра и арбитражна постапка „ГАМА против Македонија“, со вредност од над 5 милиони евра.