Свет
ЕУ ја дефинира содржината на ковид-пасошот

Дефинирана е содржината на сертификатот за вакцинација, односно ковид-пасошот на ниво на Европската Унија.
Крунослав Цапак, раководител на Хрватскиот институт за јавно здравје, вели дека сертификатот мора да ги содржи името и презимето на вакцинираното лице, земјата од каде што потекнува, името на примената вакцина, датумот на вакцинација, сериски број и каде може да се прочитаат податоците.
„Појавата на сертификатите за вакцинација е дефинирана, но засега тие се користат само за медицински цели, а не за минување на границата. Сега интензивно се дискутира за употребата на сертификати за преминување на границите, сигурно ќе дојде време кога ЕУ ќе ја донесе таа одлука, но сè уште постојат многу прашања и контроверзии”, рче Цапак за „Јутарњи лист“, додавајќи дека досега ниту една земја на ЕУ нема донесено одлука за преминување на границата врз основа на вакцинација, но постојат билатерални договори.
„И ние имаме неколку билатерални разговори за признавање на сертификатите за вакцинација“, додаде тој.
Понатаму појасни дека сè уште не е утврдено како визуелно ќе изгледа ковид-пасошот, но има договор на ниво на ЕУ за содржината.
Со оглед на тоа дека тоа ќе биде паметно решение, додава Цапак, ќе бидат потребни до три месеци за да почне неговата употреба.
„Јутарњи лист“ пишува дека на ниво на Унијата сè уште се дискутира дали граѓаните кои биле вакцинирани ќе добијат паметни картички со код што може да се чита на мобилен телефон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Цистерни со нафта излетаа од шини на железничката пруга Ваљево – Косјериќ

Две цистерни полни со нафта синоќа излетаа од шините на железничката пруга Ваљево – Косјериќ, во близина на местото Ражана, пренесуваат локалните медиуми.
Според информациите, цистерните биле при крајот на товарниот воз што се движел кон Косјериќ. Засега не е познато што ја предизвикало несреќата, ниту дали имало истекување нафта од композицијата.
Локалните портали јавуваат дека екипи се на терен и се очекува официјално соопштение од надлежните органи за причините и можните последици од инцидентот.
Свет
Израелските воздухопловни сили нападнале околу 140 цели во Појасот Газа

Израелските одбранбени сили (ИДФ) денеска соопштија дека изминатиот ден израелските воздухопловни сили нападнале околу 140 цели во Појасот Газа, вклучувајќи згради што ги користат терористичките групи.
Нападите се случуваат во време кога копнените трупи од три дивизии на ИДФ продолжуваат да напредуваат во градот Газа, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Армијата соопшти дека трупите на Голанската бригада на ИДФ во еден инцидент во Газа забележале ќелија од пет борци на палестинското милитантно движење Хамас, кои испукале ракета RPG кон зградата каде што биле стационирани израелските сили, и дека тие возвратиле на нападот.
Свет
Поради тајфунот Буалој илјадници луѓе се евакуирани во Виетнам и на југот на Кина

Виетнам денеска ги затвори аеродромите и евакуираше илјадници луѓе во областите што потенцијално би можеле да бидат погодени од сè посилниот тајфун Буалој, кој се движи кон земјата од Филипините, каде што предизвика најмалку десет смртни случаи и разорни поплави.
Се очекува тајфунот со брзина на ветер од 133 километри на час да стигне до централниот дел од Виетнам во текот на денот, соопшти Виетнамската национална метеоролошка агенција.
„Ова е брзо движечка бура, речиси двојно поголема од просечната брзина, со висок интензитет и широка област на влијание. Способна е истовремено да предизвика повеќе природни катастрофи, вклучувајќи силни ветрови, обилни дождови, поплави, лизгање на земјиштето и крајбрежни поплави“, се вели во соопштението на метеоролошката агенција.
Властите во централната покраина Ха Тин започнаа со евакуација на повеќе од 15.000 луѓе, соопшти виетнамската Влада, додавајќи дека илјадници војници се во состојба на готовност за да му пружат помош на населението. Виетнам ги прекина операциите на четири крајбрежни аеродроми, вклучувајќи го и меѓународниот аеродром Дананг, и ги прилагоди времињата на полетување на неколку авиони, соопшти Управата за цивилно воздухопловство на Виетнам. Обилните дождови веќе предизвикаа поплави во Хуе и Куанг Три, соопшти виетнамската Влада.
Кинескиот град Сања во јужната островска покраина Хајнан е исто така ставен во состојба на зголемена готовност, бидејќи тајфунот Буалој, 20-тиот тајфун оваа година, се приближува кон јужниот дел од островот, соопшти кинеската покраинска метеоролошка опсерваторија.