Економија
Центар за граѓански комуникации: Некои општини не наплатуваат данок на имот

Општините просечно наплатуваат по 81 % од пресметаниот данок на имот, половина од парите од данок на имот се прибираат од Скопје, информираат од Центарот за граѓански комуникации.
Во нивните податоци од истражувањето за пресметан и наплатен данок на имот за сите општини за 2017, 2018 и 2019 година, стои дека сите општини заедно, просечно годишно наплатуваат по 1,3 милијарди денари, односно 21 милион евра за данок на имот од граѓаните и од фирмите. Просечната годишна наплата на овој данок се движи околу 81 процент.
Според податоците од центарот, значително поголем дел од данокот на имот се прибира од граѓаните, 70 %, додека од правните лица, односно од фирмите се прибираат останатите 30 %. Со тоа и успешноста во наплатата е поголема кај граѓаните и изнесува 85 %, а кај фирмите се наплатува по 78 % од пресметаниот данок, информираат од оваа институција.
Во анализираните три години, односно 2017, 2018 и 2019 година постои зголемување на износот на наплатен данок на имот. Сепак, за разлика од 2018 година кога порастот во однос на претходната година бил 12,5 %, во следната 2019 порастот бил само 2,5 %.
„Најголеми приходи од данок на имот има скопската општина Центар, по околу 2,3 милиони евра годишно, а најмали, односно беа приходи по оваа основа е општина Арачиново, која не ни наплатува ваков данок, бидејќи нема база на податоци на даночни обврзници, ниту има формирано даночно одделение, поради што и не издава даночни решенија“, известуваат од Центарот.
Според нив, најуспешни во наплатата на овој данок се Росоман и Ресен, најмалку успешни Студеничани и Маврово и Ростуше. По региони, највисок процент на наплата на овој данок има кај општините од Вардарскиот Регион, а најнизок од Полошкиот Регион.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Исплатени 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица за предадени јаболка

Денеска се исплатија 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица од подмерка 1.9 за јаболка предадени кај регистрирани откупувачи или регистрирани преработувачки капацитети, од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година, извести Министерството за земјоделство.
Од таму најавуваат дека продолжува поддршката кон производителите на јаболка.
Економија
УЈП со повик: Платете го веднаш достасаниот данок по ДЛД-ГДП и избегнете присилна наплата

Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници, кои во законскиот рок не ја платиле даночната обврска по ДЛД-ГДП 2024, да го исполнат својот даночен долг.
Во согласност со евиденцијата на УЈП, 3.155 даночни обврзници ја немаат намирено разликата за доплата на данокот на личен доход утврдена во годишната даночна пријава за данокот на личен доход (ДЛД-ГДП) за 2024 година, што требаше да се исполни во законскиот рок до 30 јуни.
„Во следниот период УЈП ќе премине кон опоменување и присилна наплата на достасаните неплатени долгови по овој основ, што ќе доведе до дополнителни трошоци по основ на камата за задоцнето плаќање од 0,03 % дневно и еднократна посебна такса во постапка на присилна наплата“, информира УЈП.
Дополнителни информации се објавени на страницата на УЈП, во делот плаќање даноци на следниот линк http://www.ujp.gov.mk/mk/plakjanje.
Економија
Меџити: Поддршка со 227 милиони денари за 43 проекти во 33 општини

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска ги потпиша договорите за реализација на 43 капитални проекти во 33 општини во државата.
За овие проекти се обезбедени над 227 милиони денари директна финансиска поддршка од Министерството, со што се овозможува имплементација на конкретни решенија во областа на канализацијата, водоснабдувањето и управувањето со водните ресурси.
„Убеден сум дека ова е најправилниот и најефикасен модел на соработка – директно партнерство меѓу Владата и општините, со цел да им донесеме на граѓаните конкретни придобивки“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
Тој исто така ја потенцира важноста од навремената и квалитетна реализација повикувајќи на одговорност и посветеност од страна на сите општини.
„Немаме време за губење. Секој ден што ќе го добиеме во овој процес е еден ден повеќе во служба на граѓаните“, изјави Меџити нагласувајќи дека преку ова партнерство се поставуваат нови стандарди во справувањето со инфраструктурните и еколошките предизвици.