Македонија
Облачно време со врнежи од дожд и од снег
Времето ќе биде претежно облачно, на југ со сончеви периоди, а со повремен дожд претежно во северните делови од земјата. На планините врнежите ќе бидат од снег, а повремен снег ќе има понекаде и на повисоките места.
Во северните делови ќе дува слаб до умерен северен ветер, а слаб јужен во јужните делови од земјата. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 5, а максималната од 6 до 11 степени.
Во Скопје претежно облачно со повремен дожд, особено попладне. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Денеска и утре ќе преовладува променливо облачно време и особено на северозападот со повремени врнежи од дожд, а на планините и на некои повисоки места со повремен снег. Преку ноќта кон среда и в среда во северните делови на планините ќе се формира дополнителна снежна покривка, а мала снежна покривка ќе се формира и понекаде на повисоките места.
Од овој влажен бран врнежите ќе бидат пообилни на западот (над 25 л/24 ч), особено во ноќта кон среда и в среда претпладне кога во републиката ќе почне да дува и повремено силен северозападен ветер (над 65 км/час). Потоа следува период на стабилно и сè потопло време.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова од Подгорица: Време е за стратешки чекор на ЕУ кон Западниот Балкан
Време е за стратешки чекор на ЕУ кон Западниот Балкан. По долгата, па и маратонска евроинтеграција, заедничката географија, историја и култура треба да се заокружат со отворање на вратите за членство на балканските држави, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на Балканскиот форум за интеграција 2025, во Црна Гора.
Таа укажа дека пристапувањето мора да биде кредибилен процес заснован единствено на Копенхагенските критериуми, а Унијата мора да ги брани своите принципи и вредности. Двојните стандарди го комплицираат процесот и не смеат да се уважуваат.

Според неа, членството во ЕУ е најдобриот начин за отпорност на регионот на трети центри на моќ.

Сиљановска-Давкова нагласи дека во регионални рамки го надминуваме просекот на усогласеност со европското законодавство во сите шест кластери, стопроцентно сме усогласени со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и заслужуваме да бидеме охрабрени и да добиеме шанса за почеток на преговори.

Во дискусијата „Претседателите за ЕУ интеграциите – Имаме ли план?“, со којашто модерираше претседателот на Европското движење во Црна Гора, Момчило Радуловиќ, учествуваше и црногорскиот претседател, Јаков Милатовиќ.

Учесниците се заложија дека земјите на Западен Балкан мора стратешки и усогласено да пристапат кон справувањето со феноменот на „одливот на мозоци“.
Македонија
Управата за јавни приходи со свечен настан по повод Денот на даночниците „Свети Матеј“
УЈП продолжува со заложбите за целосна дигитална трансформација, усогласени со принципите на професионалност, транспарентност и доверба.
На свечениот настан присуствуваа Претседателот на Владата на Република Македонија проф. Д-р Христијан Мицкоски, високи владини претставници, пратеници од Собранието на Република Македонија, претставници на дипломатскиот кор, меѓународни и домашни организации, институции со кои УЈП соработува, како и претставници на бизнис заедницата и медиумите. Нивното присуство ја потврди важноста на даночната администрација како столб на економската стабилност и доверба, и ја нагласи поддршката за процесите на модернизација и дигитална трансформација што ги спроведува Управата за јавни приходи.
На настанот свое обраќање имаше директорката на УЈП, м-р Елена Петрова, која пред присутните ги истакна постигнатите резултати и напредокот во клучните сегменти на даночната управа.

Во излагањето директорката Петрова нагласи: „Денес, во Управата за јавни приходи, нашата задача е јасна и одговорна да обезбедиме фер и ефикасна наплата на даноците, придонесите и другите јавни давачки. Тоа го постигнуваме преку едноставни и транспарентни постапки и услуги, и преку постојана поддршка за граѓаните и компаниите за точно и навремено исполнување на нивните обврски.“
„Навременото поднесување на даночните пријави – првиот предуслов за успешна наплата бележи континуиран раст. Навременото плаќање на даночните обврски, како основа на стабилен систем, е во постојано зголемување. До септември 2025 година утврдени се 64 милиони евра дополнителен данок, што претставува раст од над 70% во однос на претходната година.“
Директорката ги посочи и значајните технолошки и инфраструктурни инвестиции во инфраструктура и современа опрема во висина од 2,6 милиони евра, вклучувајќи ја и најголемата набавка во историјата на УЈП од 1,8 милиони евра, со што се обезбедува поголема стабилност и сигурност на системите. „Во финална фаза е подготовката на новиот интегриран систем „е-УЈП“ и системот за е-фактура, кои ќе донесат подобра стабилност, побрзи услуги, поефикасни процеси и посилно управување со ризици.“ – рече директорката на УЈП м-р Елена Петрова.

Додаде и дека позитивен тренд има и кај навременото поднесување на ДДВ пријавите, кое за периодот јануари – септември 2025 година изнесува 95% и навременото плаќање на ДДВ кое во првите десет месеци достигнува 81%. Преку Инфо-линијата обработени се над 20.000 прашања и барања за техничка поддршка од даночни обврзници, издадени се 500 писмени мислења и одговори за примена на даночната регулатива во конкретни ситуации и за прв пат на веб-страницата на УЈП се објавени 260 деперсонализирани прашања и одговори – иницијатива која доби висока поддршка и позитивен прием од асоцијациите на даночните обврзници и стручната јавност.
Поздравно обраќање на настанот имаше и Претседателот на Владата, проф. д-р. Христијан Мицкоски, кој истакна дека денешниот ден не е само професионален празник, тоа е ден кога треба да говориме за дисциплината, знаењето, моралот и професионалноста. Јавните приходи не се бројки – тие се плати на наставници и доктори, патишта, функционално здравство и социјална сигурност за секој граѓанин.

Премиерот ги презентираше и позитивните резултати: од јануари до октомври 2025 година, нето наплатата на даноци и социјални придонеси достигна 3,6 милијарди евра, што е 260 милиони евра повеќе во однос на истиот период минатата година. Растот на даноците и социјалните придонеси се јасен сигнал дека економијата расте, компаниите работат, платите се зголемуваат и довербата меѓу државата и бизнисот е зајакната.
По завршување на официјалниот дел на настанот од страна на високиот менаџмент беше потпишана Декларација за етичко однесување, како симболична, но и суштинска потврда за заложбата на вработените кон интегритет, одговорност и транспарентност. Овој чин е потврда дека етиката не е само документ, туку заложба, одлука и насока по која заедно чекориме.
Македонија
Викендов променливо облачно време, на повисоките места слаб снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. На планините и на повисоките места ќе провејува слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 5, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Во недела во утринските часови на планините и на повисоките места ќе провејува слаб снег. Од понеделник времето ќе биде стабилно со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст. По одделни котлини ќе има појава на магла со пониска дневна температура.
фото: епа

