Свет
Почнува судењето за убиството на Џорџ Флојд, судот во проблеми со изборот на поротници
Судењето на поранешниот полицаец од Минеаполис Дерек Човин во врска со смртта на Џорџ Флојд започнува денеска по комплексен процес за избор на поротници.
Судијата посветил три недели само за да избере поротници, знаејќи за потенцијалните потешкотии во наоѓањето на непристрасни жители од Минеаполис во случајот што ја подели државата и чија жртва Џорџ Флојд стана меѓународен симбол во борбата за расна праведност.
Лани судот испратил прашалник на 16 страници до потенцијалните поротници, испитувајќи го нивното знаење за случајот со Флојд, кој почина на 25 мај минатата година, при апсењето пред продавница.
Прашалникот содржел прашања од типот „дали ги видовте снимките од неговата смрт“, „дали учествувавте во протестите што следуваа“ или „што мислите за движењето „Црните животи вредат (BLM)“ .
Смртта на Флојд беше снимена со мобилен телефон од страна на девојка која минувала на местото, а на снимката се гледа како Човин со коленото го притиска вратот на Флојд, речиси девет минути, додека 46-годишникот вели дека не може да дише.

Снимката се прошири на интернет за неколку часа и доведе до едни најмасовните протести во американската историја.
Се очекува адвокатите на Човин да го оспорат изборот на поротници кои го поддржуваат движењето против системскиот расизам.
Одбраната на Човин петнаесет пати може да го отфрли изборот на некој поротник без да ја образложува причината за тоа, а обвинителите може да го сторат тоа девет пати. Ако која било од страните се сомнева дека член на поротата е разрешен поради раса, етничка припадност или пол, тие можат да побараат од судијата да се произнесе поинаку.
Дел од правните експерти се загрижени дека нема да има црнци меѓу конечните 12 поротници и четири замени и дека ова може да ја наруши довербата на јавноста во пресудата. Околу една петтина од жителите на Минеаполис се црнци.
„Потребна ни е порота која ќе го претставува спектарот на ставови и мислења и демографските карактеристики на нашата заедница“, рече Валери Ханс, професорка по право на Универзитетот Корнел.
„Треба да бидат вклучени и луѓе кои можеби биле на протест или имаат различни ставови во врска со некои од прашањата“, додава таа.
На Човин му се заканува затворска казна од 40 години, а од страв од протести ќе му се суди во добро заштитена судница. Неговите адвокати тврдат дека во справувањето со Флојд, тој ги користел методите што ги научил за време на полициските обуки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се откажуваат летови до Израел и други земји од Блискиот Исток
Германската авиокомпанија „Луфтханза“ ги суспендира летовите до и од Тел Авив, Бејрут и Оман до 7 март, откако САД и Израел извршија напади врз Иран, изјави денеска портпаролот на авиокомпанијата.
Тој додаде дека компанијата ги суспендира и летовите до и од Дубаи денеска и утре.
„Ер Франс“ исто така ги откажа летовите до и од Тел Авив и Бејрут што беа закажани за денеска.
Според холандска новинска агенција, „КЛМ“ откажа лет од Амстердам до Тел Авив по нападите во Иран.
„Виз Ер“ исто така ги суспендираше сите летови до и од Израел, Дубаи, Абу Даби и Аман до 7 март, соопшти компанијата.
Во соопштението се вели дека авиокомпанијата внимателно ја следи ситуацијата и е во постојан контакт со локалните и меѓународните власти, агенциите за безбедност на воздушниот сообраќај, безбедносните власти и надлежните владини институции.
Додадено е дека оперативните одлуки ќе продолжат да се разгледуваат и дека распоредите на летовите би можеле да се прилагодуваат како што се развива ситуацијата.
Ер Арабија, исто така, ги откажа летовите до Иран, Ирак и други делови од регионот.
Шпанската авиокомпанија Иберија Експрес, исто така, го откажа летот до Тел Авив, кој беше закажан за денеска во 17 часот по локално време.
Ирак, Катар и Кувајт, како и Обединетите Арапски Емирати денеска го затворија својот воздушен простор.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац претходно денеска изјави дека Израел започнал превентивен напад врз Иран за да ги отстрани заканите за безбедноста на земјата и дека е прогласена вонредна состојба низ целата земја.
Извор потврди за Си-Ен-Ен дека израелскиот напад врз Иран утрово бил координиран со САД.
Американските претставници изјавија дека очекуваат нападот врз Иран да биде „далеку пообемен“ од американските напади минатиот јуни врз иранските нуклеарни постројки.
Американските напади врз Иран се извршуваат од воздух и од море, изјави американски претставник.
Свет
Операцијата во Иран наречена „Епски гнев“
Пентагон денеска објави дека американските напади врз Иран се нарекуваат операција „Епски гнев“.
Претходно денеска, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД го напаѓаат Иран и ги наведе причините за таквата одлука.
Израел, исто така, објави дека го напаѓа Иран, а израелскиот министер за одбрана Израел Кац и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, исто така, ги наведоа причините за нивниот потег.
Регион
Спречен шверц на 350 килограми марихуана на албанско-грчката граница
На граничниот премин „Какавија” на албанско-грчката граница, кај Ѓирокастро, спречен е шверц на 350 килограми марихуана, која требала да заврши на грчкиот нарко пазар.
„Денеска околу 6:30 часот, при скенерска проверка на празно возило на излез од царинската испостава Какавија, забележана е двојна шасија, каде што била сместена сомнителна количина на наркотична супстанца „канабис сатива“, соопшти албанската полиција.
Се додава дека царинските службеници го пуштиле возилото на физички преглед, заедно со полициските сили, при што биле откриени 166 пакети од по 2,1 килограма марихуана или вкупно 350 килограми.
Ова е прв случај откриен годинава со толкава количина марихуана на овој премин во јужниот дел на Албанија.

