Македонија
Скопјани се во опасност со одлуката за презаштита на Водно, предупредуваат активистите кои бараат средба со Заев
Граѓанските здруженија „Го сакам Водно“ и „О2 иницијатива“ доставијa барање до претседателот на Владата, Зоран Заев, за итна средба заедно со претставници од Шумарскиот факултет, МЗШВ, УХМР, ЦУК, Агенција за за планирање на просторот.
Причината е што Министерството за животна средина и просторно планирање на чело со министерот Насер Нуредини одлучија да продолжат со процесот на репрогласување на дел од планината Водно за заштитено подрачје, но овој пат со многу ниска заштита од V категорија – заштитен предел.
„Наместо изготвување на бараниот посебен закон за Водно, со кој би се изготвила сеопфатна, интегрирана заштита на Водно, се продолжува со одлуката базирана само на еден многу мал аспект од Водно. Особено опасен е ставот на МЖСПП дека донесувањето на одлуката не претставува пречка за подготовка на посебен закон за Водно, кој откако ќе биде изработен ќе може да ја инкорпорира и донесената одлука. Причината е што со предвиденото зонирање и предвидените активности се поништуваат огромен број на веќе изработени студии за заштита од ерозија и поплавување“, наведуваат здруженијата.
Според нив, носење на одлуката за презаштита на Водно и носењето на посебен закон за Водно не може да одат рака под рака, зошто ќе се во меѓусебна колизија и ќе се поништуваат еден со друг.
Предеупредуваат дека ако Владата ја донесе предложената одлука за презаштита на Водно, но овој пат од V категорија, ќе ја доведе безбедноста на граѓаните на Скопје во опасност, поради неземање предвид на ерозивните процеси на Водно, појавата на свлечишта, опасноста од поројни поплави и пожари. Бидејќи зонирањето кое се наметнува со одлуката не ги зема овие нешта предвид.
За разлика од построгата и постоечка заштитата која е на сила од 1976, со измени во 1989, 1990, 1991, со која најголемиот дел од Водно е заштитен како предел со посебни природни карактеристики: парк-шума. Водно во својот најголем дел е вештачки пошумено со видови кои претежно не се автохтони. Она што во најголема мера настанало вештачки, се прогласува за природно тогаш, поради постоење на правен вакуум и неопходноста за заштита поради безбедносната улога која ја има пошуменото Водно за град Скопје.
Водно е повеќенаменско, каде на прво место доаѓа безбедноста од поплавување на градот и заштита од пожари, потоа неговата рекреациска улога, еколошката улога за прочистување на воздухот и на крај е заштитата на природното и културно наследство. Граѓанските здруженија се децидни дека неспорен и апсолутен приоритет е безбедносната улога на Водно, која со прогласување на Одлуката за Водно за заштитено подрачје од V категорија ќе се поништи.
Во доставеното мислење на Агенцијата за планирање на просторот до МЖСПП се наведува: „Прогласувањето на подрачјето со уважување на само еден аспект (природниот, кој за Водно воопшто не е доминантен) и игнорирајќи ги останатите, кои за граѓаните на Градот Скопје значат заштита, безбедност и живот без сериозни закани; значи дека Водно ќе го претвориме во еден простор кој за идните генерации наместо подрачје со мултифункционално значење, ќе се претвори во подрачје со бројни проблеми без решение.“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши – Јиан: Билатералните односи со Кина во духот на меѓусебно разбирање, почитување и конструктивна соработка
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, оствари средба со Ли Јиан, генерален директор за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Народна Република Кина.
Посакувајќи му добредојде во законодавниот дом од името на пратениците, претседателот Гаши истакна дека и покрај географската оддалеченост, билатералните односи остануваат срдечни и продолжуваат да се развиваат во духот на меѓусебно разбирање, почитување и конструктивна соработка.
Тој ја повтори посветеноста на државата на принципот на „Една Кина“, односно признавањето на Владата на Народна Република Кина како единствена легитимна влада на кинескиот народ и признавањето на Тајван како неотуѓив дел од кинеската територија.
Понатаму, претседателот Гаши информираше дека парламентарното мнозинство останува цврсто фокусирано на реализација на клучните стратешки цели кои се непроменети од нашето осамостојување, односно напредок кон отворање на преговори за полноправно членство во Европската Унија.
Двајцата соговорници се сложија дека иако соработката на билатерално ниво дава опипливи резултати во широк спектар на сектори – има простор за продлабочување на односите во областа на туризмот, културата и трговската размена. Беше нагласен и континуираниот придонес на Кинеската амбасада во Скопје за развојот и унапредувањето на односите меѓу двете држави.
Исто така, беше потенцирано дека Пратеничката група за соработка со Парламентот на Народна Република Кина, која се формира во Собранието во сите досегашни мандати, е форум за воспоставување, негување и продлабочување на потесни меѓупарламентарни врски и размена на мислења за сите аспекти на законодавната работа меѓу меѓу двете држави.
Генералниот директор за европски прашања му врачи на претстедателот Гаши честитка од неговиот хомолог, Џао Леџи, претседател на Постојаниот комитет на Секинескиот народен конгрес.
Македонија
Пуштена за сообраќај клучката на автопатот Охрид-Кичево, кај селото Подмољје
СВР Охрид ја известува јавноста дека од денеска, во редовен сообраќај е пуштен сообраќајниот крак-клучката на автопатската делница Охрид-Кичево, кај селото Подмољје, општина Дебрца.
Со тоа, воспоставен е нормален сообраќај во правецот Охрид-Кичево-Скопје, Охрид-Струга , Струга-Кичево-Скопје и Струга-Охрид и истата е во редовна функција без дополнителни сообраќајни ограничувања.
„Апелираме до возачите на патнички и други моторни возила, при користење на овој сообраќаен крак како и на целата автопатска траса, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи како и и другата поставена хоризонтална и вертикална сигнализација и со тоа, да придонесат за зачувување на сообраќајната безбедност“, велат од СВР Охрид.
Македонија
Делови од Карпош и Центар утре без вода
Делови од Карпош и Центар утре ќе останат без вода, извести ЈП Водовод и Канализација.
„Поради промена на вентил ф-2 на крстосницата ул.Октомвриска Револуција/ бул.Партизански Одреди , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од зграда 10,12 и 14 на ул.Октомвриска Револуција и дел од бул.Партизански Одреди (потегот од Никола Тесла до Октомвриска Револуција). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот. Поради водоводен приклучок од ф 100мм на ул.Наум Наумовски Борче бр.63, со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од ул.Наум Наумовски Борче бр.63. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување.(Центар)“, се наведува во соопштението.

